Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември, додека пак според Јулијанскиот календар секогаш е на 6 Јануари. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.
Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенското значење – да бидеш буден.
И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.
Кога станува збор за обредните елементи поврзани со Бадниот ден и Бадник, мора да се има предвид дека тоа се комплексни обичаи кои се случуваат неколку ден пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на Исус како симболза новото Сонце – новата година.
Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат. Од тој ден па се до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвовите на брдата за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село.
На ден пред Бадник ритуално жените се подготвувале за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, кој што го нарекувале Божја брада) и се чувал поврзан со црвени конци. На тој ден се одбира и домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божик, како и опрема за сечачот на Бадникот.
Во најголем дел кај Јужните Словени, како традиција за Бадник е сечење на младо дабово дрво, сер, а поретко бука или ела. Најчесто се сечел еден бадник, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадници во Херцеговина. Постои и специфичен обичај да се сечат гранки според бројот на машките членови на семејството.
Сечење на Бадникот е обвиткано со многу строги обредни правила: По Бадникот се одело рано наутро и најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво представувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека.
Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, а кон Бадникот пристапувал со поздрав и обраќање за на тој начин го побратими или велича бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечењето се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни апотропејни моќи.
Бадникот не се внесува во куќата се до првиот самрак и најчесто се оставал потпрен на ѕид.
Внесување на бадникот е проследено со обредно внесување на сламата и сито кое е наполнето со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа со ситото се ставало на трпезата или до огништето.
При внесувањето на Бадникот домаќинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат Бадникот со благослови. Одејќи со сламата низ куќата домаќинот ја имитирал квочката, а домашните го следеле со ономатопеја на пилињата. На тој начин се барала подршка од натприродните сили за благосостојба и плодност.
По вечерата Бадникот се ставал во огниште да гори и најчесто домашните го чувале цела ноќ. Во некои краишта Бадникот се полевал со мед, во други на него се ставала златна пара. Во некои краишта, Бадникот не се оставал да догори до крај и неговиот остаток се чувал како силен апотропеон за болести, заштита од штетници и слично.
Името на Бадникот доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката бадникот да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.
Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на Божик, раѓањето на Исус Христос.
Во државава централната прослава по повод празникот ќе се одржи во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата божикна литургија ќе ја предводи бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.
Божик утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот календар.
Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
Свети Великомаченик Георгиј Победоносец ( во народот познат како Свети Ѓорѓија) живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година), во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните. Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар.
Георги во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започнал гонење на христијаните, Георги истапил пред него и одважно изјавил дека е христијанин, поради што царот го затворил, наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа наредил да го врзар на тркало под кое имало штици со големи клинци и така го вртеле. По ова го закопале во ров, така што надвор од земјата му била само главата и го оставиле во ровот три дена и три ноќи. Но при сите овие маки Георги непрестајно Го молел Бога и Бог веднаш го исцелувал и на големо одушевување на народот, го спасувал Својот маченик од смртта.
Кога Св. Георги воскреснал и еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу овие биле и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осудил Свети Георги и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георги го убиле во 303 година.
Безбројни се чудата што се јавиле на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Од љубов кон Господ Христос, Свети Георги без тешкотии оставил се заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет.
За оваа љубов Господ го наградил со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. Го дарувал со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.
Православната црква и верниците денеска на 21-ви ноември, го слават еден од најголемите христијански празници- Архангел Михаил или народски нарачен Арангеловден.
Овој светец е водец на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се јавувала и Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата.
По црквените преданија, ангелот Михаило прв стапил во борба со лошиот дух и во тоа име по црквено толкување означува „оној кој е како Бог“.
Меѓу нардот владее верување дека овој ангел ги посетува болните и ако застане кај ногата- не е на добро, а ако застане кај главата- болниот ќе оздрави.
Овој празник секогаш се слави на ист датум и во есен, затоа што кога на светците им се делеле улогите, Архангелот Михаил го добил есенското и зимско време- времето на потешкотии. Се верува дека во ова време тој лута облечен како просјак за да ги прекори неверниците и да им помогне на сиромашните.
Едно народно верување вели дека спрема временските услови на овој ден, може да се одреди каква ќе биде годината, времето на празникот ќе одреси какво ќе биде времето во текот на зимата и пролетта.
Дали денот ќе биде прославен со посна или мрсна трпеза, зависи од денот на кој се паѓа. Ако е во среда или петок, треба да биде посно. Оваа година е во четврток, па трпезата може да биде мрсна. Секогаш на трпезата треба да има пченица, во чест на мртвите, односно упокоените души на светците.