Славата што Господ им ја дарува на светителите е голема. Кога луѓето би го виделе светителот каков што е, од длабока побожност и страв би паднале на земјата, бидејќи телесниот човек не може да ја поднесе големината на небесното јавување.
Да не се чудиме на ова. Господ толку го возљубил Своето создание што на човекот му го дарувал Светиот Дух. Со Него човекот станува подобен на Бога.
Зошто Господ толку го љуби човекот? Затоа што Бог е Љубов и таа љубов се познава преку Светиот Дух.
Преку Светиот Дух човекот Го познава Господа, Создателот свој и Светиот Дух со благодатта Своја го исполнува целиот човек: душата, умот и телото.
Господ на светителите им ја дарувал благодатта Своја. Тие Го возљубле потполно бидејќи сладоста на љубовта Божја не дава да се врзуваме за светот и за неговата убавина.
Колку светителите на небото со љубов се соединети со Бога, кога е така уште тука на земјата? Таа љубов е неискажливо слатка. Таа исходи од Светиот Дух и со неа се хранат сите сили небесни.
Бог е љубов. Затоа и Светиот Дух Кој живее во светителите е љубов.
Господ се познава преку Светиот Дух. Со Него се прославува Господ на небото. Со Светиот Дух светителите Го слават Бога и преку даровите од Светиот Дух Господ ги прославува светителите со слава на која нема да има крај.
На многумина им се чини дека светителите се далеку од нас. Но, тие се далеку само од оние што самите се оддалечиле од нив, додека се сосема блиску до оние кои ги исполнуваат заповедите Христови и имаат благодат од Светиот Дух.
На небото се живее и се движи со Духот Свети. Но, истиот Тој Дух Свет е и на земјата. Тој живее во нашата Црква. Тој живее во Светите Тајни. Тој е во Светото Писмо, како и во душите на оние што веруваат. Светиот Дух сите нè соединува и затоа и светителите ни се блиски. Тие преку Светиот Дух нè слушаат кога им се молиме и душата чувствува дека и тие се молат за нас.
Колку е голема среќата на православните Христијани што Господ ни дарувал живот во Светиот Дух Кој ја весели душата. Светиот Дух треба мудро да се чува, бидејќи Тој и за една нечиста мисла ја напушта душата. Тогаш љубовта Божја се оддалечува од нас, смелоста во молитвата се губи и исчезнува цврстата надеж дека ќе го примиме она за што се молиме.
Светителите живеат во друг свет и таму преку Светиот Дух ја гледаат славата Божја и убавината на лицето Негово. Во истиот Тој Свет Дух тие го гледаат и нашиот животи нашите дела. Тие знаат за нашите страдања и ги слушаат нашите ревносни молитви. Живеејќи на земјата, се научиле на љубовта Божја од Светиот Дух. Кој се здобил со таква љубов тука на земјата со неа преминува и во вечниот живот, во Царството Небесно каде што љубовта се умножува и станува совршена. Љубовта на земјата не може да заборави ниту еден единствен брат.
Дотолку повеќе што светителите не ги забораваат луѓето, туку се молат за нас.
Господ на светителите им го дарувал Светиот Дух и тие нè возљубиле во Светиот Дух. Душите на светиите Го знаат Господа и добрината Негова кон човекот, и затоа нивниот дух гори со љубов кон луѓето. Тие ниту на земјата не можеле без тага да слушаат за грешен човек, туку со молитва пролевале солзи за него.
Светиот Дух ги избрал да се молат за целиот свет, давајќи им изобилство на солзи. Светиот Дух на Своите избраници им дарува толку многу љубов што нивните души се обземени со огнена желба сите луѓе да се спасат и да ја видат славата Господова.
Светите угодници го наследиле Царството небесно каде што ја гледаат славата на Господа нашиот Исус Христос. Но, преку Светиот Дух тие ги гледаат и страдањата на луѓето на земјата. Господ им дал толку голема благодат што тие со љубов го прегрнуваат целиот свет. Тие гледаат и знаат колку ние изнемоштуваме во неволјите, како пресушила нашата внатрешност, како унинието се прилепило за душите наши и не престануваат да нè застапуваат пред Бога.
Светиите се радуваат на нашето покајание, а тагуваат кога луѓето Го напуштаат Бога и стануваат слични на бесловесните животни. Ним им е жал што луѓето не знаат дека земјата би се ослободила од гревот кога тие би се возљубиле едни со други. Каде што нема грев владее радост и веселие од Светиот Дух. Тогаш на душата сè и е мило и драго и таа се чуди како сè и е добро и Го славослови Бога.
Призивајте ги со вера Мајката Божја и светителите и молете им се. Тие ги слушаат нашите молитви и ги знаат и нашите мисли.
Не чудете се на ова. Целото небо на светии живее во Светиот Дух, а од Светиот Дух ништо во целиот свет не е сокриено. Порано и јас не можев да разберам како светот на небожителите може да го гледа нашиот живот, но кога Мајката Божја ме укори за моите гревови, сфатив дека преку Светиот Дух тие нè гледаат и го знаат целиот наш живот.
Светителите ги слушаат нашите молитви и имаат сила да ни испросат помош од Бога. Ова го знаат сите Христијани.
Отец Роман, синот на отец Доситеј, ми раскажуваше, дека за време на детството во светот, требало на санка да премине преку замрзната река. Одеднаш коњот му пропаднал во една дупка во мразот и ги повлекол со себе санките. Отец Роман, тогаш младо момче, повикал: „Отче свети Николај, помогни ми да го извлечам коњот“. Ги повлекол уздите и успеал среќно да ги извлече коњот и санките.
Отец Матеј беше од истото село како и јас. Додека бил дете тој исто како и пророк Давид ги пасел овците на својот татко. Со растот не бил повисок од своите овци. Неговиот постар брат работел на другиот крај од ливадата. Одеднаш видел како неколку волци се спуштиле кон малиот Мишо (така во светот се викаше отец Матеј). Мишо само повикал: „Отче свети Никола, помогни“. Само што го изговорил ова, волците се разбегале назад и никакво зло не им направиле ниту нему, ниту на стадото. Заради ова во нашето село се смееја и велеа: „Мишо страшно се уплаши од волците, но свети Никола му помогна и го спаси“.
Знам уште многу случаи во кои светителите притекнувале на помош веднаш штом ќе бидат призвани. Од ова е очигледно дека целото небо ги слуша нашите молитви.
Светителите се слични на Господа
Светителите се слични на Господа, но и сите луѓе кои ги исполнуваат заповедите Христови исто така се слични на Господа. Оние, пак, што живеат според своите страсти и не се каат, слични се на ѓаволот. Мислам дека луѓето би престанале да му служат на ѓаволот кога би им се открила оваа тајна, па сите би копнееле да Го спознаат Бога и да станат слични на Него.
Светителите биле луѓе како и сите ние. Многумина од нив биле и големи грешници, но со покајание дошле до Царството Небесно. И сите кои таму доаѓаат, доаѓаат преку покајание кое ни го дарува милостивиот Господ со Своето страдање.
Сите светители живеат во Царството Небесно, каде што се Господ и Неговата Пречиста Мајка. Таму се светите праотци и патријарси, кои храбро ја сочувале својата вера. Таму се пророците кои Го примиле Светиот Дух и со своите зборови ги приведувале луѓето кон Бога. Таму се и светите апостоли кои умирале заради проповедањето на Евангелието. Таму се и светите маченици кои од љубов кон Христа радосно ги положувале своите животи. Таму се и епископите кои се угледале на Господа и го носеле бремето на своите духовни овци. Таму се и преподобните испосници и јуродивите заради Христа, кои со подвиг го победиле светот. Таму се и сите праведници кои ги исполниле заповедите Божји и ги победиле страстите.
Таму, во тоа чудесно собрание, кое го собрал Светиот Дух, таму копнее душата. Но, за жал, мојот слаб дух се гасне како свеќа, затоа што немам доволно смирение и Господ не ми дарува сили да ги издржам подвизите. Меѓутоа, духот на светителите, горел со силен пламен и не само ветрот на искушенијата што не го гаснел, туку и уште повеќе го разгорувал. Светителите оделе по земјата и работеле со своите раце, но нивниот дух секогаш бил при Бога и не сакале со умот да се одвојат од сеќавањето на Бога. Заради љубов кон Бога ги претрпувале сите неволји на земјата, не плашејќи се од никакви страдања. Така Го прославувале Господа. Заради сето ова Господ ги возљубил, ги прославил и им дарувал да бидат со Него во вечното Царство.