Connect with us

Религија

Заштита и поддршка може да најдеме само во Бога

Published

on

Како што очите ги гледаат сетилните предмети, така верата преку духовните очи гледа во невидливото. (Преподобен Исак Сирин).

Човекот е роден со чувство за доверба. Детето е мирно во рацете на мајката, која за него во првите денови и недели го опфаќа целиот свет, целата Вселена. Таа девет месеци го носи под нејзиното срце, и тоа е неразделно од неа. Неговата мајка е извор на живот, храна и топлина за него.

Светот за детето, постепено се шири. Неговата нежна и чиста душа болно ги согледува несовршенствата на светот, кои му го даваат животното искуство. Човекот почнува да разбира дека не можете секому да се доверува, но чувството на доверба никогаш не исчезнува. Тоа е поставено од Создателот и останува до крајот на животот. Ние им веруваме на наставниците кои нè учат, на екипажот во авионот, во кој седиме, за да стигнеме некаде, на хирургот кој нè оперира.

Во повеќето случаи, ние не ги познаваме, но веруваме во нивната професионалност и искреност. Во нашите животи, ние секојдневно пројавуваме вера и доверба.

Во различни животни околности, човекот се стреми да најде заштита и поддршка не само за да ги избегне реалните опаcности, туку и да се ослободи од cтравот и вознемиреноста, да ја стекне смислата на животот, и смирено и самоуверено да се стреми кон достигнување на повисоки цели.

Во светот во кој има многу непријатности, невозможно е да се најде такво прибежиште. Заштита и поддршка може да најдеме само во Бога. Верувањето во Бога е цврста и сигурна основа за човечкиот живот. Словенски збор надежда, надеж, доаѓа од придавката „надежен“. Верата е силно сидро, кое ни помага да застанеме во брановите на секојдневните бури и да не се срушиме врз камењата. Не е случајно што сидрото е првиот христијански симбол на верата и надежта.

Човекот ги соединува двата света – видливиот и невидливиот, соединува две природи – физичката (телото) и духовната (душата). Ние телото го гледаме и го чувствуваме, но има многу докази и за постоењето на душата, ние ја чувствуваме и ја разбираме нејзината болка, нејзините радости и потреби. Затоа, човечкиот живот не може да се ограничи само на задоволување на потребите на телото. Душата е дел од невидливиот свет, кој има свои закони. Затоа, таа мора да води духовен живот, следејќи ги тие закони.

За да бидеме здрави, да имаме плодови и да го наследиме вечниот живот, душата треба да се стреми да го спознае Бога и да се соедини со Него како со Извор на животот. „Телото не може да живее без дишење, а душата невозможно е да постои, ако не го запознае Создателот“ (Свети Василиј Велики).

Што е неопходно, за да живееме правилен духовен живот, кој ќе принесува плодови? Пред сè, потребна е – вера. Без неа, ние не можеме да се надеваме на Бога, да се молиме на Бога и да го љубиме Него. Бог се обраќа кон секое човечко срце. Одговор на тој Божји повик е верата. Глувоста, нечувствителноста кон Божјото обраќање или несакањето да го следиме тој повик, е неверието и тешката болеcт на душата. Верата му се дава на човекот од Бога, но човекот за да ја добие, треба да го поправи својот гревовен живот. Првиот чекор кон тоа, треба да биде покајанието. Тогаш во душата ќе се појави првиот никулец на верата, кои со текот на времето ќе донесе спасителен плод.

Верата започнува со мал и едвај забележлив никулец: Верувам Господи! Помогни му на моето неверие. Овој молитвен плач со солзи, се излеа од таткото на тешко болниот син, како одговор на зборовите од Спасителот: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!” (Марко 9, 23). Кога ние ќе сфатиме со сето свое битие, дека само Бог може да ни помогне, и никој освен Него не може да нѐ излечи од гревот и да нè спаси од вечна смpт, тогаш нашата вера почива врз добра почва и донесува плодови. Затоа, чувствувајќи ја желбата за да веруваме на Бога, потребно е да го молиме Бога, Он да ја подигне и да ја зголеми таа вера во нас. Ни една молитва Бог не ислопнува толку брзо и лесно, како оваа!

Секој што го бара Бога, ја повикува Светата Црква да му помогне. Во неа, преку Светите Тајни пребива самиот Господ, Кој ни дава можност да се соединиме со Него. Ако ние, не само со нашиот ум, туку со нашето срце, ја прифатиме оваа вистина, тогаш Евангелието ќе се отвори за нас, како радосна вест за нашето спасение и нам ќе и бидат достапни тајните на Царството Небесно. Најголема од нив е – љубовта. Како што Господ ги поучува Своите ученици: „Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јован 15, 12). За нашата вера да не биде нестабилна, потребен е труд.

Тој започнува со молитва кон Бога. И Господ ќе одговори на молбата. Но, за да не се загуши никулецот на нашата вера во трњето, ние мораме да се очистуваме од нив (од самољубие, грешни навики, страсти, духовна раслабеност и мрзеливост). Птиците нема да го исколваат семето на нашата вера, и плевелот нема да ја загуши, ако почесто се оддалечиме од светската суета и го засакаме храмот. Таму, под закрилата на Севишниот (Псал. 90, 1), нашата вера ќе биде заштитена од сè што е штетно, растејќи и носејќи добри плодови. Конечно, почвата на душата мора да омекне и да се загрее. Ништо не ја прави нејзе толку камена и ладна како самољубието и сконцентрираноста кон себеси. Овие з ла се надминуваат со добри дела и активна љубов кон луѓето, сеќавајќи се, дека „верата без дела е мpтва“ (Јаков 2, 20).

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк