Д-р Анџелик Коици, првата докторка во Јужна Африка која ги предупреди властите за пациентите со новата варијанта на коронавирусот – омикрон, изјави за британски „Телеграф“ дека симптомите на новиот вид се необични, но благи.
Д-р Коици истакнала дека првпат забележала дека е можно да се појави нова варијанта кога во ноември во нејзината приватна ординација во Преторија почнале да доаѓаат пациенти со симптоми на ковид-19 кои на почетокот немале смисла, пишува британски „Телеграф“.
Меѓу нив имало млади луѓе од различно потекло и националност кои се пожалиле на чувство на интензивен замор, но и едно шестгодишно дете кое имало многу забрзан пулс. Сепак, ниту еден од нив немал губење на сетилот за вкус или мирис.
„Нивните симптоми беа толку различни и поблаги од оние што порано сум ги лекувала“, рекла д-р Коици, општ лекар со 33-годишно искуство.
Кога на 18 ноември четворица членови од едно семејство биле позитивни на тестот за ковид-19, а од симптомите имале само целосна исцрпеност од симптомите, таа го информирала советодавниот комитет за вакцини за исходот.
Д-р Коици истакнала дека околу две десетини од нејзините пациенти се позитивни на коронавирусот со симптомите на новата варијанта. Главно, тоа биле здрави мажи кои кај неа доаѓале жалејќи се на „неопислив замор“. Таа додала и дека приближно половина од нив биле невакцинирани.
– Имавме еден многу интересен случај, дете на околу шест години, со температура и многу висок пулс. Прашав дали треба да го хоспитализирам. Но, кога го испратив случајот два дена подоцна, беше многу подобро – раскажала докторката.
Д-р Коици нагласила дека сите нејзини пациенти сега се здрави, но е загрижена дека варијантата омикрон би можела лошо да влијае на постарите луѓе, со придружни болести, како што се дијабетесот или срцевите заболувања.
„Она за што сега мора да се грижиме е дека кога постарите, невакцинирани луѓе ќе се заразат со новата варијанта, ќе видиме многу луѓе со тешка форма на болеста“, рекла таа.
Варијантата B.1.1.529, наречена омикрон, првпат беше идентификувана во Боцвана на 11 ноември, а досега е откриена во Јужна Африка, Велика Британија, Израел, Холандија, Белгија и Хонг Конг. Тоа е најмутираната форма на ковид-19 досега откриена, со 32 мутации во спајк протеинот (шилецот), а научниците се загрижени дека мутациите би можеле да овозможат да ги избегне постоечките вакцини (односно тие да бидат помалку делотворни) и брзо да се шири..
Судејќи според она што го рекла д-р Коици од Јужна Африка, првиот и основен симптом е огромен, неопислив замор, а потоа појава на температура и забрзан пулс.
Поради омикрон многу земји од петокот воведоа нови рестрикции за патување, а фармацевтските компании се во трка за да утврдат дали новите вакцини против ковид-19 се ефикасни. Научниците велат дека ќе трeба неколку недели за да се дефинира типот на болеста што ја предизвикува новиот сој, да се утврди колку е заразен и колку е проширен.
Некои забележуваат дека и други варијанти, како бета, прво беа откриени во Јужна Африка, но со време ги замени делта. Делта сојот останува доминантен во светот, но уште не се знае дали омикрон ќе може да надвладее.
Но најголемото прашање останува дали ќе издржи заштитата на вакцините – скоро 8 милијарди дози се примени во цел свет. И дали оние кои прележале ковид ќе бидат имуни од зараза со омикрон? Експертите не знаат и дали омикрон ќе предизвика потешка или полесна форма на болеста од другите соеви. Но, научниците немаат дилема дека вакцинацијата треба да остане приоритет, оти сепак ќе дава заштита до извесен степен. Исто така, секој треба и понатаму да носи маска, да избегнува гужви, да ги проветрува просториите и да мие раце.
Светската здравствена организација (СЗО) официјално го именуваше новиот сој омикрон, и соопшти дека има многу мутации, а првичните сознанија сугерираат зголемен ризик од реинфекција. Првичните студии покажуваат дека степенот на репродукција на омикрон е 2 – што значи дека секој заразен ќе го пренесе на уште двајца. Но омикрон има над 30 мутации во делот на вирусот кој што го напаѓаат постоечките вакцини. Експерименталните антивирусни таблети, како паксловид на „Фајзер“ и молнупиравир на „Мерк“, ги напаѓаат деловите на вирусот кој не е сменет со омикрон, така што овие таблети може да станат уште поважни ако има закана за имунитетот стекнат од вакцините.
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.