Connect with us

Македонија

Денеска почнува ПОПИСОТ, кои се протоколите

Published

on

Во 50 пописни реони во Македонија денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално стартува изутринава во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.

Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

 Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера на прес-конференција најавувајќи го денешниот старт на пописот истакна дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.

„По речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните регони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови“, истакна Симовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.

„Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици, кои се говорат во Република Северна Македонија. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика“, нагласи Маричиќ.

Министерот за правда потенцира дека пописот е натпартиска статистичка операција и изрази задоволство што сите релевантни поголеми политички партии го поддржале.

Пописот првично требаше да се одржи во април, но се одложи поради пандемијата. Статистичката операција се спроведува по претходно предвидени протоколи. Две третини од попишувачите се вакцинирани, а оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, ќе имат можност да побараат вакцинирани.

Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.

Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести.

Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.

Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски во интервју за МИА истакна дека Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен.

„Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е: правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот, како и лаптопот, со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра“, појаснува Симовски.

Согласно Протоколот секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор, а Симовски за МИА изразува уверување дека временските прилики ќе го дозволат тоа.

Симовски вчера истакна дека во случаи кога граѓаните ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи, тоа и ќе им биде овозможено, а во однос на бројот на вакцинирани попишувачи, рече дека точната бројка ќе се знае деновиве. Две третини, како што посочи, се вакцинирани бидејќи тоа го навеле кога се пријавиле за попишувачи.

„Немаме идеално точна бројка, бидејќи пријавувањето за учество во пописот започна во почетокот на август и во пријавата кажуваат дали се вакцинирани или не. Две третини се вакцинирани во тој период кога се пријавени, меѓутоа дали некои од оние кои не беа вакцинирани, во меѓувреме се вакцинирани, не знаеме до овој момент.  Тоа ќе го знаеме во текот на овие денови бидејќи треба да се приберат сите информации и да се регистрираат“, рече Симовски.

Во однос на заболените од ковид-19 Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува списоци, каде има заболени лица и лица во изолација.

„Нашата намера е да сочекаме, ако за тоа има можност, да излезат овие лица од изолација и тогаш да го спроведеме попишувањето, да биде најбезбедно и за самиот попишувач. Меѓутоа, ако не постојат услови за вакво нешто, тогаш имаме посебни протоколи како да се постапува во попишувањето во домаќинства кадешто имаме заболено лице или лица во изолација“, појасни Симовски.

Обуките и подготовките на теренските попишувачи се спроведувале во насока попишувачите брзо и ефикасно, без да се задржуваат во домовите, за 10 до 15 минути да ја заврши целата операција во домот.

За 50 пописни реони предвиден оптимален број попишувачи, само во неколку ќе се ангажираат лица според владината одлука

Земјата е поделена на 50 пописни реони, а за подготовка, организација и спроведување е задолжен Државниот завод за статистика. Во организацијата и спроведувањето на Пописот учествуваат и Советот за статистика, комисиите за пописните реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници согласно одредбите од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

За бројката на попишувачи, Симовски во интервјуто за МИА вели дека за секој од 50-те пописни реони е предвиден оптимален број на попишувачи.

„Но, тоа не значи дека и со помал број не може да се заврши работата. Во моментов, само за неколку пописни реони ќе се ангажираат лица според одлуката на Владата, а во другите реони има доволен број на попишувачи кои ефикасно и успешно ќе ја завршат својата обврска. Впрочем, овој пат Пописот трае 25 дена што е доволен период за целосен опфат на населението на целата територија на државата“, додава тој.

Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот, но ограничувачки фактор било тоа што тие мораат да бидат невработени, а многу малку биле заинтересирани на самиот почеток.

„Имавме подолготрајна кампања, па дојдовме до бројката од над пет илјади попишувачи, а онаму каде што недостасуваа, покриваме со лица ангажирани на договор на дело, бидејќи тие не се во редовен работен однос и нив не им тече стаж“, изјави вчера министерот за правда Маричиќ.

Според него такви се неколку стотици попишувачи, голем дел од нив биле и од Управата за водење матични книги, кои и онака работат со лични податоци.

Доколку членовите на едно домаќинство кои треба да се попишат не се дома, тогаш попишувачите оставаат порака со временска одредница кога повторно ќе поминат. Оставаат и телефонски број во случај ако лицето не е во можност во наведениот период да биде дома, да закаже со попишувачот кога може да се спроведе попишувањето.

„Ова е техника која ја применувавме во сите пописи досега и секогаш се покажувала како успешна. Нема можност да биде никој изоставен и никој нема да седи дома 26 дена за да чека попишувачи, туку нормално си ги извршува своите секојдневни обврски“, вели Симовски.

Во однос на граѓаните кои ќе одбијат да се попишат има прекршочни мерки и глоби, но како што истакна министерот за правда Маричиќ никој не сака да се користат тие методи.

„Нема никаков интерес да не се попишат, пописот е важен за сите, тие резултати ќе се со важност наредните десет години. Не треба да се влегува во политикантски пораки, некои партии мислат што полошо тоа подобро за нив, како Левица и други организации – тоа се деструктивни политички сили, затоа што повикувајќи ги граѓаните да не се попишат, тие се обидуваат да направат фалсификат од пописот“, вели Маричиќ.

Првпат на овој попис освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците – кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата.

Симовски, во интервјуто за МИА, посочи дека по успешно спроведениот попис нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри.

Комбинираниот модел подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази. Вообичаено, овој комбиниран метод е преодна фаза меѓу класичниот попис и пописот базиран на регистри.

„Што подразбира тоа: прибирање на податоци директно од населението на терен и користење на податоци од таканаречената Претпописна база на податоци која е компилирана од повеќе бази кои постојат во државата и чијшто квалитет е анализиран и проверен. Со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата“, додава Симовски.

Вели дека остануваат прашања на кои лицето ќе мора да даде одговор бидејќи за тоа не постојат записи во базите, а ова особено се однесува на чувствителните прашања за етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинството. Ова, додава тој, се прашања со кои се искажува лично чувство и затоа се внесуваат одговори онака како што ќе се изјасни лицето.

Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците шест месеци по  завршувањето на теренските активности, но Симовски за МИА прогнозира дека ќе успеат да ги завршат обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022.

„За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објави само дефинитивни конечни податоци“, појаснува Симовски.

На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век. Првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис по осомастојувањето, а пописот во 2002 година е последниот спроведен попис. Според тогашните прибрани податоци во земјава бројот на населението изнесувало 2.022.547, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови.

Македонија

На празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески

Published

on

Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

–Светол патот, татко мој! – напиша таа на социјалните мрежи. 

Continue Reading

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк