Connect with us

Религија

…зашто Господ милостивиот нејзините молби ги слуша…

Published

on

Кога со леењето солзи го угасна распалувањето на телесните страсти, а го запали огнот на божествената љубов, ти се озари со бесмртноста на Царот Христос, и Му се придружи Нему, добра девојко, и со Него влезе во духовната палата. Параскево, моли се за душите наши.

Денес Црквата пее и ја слави прекрасната невеста Христова, Преподобната Параскева, пофалба на девственоста и миризлив цвет на пустината, чиста гулабиа од Светиот Дух позлатена, која со своите добродетели на земјата умствен рај си посади. Со подвизи, пост и молитва телото го скроти и со несфатливо смирение од него пречист храм на Господа изгради. Со своето слабо женско тело демонот го порази и откако во него Христа Го прослави, нетлена да биде се удостои. Нејзините мошти сите наши балкански краишта ги осветија, најпосле во своето обиталиште во Јаши се сместија. Тука постојано исцеленија и чудеса се излеваат и затоа неа сите православни ја воспеваат. Во своите искушенија на нејзиното молитвено застапништво се надеваат и усрдно се трудат нејзиниот свет живот да го подражаваат. А таа од небесата изобилен благослов им испраќа, молитвите нивни пред својот Жених ги принесува. Затоа се радува секоја христијанска душа, зашто Господ милостивиот нејзините молби ги слуша.

Отсекогаш дебарчани ја полагале својата надеж во молитвената закрила на славната преподобна мајка Света Параскева. Својата љубов и почит кон неа ја претвориле во еден прекрасен храм, изграден во центарот на градот, каде верно го почитуваат нејзиниот свет спомен. И денешната Литургија во тоа светилиште што дебарската душа го посветила на Преподобната, бликаше од соборна љубов и неизмерна радост. Таа ги собра во своето таинство сите верни, обединети во еден дух околу бигорскиот старец, Епископот г. Партениј, кој чиноначалствуваше со литургиското свештенодејствие, заедно со дебарскиот свештеник, отец Миле и браќа јеромонаси. Длабоко допрен од благодатното присуство на Светителката, Старецот им ги погали душите на сите присутни во храмот со едно топло љубовно слово за мајчинскиот призив на кој се повикани сите Христијанки:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, собрани во овој свет храм, со радост и благодарност кон Бога, го прославуваме сечесниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, светителка од монашкиот род. Оваа славна светица е особено почитувана кај сите балкански народи, бидејќи, по Божја промисла, нејзиното нетрулежно тело благословило многу места на Балканот, од териториите на некогашна Византија: се упокоила во родниот град, потем нејзиното тело било пренесено во Константинопол, оттаму во Трново, па повторно во Цариград. При османлиските завојувања нејзините свети мошти биле однесени во Белград, за најпосле да завршат во романскиот град Јаши, каде што нераспаднати почиваат до ден денес, творејќи многу чудеса. 

Св. преп. Петка Епиватска (икона во храмот „Св. Петка“, Дебар)

Оставајќи ја духовната пустина на овој свет, во кој сите нешта се суета, Света Параскева како монахиња заминала во географската Јорданска пустина, принесувајќи се себеси на Христа како жртва сепаленица. Била голема подвижница, непрестајно трудејќи се во многу лични подвизи, и телесни и духовни, а не оставајќи го, се разбира, и делото на милосрдието. Впрочем, милосрдието е елејот што гори во срцето човеково за просветление и спасение на душата, без кој залудна е и девственоста и сите други подвизи, како што чувме пред малку од светото Евангелие за петте неразумни и петте мудри девојки. Имено, иако сите тие биле девственички, само тие што безрезервно им ги предале срцата на својот Младоженец Христос и што имале дела на милоста, милосрдието и љубовта кон ближните од овој свет, влегле во радоста и славата на својот Господар, во Царството Небесно. 

Подвигот што оваа преподобна жена доброволно го вршела сиот свој живот од љубов кон својот Господ, ја направил толку многу славна, што веќе илјада години нејзиното име се слави и со побожност и почит се споменува од безброј верни. Ѝ се молиме и ни помага. Тука е во нашите маки, неволи, во нашите искушенија. Иако таа телесно не родила ниедно дете, на некој начин, сите ние сме нејзини духовни чеда. Ја нарекуваме преподобна мајка наша Параскева. Мајка е зашто што го примила на дар и совесно го исполнила призивот за духовното мајчинство. Да се роди телесно е нешто природно и лесно, но духовното раѓање подразбира голема жртва и подвиг. Колку ли само самоодрекување и посветеност е потребно, за правилно да се издигне едно чедо и да се упати на добриот спасителен пат, та да стане вистински човек во Христа! Уподобувањето на Христа е, всушност, нашето исконско предназначение. Создаден првобитно според Божји образ и подобие, човекот по гревопадот во Рајот го загубил подобието, сличноста со својот Творец, па следствено, треба да се труди повторно да го стекнува, воспитувајќи се и издигнувајќи се во законот на љубовта, испишан во нашите срца преку крштението и преку светото Евангелие.

Божествениот апостол Павле вели дека во Христа нема повеќе машки пол и женски, туку сите се едно во Него (сп. Гал. 3,28). И навистина, еве, Светата Параскева според нејзината биолошка природа била жена, но гледате дека таа била похрабра од илјадници мажи; извојувала победа над себеси, над страстите, над поднебесните сили на злото и станала застапница за сите верни. Колку ли само е славно нејзиното име денес, впишано во нашите срца, коишто ја чувствуваме нејзината мајчинска помош! Вие знаете дека просто и да нема град кај нас, а да нема во него храм посветен на оваа преподобна мајка; нејзиниот култ кај народот е огромен, нејзините чуда – недобројни. Верниците секогаш притекнуваат кон неа како кон мајка, барајќи го нејзиното молитвено застапништво пред Христа. Таа, пак, никогаш не нè остава, туку усрдно ни помага и нè благословува. 

Епископ Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител г. Партениј

Оттука, да ѝ се молиме, мили мои на нашата мајка Параскева да посредува за нас, та да станеме дејствителни Христијани. Да го стекнеме дарот на духовното родителство, коешто раѓа плодови за живот вечен. И монасите и брачните треба да се огледуваат на Преподобната Параскева. Особено жените мајки, кои го имаат призивот да бидат духовни атлети, непоклатни столбови на христијанските добродетели, затоа што ако погледнеме низ историјата, ќе увидиме дека жените, како стожери на христијанските семејства, биле причината за силните и здрави заедници и општества. Мајката како воспитувач во Христа, била таа што во синовите и ќерките го всадувала и одгледувала евангелското слово и го впишувала Хриството име во нивните срца. Затоа мајката има преголема одговорност. 

Преподобната мајка Параскева била и до денес останува блескав пример за сите мајки, поучувајќи ги со своето житие да застанат на правиот пат и да Го постават Христа над сè. За жал, малкумина се тие што го применуваат ова и затоа времето во кое живееме ги изгубило основните животни вредности. Всушност, сите благородни принципи, устреми и ментални издигнувања за свој темел го имаат Христијанството. А тие денес се сериозно расклатени токму затоа што луѓето ја изгубиле и не живеат според својата христијанска вера. За да би се вратиле, пак, на вистинските вредности што го облагородуваат и возвишуваат човекот, неопходно е да го погазиме својот егоизам, тој страшен деструктивен и сеуништувачки ѕвер, од кого произлегуваат сите погубни страсти. Егоистичиот и острастен човек не е повеќе човек во онтолошка смисла, туку едно несреќно битие поробено од злото. Единствено охирстовениот човек е вистински човек, суштина во полнотата на битисувањето. Тоа ни го покажуваат безбројните светии, обожените мажи и жени, како, на пример, денешната славеничка, Преподобна Параскева. Нека ни биде нејзиниот живот парадигма според која треба да ги сообразиме и нашите стапки по Христа, согласно зборовите од нејзиниот тропар: „по стапките на Христа, твојот избраник, си тргнала и благиот Негов јарем од младоста си го зела, со крстот си се наоружала против враговите на душата, со пост, молитви и капки од солзи си ги угасила страстите, многуславна Параскево“. 

Нејзините молитви и мајчинска закрила да бидат со сите нас! Амин!

Bigorski.org.mk

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк