Connect with us

Македонија

Aвтoрoт нa трeтo пoлyврeмe: Прeдлагaм бyгaритe дa ce игнoрирaaт

Published

on

По повод бугарскиот документарец „Последно Полувреме“ Дарко Митревски вели: Предлагам да ги ставиме Бугарите на игнор.


Десет години по „Трето полувреме“, бугарската филмска индустрија го сними својот одговор и видување на окупацијата на Македонија, во форма на документарецот „Последно полувреме“. Наменет е да ја прикаже „вистината“ за настаните раскажани во оригиналот. Го контактиравме авторот на „Трето полувреме“, Дарко Митревски, да ни каже што мисли за најновата провокација од Бугарија. – Пишува МКД.мк


Од снимањето на „Трето полувреме“ поминаа десет години.

Знаете што сѐ се смени во тие десет години?

Америка смени тројца претседатели. Македонија смени тројца премиери и едно уставно име. Истополовите бракови и марихуаната полека станаа прифатени и легални низ светот. Мобилните корисници престанаа да користат блекбери и се префрлија на ајфон и андроид. Интересот на публиката драстично се сврте од кино-филмови кон телевизиски серии. Музиката веќе не се даунлоудува туку се стримува. Човештвото сѐ помалку се информира од класичните медиуми, а сѐ повеќе од социјалните мрежи. Насекаде со себе носиме смартфон-камери и го снимаме животот што го живееме. Наместо да паметиме – гугламе. Наместо да одиме во канцеларија – работиме од дома. Потрошувачите масовно купуваат онлајн, што доведува не само до затворање на продавниците и трговските центри – туку во блиска иднина сосема ќе го смени изгледот на градовите. Приватноста стана мисловна именка. Електричните возила ги заменуваат бензинските. Светската пандемија ја доведе во прашање довербата во медицината. Луѓето се сѐ помалку среќни и сѐ повеќе загрижени за својата иднина.

Ете, сето ова се смени во изминативе десет години. Само во Бугарија ништо не се смени – таму и понатаму лелекаат за две, за нив многу болни и вечно непрежалени теми: едната им е „Трето полувреме“, другата им е Македонија.

И згора на сѐ, таа своја национална и општествена фрустрација ја претставуваат како некаква „борба за вистината“.

Океј. Ако им е до вистината, еве им ја нá:

  • „Трето полувреме” е филм снимен по животната приказна на скопјанката Марија Младенова, родена како Нета Коен во денес непостоечкото Еврејско Маало. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за тетка Нета, еве им линк од интервјуто што со неа го работеше тимот на Спилберговата SHOAH фондација.
  • Во филмот исто така е прикажана сторијата за фудбалскиот клуб „Македонија”, онака како што тоа мене ми беше раскажано од последниот жив играч на тој тим, голманот Васил Дилев. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за тој клуб и нивниот тренер Илеш Шпиц, еве им линк од интервјуто што го работев со Дилев.
  • Филмот ја реконструира и депортацијата на македонските Евреи извршена од страна на окупаторската војска и полиција на Царството Бугарија. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за таа окупација и депортацијата што следувала, еве им линк од американскиот Меморијален музеј на Холокаустот од каде што црпев најголем дел од податоците за сценариото на мојот филм.
  • Во филмот Царството Бугарија е прикажано онака како што го паметат моите тетки и чичковци, сите до еден учесници и соработници на Народноослободителната војна и партизанското движење во Македонија: како окупаторска и фашистичка држава, сојузник на нацистичка Германија. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за фашистичкиот карактер на тој режим, еве им линк за тогашното фашистичко движење СБНЛ (на бугарски: Съюз на Българските Национални Легиони), еве им уште еден линк за младинската фашистичка организација „Браник” (формирана по иницијатива на тогашниот нивен премиер, Богдан Филов), а еве им и линк за егзекуциите што „администраторите” ги вршеле врз политичките неистомисленици и цивилното население во Македонија.
  • За жал, тој мој филм во Бугарија никогаш не е прикажан. Со други зборови, таму цели десет години небулозно критикуваат филм што никогаш не го гледале. Доколку некого во Бугарија навистина го интересира да го гледа филмот, еве му линк и за тоа.

Се разбира, сите овие линкови беа достапни сиве овие десет години – доколку кого било во Бугарија го интересираше вистината. Но таму не се води кампања за откривање на вистината, туку за нејзино сотирање. И таа кампања само навидум е против мојот филм, а всушност е продолжување на идеологијата поради која Бугарите загубија една балканска и две светски војни.

Во таа кампања цели десет години пукаа со најтешката медиумска, политичка и интелектуална артилерија, менажерија и бижутерија што ја поседуваат. Против мојот филм и мојата земја за екипата на Бугарија досега настапија: разни новинари што одработуваат за тајните служби, уредници на платен список на политички партии, благонадежни режисери, недоквакани историчари, наапани национал(социјалистички) романтичари, недуховити телевизиски ѕвезди со естрадни и политички амбиции, европратеници од неофашистичка провиниенција, погрешно зачешлани министерки, премиери со манири на улични силеџии, силеџии со премиерски аспирации, како и сите можни маалско-медиумски шовинистички ѕверки што конечно ги добија своите пет минути слава.

Сѐ живо извадија на бојното поле, освен една работа: не извадија фраер.

Се обидов да го преведам ова и на бугарски за да можат сите таму да ме разберат, ама не успеав – се чини дека не само што немаат таков човек, туку немаат ни таков збор.

Нејсе. Кога ќе го најдат (ако го најдат) и човекот и зборот, веднаш нека го пратат во Македонија – да уживаме барем малку во оваа нам наметната битка, борејќи се со достоен противник.

Но сѐ додека не го најдат, предлагам да ги ставиме на игнор.

До некоја наредна светска војна,

Дарко Митревски

Македонија

На празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески

Published

on

Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

–Светол патот, татко мој! – напиша таа на социјалните мрежи. 

Continue Reading

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк