Новак Ѓоковиќ моментално е сместен во соба на аеродромот во Мелбурн и во неа никој не може да влезе, изјавил неговиот татко Срѓан за Б92.
Пред просторијата во која е српскиот ас има двајца полицајци.
Ѓоковиќ пристигнал во Мелбурн околу 30 минути пред полноќ (временска разлика 10 часа) за да учествува на претстојниот Австралија опен, кој започнува на 17 јануари. Српскиот ас добил медицинско ослободување од стручен медицински тим, но локалните власти одбиле да му издадат виза.
Царината наводно нашла проблем во визната документација, а по барање државата Викторија да го одобри неговото барање, тие го одбиле, па Новак неколку часа поминал на испрашување, а на крајот во притвор.
Како што пренесуваат австралиските медиуми, со Новак се разговарало до 1:15 часот по полноќ по локално време, а потоа најдобриот тенисер на светот бил ставен во притвор, каде што го обезбедуваат двајца полицајци.
Постојат две сценарија со кои би завршила оваа драма. Едното е властите да одобрат влез на Новак во земјата и со тоа да учествува на турнирот, а другото да го депортираат, односно да го вратат со авион.
Одлуката е во рацете на министерот за имиграција Алекс Хок.
Во изјава за Спутник, Срѓан Ѓоковиќ, таткото на Новак Ѓоковиќ, изразил огорченост од третманот со кој се соочува Новак во Австралија.
„Ова е борба за светот на слободата, ова не е само борба за Новак, туку борба за целиот свет! Целиот свет треба да се помрдне, да се побуни против стокава! Ако не го пуштат за половина час, ќе се собереме на улица, ова е борба за се`!“, изјавил Срѓан Ѓоковиќ за Спутник.