Милева: Согласно изјавата на сведок, недостасува ЕДЕН ПРЕЖИВЕАН!

На местото на автобуската несреќа се пронајдени 44 трупа, наспроти наводите дека во несреќата настрадале најмалку 45 лица, рече портпаролката на главната обвинителка на Бугарија, Сијка Милева.

„Од тука доаѓа и простата математика дека ние располагаме со податоци дека во автобусот патувале 52 патници. Најдовме 44 трупа, во болница се хоспитализирани 7 лица, 4 мажи и 3 жени. Останува големата загатка – каде е осмото лице? Работиме по таа верзија, не сакаме да правиме забуна пред јавноста. Може да станува збор и за несоодветна изјава од очевидецот“, рече Милева.

Како што појасни таа, еден од преживеаните категорично изјавил дека се спасиле 8 лица.

Таквата појава, главниот истражител, Сарафов, ја толкува како можнос еден од патниците во автобусот, да преминал во некој од другите три автобуса коишто биле заедно со изгорениот.

„Во моментот тоа е загатка за нас, но ќе биде предмет на истрагата“, вели Сарафов.

Арсовска: Градот Скопје ќе додели два милиона денари за семејствата на починатите од Скопје во автобуската несреќа

Градот Скопје ќе додели два милиона денари за семејствата на починатите од Скопје во автобуската несреќа што пред два дена се случи во соседна Бугарија. Дадов предлог до Советот на Град Скопје на својата наредна седница да одлучува за доделување на парична помош во знак на солидарност кон семејствата и почит кон настраданите.Градот Скопје уште еднаш изразува длабоко жалење и сочувство до семејствата на настраданите, а на повредените им пожелува побрзо закрепнување – напиша градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Сарафов со прва прес конференција по несреќата: Најверојатно се работи за човечка грешка, немало туби со бензин, а опасност е банкината

Директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов на првата прес-конференција по случената трагедија кај „Струма” изјави дека првичните информации укажуваат дека најверојатно се работи за човечка грешка кој што ја отежнале и несоодветните обележувања на автопатот. Сарафов вели дека банкината во која што удрил возачот со автобусот не само што е непотребна на местото, туку е и опасна.

„Немало експлозија, туку она што го слушнале оние кои биле во близина е ударот, силниот удар на автобусот во банкината од десната страна, за која што кажав дека не и е местото таму. Немало експлозија’, изјави Сарафов. 

„Во медиумите се прикажува дека има по 15 до 20 очевидци, а нема очевидци. Ние не сме испрашале ниту еден очевидец, освен оние кои преживеале во несреќата. Ќе замолам да нема шпекулации и да се известува професионално. Сведоци нема ниту еден. Прво се распитани двајца од оние кои патувале во автобусот, кои биле будни и тие даваат точни и објективни сознанија. Распитани се посебно еден од друг и кажуваат исти верзии за настанот. Се испрашуваат уште двајца од преживеаните”, вели Сарафов.

Некои од експертизите се готови, а завршени се и обдукциите врз загинатите..

„Обдукциите се готови и покажуваат дека сите загинале од задушување, а не од повреди во сообраќајка. Биле живи во моментот на пожари. Ангажирани се најдобрите авто-технички експерти, а назначена е и анализа од пожарна за интензитетот на пожарот. Ќе се прави и експертиза зошто автобусот скршнал од патот и што довело до трагедијата. Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби, но има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од нив. Нема туби од бензин, освен оние вообичаените”, изјави Сарафов.

Тој ја отфрли верзијата за можен терористички напад врз автобусот и додаде дека како дел од причините на несреќата се и лошите обележувања на автопатот.

„ Гледаме дека има лошо обележана сигнализација на патот, и дека автобусот удрил во банкината која не само што не е корисна, туку е и опасна за сообраќајот”, појаснува Сарафов.

Бојан од Битола ја донира половина од заработката од тикет за лекување на дете од тешка болест 👏

Бојан од Битола со хуман потег ќе ја донира половината од заработката за лекување на дете од тешка болест.

Епа вака другари.Овој тикет е добитен.Решив 50% од неговата вредност да ја донирам на социјално загрозено семејство, лекување на дете од тешка болест или некоја друга форма на загрозување.Би Ве замолил да ме исконтактирате во порака и со тоа да ми помогните да одлучам на кого би ги дал парите.Ама навистина да знам дека сум помогнал на вистински луѓе.Во мојот живот сум поминал низ различни социјални периоди, периоди на транзиција и многу прашалници, но секогаш останав цврсто на земја и не се вообразив.Парите ќе се потрошат, ги има или ги нема. Никогаш доста.Многу е лесно да влезиш со нога в кафана и да го порачаш Тома и да викниш шо пие кафаната, но да се решиш да донираш, да си хуман то не се стекнува. Или го имаш во срцето или го немаш.Сумата далеку од тоа дека е голема, но со ништо на светот не можиш да ја купиш насмевката на лицата на оние кои во моментот гледаат темнина.Ви ја фрлам ракавицата на сите кои можите да донирате и помагате.Прајте добри дела. Некогаш тоа спасва живот во вистинска смисла на зборот.Ве очекувам. – пишува Бојан од Битола.

82 години од печатењето на „Бели мугри” на Кочо Рацин

На денешен ден, 15 ноевмри во 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Збирката, испечатена во 4.000 примероци, претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

„Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе.

Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух.

Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Свети Јован Милостив

Патријарх Александриски. Роден е на островот Кипар во кнежевско семејство. Воспитан од детството како вистински христијанин. На настојување од родителите се ожени и имаше деца. Но, по Божја Промисла се упокоија и децата и жена му. Прочуен заради милосрдието и благочестивоста, Јован беше избран за патријарх Александриски во времето на царот Ираклиј. Десет години управуваше со александриската Црква како вистински пастир, чувајќи ја од незнабошците и од еретиците.

Беше пример на кротост, милосрдие и човекољубие. „Ако сакаш благородство“, велеше, „не барај го во крвта туку во добродетелта, зашто тоа е вистинското благородство“. Сите свети се одликуваа со милосрдие, но свети Јован ѝ беше предаден на оваа света добродетел. Еднаш, служејќи Литургија се сети патријархот на Христовите зборови: „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23, 24) и се сети дека еден од клириците е зловолен кон него; тој брзо ги остави Светите Дарови, му пријде на тој клирик, му падна пред нозете и го замоли за прошка. И, дури кога се измири со човекот се врати пред жртвеникот.

Еднаш, пак, одејќи кон црквата на светите Кир и Јован, се случи да го сретне една бедна вдовица и почна да му говори за својата беда. Придружниците на патријархот почувствуваа здодевност од долготрајната поплака на жената, па му рекоа на владиката да побрза в црква на служба, а жената би можел да ја слуша и после службата.

Свети Јован им одговори: „А како ќе ме послуша мене Бог ако јас не ја послушам нејзе?“ И не сакаше да мрдне од местото дури не ја ислуша нејзината поплака докрај. Кога Персијците удрија на Египет, патријархот Јован седна во кораб за да се оддалечи од напаста. По пат се разболе и кога стигна на Кипар умре, завршувајќи го животот во својот роден крај, во 620 година. Неговите чудотворни мошти се пренесени најпрво во Цариград, а потоа во Будимпешта и најпосле во Пресбург.

Документарен филм за Охрид: Европскиот Ерусалим, духовната престолнина на Македонија (ВИДЕО)

Во изминатите години во етерот се појави една видео продукција која полека, но сигурно со својата упорност, истрајност и посветена работа успева да создава видео записи кои ги овековечуваат природните ресурси и културното наследство на Македонија.

Продукцијата „Аристон“, која успешно продуцира кратки документарни филмови, podcast и други содржини, по документарците за археолошкиот локалитет Билазора и геоглифот кај Свети Николе, за Кратово, за Ѓуриште и други локации, ја шири својата работа и на другиот крај од државата.

На „YouTube“ веќе можат да се погледнат најавите за новата документарна серија посветена на Охрид, но и исечок од нивниот документарен филм за Охрид.

Проектот им е насловен како „Лихнид, европскиот Ерусалим, Македонската духовна престолнина“

Мерките на Филипче се промашени и нелогични бидејќи ги делат граѓаните

Овие мерки на Владата претставени од министерот за здравство не личат на мерки за спречување на нов бран на корона, бидејќи оние кои ќе се вакцинарираат ќе имаат дури во февруари имунитет. Јас би донел поинакви мерки или би направил мерки веднаш и сега. Ова сега е еден вид кампања за поттикнување која требаше да ја има одамна, а сега личи на кампања за присилна вакцинација, рече доктор Никола Пановски, на гостувањето во емисијата Само вистина што се емитува на телевизија Канал 5.

Пановски посочи дека мерки за стекнување на имунитет не може да бодат такви со што ќе се делат граѓаните.

-Зошто само за вработени во јавни установи, не може да се прават разлики за ова, рече Пановски.

Дека се нелогични Пановски објасни и со примери.

-Има човек кој пет пати дарувал крвна плазма има неколку илјади антитела и нема право на сертификат, кажа Пановски.

Според него вакцинацијата во Македонија генерално трае многу кратко.

-Но, ова што го прави Македонија го нема никаде, не може да се ограничуваат луѓе кои вистиснки прележале, имаат антитела, рече Пановски.

Тој посочи и пример.

-Има осум починати прележани од февруари 2020 година, споредено со 400 или 350 починати комплетно вакцинирани, не знам за што треба понатаму да дискутираме, рече Пановски.

Поранешен хармоникаш на чело на РЕК Битола

Пеце Матевски, хармоникаш и досегашен директор на Термоелектрана е назначен за в.д. директор на РЕК Битола, откако беше разрешен досегашниот директор Златко Ќурчиевски.

Според ЕСМ, ќе следат и други кадровски промени во комбинатите, за да се подобри производството.

Инаку, Матевски е познат во јавноста како хармоникаш, кој своевремено настапуваше со групата Бон – Тон, а пак пред неколку години беше дел од Три Бенд, со кој имаше редовни гостувања во ресторани, но и на свадбени веселби.

На неговиот профил на социјалните мрежи се актуелни фотографии и видео снимки од настани на кои гостувал со бендовите, но исто така актуелна е и објавата дека пред четири години магистрирал на тема -Потребни карактеристики и вештини на менаџерите за продажба на брендирани производи.(ФОКУС)

ОДЗЕМЕНА лиценцата за работа на Беса Транс, КОЈ ИМ ДОЗВОЛИЛ да возат !?

За автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, нема издадено извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници. Возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци поради што на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејност, информира Министерството за транспорт и врски.

– После официјално доставените податоци од Министерството за внатрешни работи, а во однос на опожареното возило со регистарски број SK-0284-BA во сопственост на фирмата „Беса Транс БТБ“, кое учествуваше во сообраќајната несреќа со трагични последици во Република Бугарија, Министерството за транспорт и врски утврди дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници. Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски, соопшти ресорното Министерство.

Притоа, напоменуваме, се вели во соопштението, дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса Транс БТБ“, а возилото кое учествуваше во несреќата не е меѓу нив.

– Согласно член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, а поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски, а воедно и со цел да се превенира какво било друго дејство од страна на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици, на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност. Притоа, фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски, велат од Министерството.

Дополнително, додаваат, Владата на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на превозникот „Беса Транс БТБ“.

-Министерството за транспорт и врски е во целосна координација со останатите државни институции и стои на располагање со целокупната база на податоци, нагласуваат од Министерството.