Connect with us

Религија

Простете и побарајте да ви простат: Денес е Прочка – празник за проштавање и очистување од гревовите

Published

on

Прочка претставува голем празник за православните верници и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Проштавањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите… се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Празникот Прочка или Велики поклади, меѓу народот познат и како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници, како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници, како што се: Тодорова сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи, како што се проштавањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи, како што е на пр. проштавањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно, постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.

Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо.

Од обичаите што се изведуваат на Сирни понеделник интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено, тогаш се прави „топејнца“ и со кисело млеко или „маштејнца“ се носи на гумното, три пати се трча низ гумното со викање: „Ела ветре да јајме топејнца, / в лето да дојш да вејме чејнца, / југу, југу, југу…“ Потоа храната се изедува до стежерот.

Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, велигденски пости, што траат до Велигден.

Обичајот проштавање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштавање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштаваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразови, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштаваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштавањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштавале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

Во Велес, при проштавањето на жената се давало портокал, а на мажот лимон. Во овој град на овој празник се правеле сурати, односно се маскирале и оделе по куќите во групи од по дванаесет души во кои имало: момче, невеста, дедо, ѓавол, доктор, благар итн. Благарот го собирал благото со кое биле дарувани по куќите.

Амкањето е интересен обичај, кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен, во други места памучен), кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без притоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.

Во Мариово кога тој што амкал ќе речел: „Ам!“, домаќинот го прашувал: „Што амкаш?“, на што тој одговарал: „Амкам за здравје!“ При лупењето на јајцето се внимавало еден дел од лушпата да остане поцелосен, а потоа од него сите пиеле вода велејќи: „За крто душа!“, што значи кртовите што се наоѓале во нивните или бавчите да умрат или барем да минат во туѓ синор. Во Дебарца, според обичаите и верувањата што ги забележавме, притоа се велело: „Таму му гробнина, таму му столнина!“, што имало исто значење. Во некои краишта од Македонија сите пиеле вино од белката на јајцето, а лушпите ги фрлале во соседниот двор, за и болвите да прејдат кај соседите. Во Скопје, како и во Воден, Битола и други места амкале најпрвин со пита, потоа со јајце и на крајот со алва. По амкањето со конецот на кој било врзано јајцето се гатало за живот на старите луѓе во селото. Се споменувало некое име на стар човек и се запалувал конецот. Ако подолго време горел со пламен, ќе живеел долго, ако веднаш угаснел ќе умрел во таа година. Во некои места вака се гатало само за старите луѓе, во други за секој член од семејството.

Величествен впечаток оставаат големите обредни огнови, кои се палат вечерта на овој празник. Во Штип, Радовиш, Гевгелиско и некои други места овој оган се викал Голема ора-копа, за разлика од Малата ора-копа, огнот што се палел една недела порано. Големата ора-копа се изведувала посвечено од малата, со поголеми огнови, со повеќе деца, со повеќе песни итн. Важно е за овие огнови што децата ги прескокнуваат со верување дека ќе се очистат не само од болви, вошки и други паразити, туку и од негативните демони, но најмногу од гревовите.

Во Разлошко овој оган се вика Гаро. Целото попладне децата го подготвувале Гарото, а уште пред да го запалат девојките пееле:

Јунак стрелба стрелаше, стрелите му падаа,

на момини дворове. Мома двори метеше,

и си стрели береше. Јунак и се молеше:

– Дај ми моме стрелите, ќе ти одам прстенче!

По запалувањето на Гарото, вечерта, девојките играле оро без песни, а момчињата го прескокнувале Гарото, играле и пукале од пиштоли. Повозрасните момчиња фрлале стрели, наречени самострели кон куќите на девојките што ги сакале. Стрелите ги правеле од борова срцевина, натопена со боров катран, на врвовите му лепеле боров катран од колите, потоа ги запалувале од Гарото и така ги фрлале кон куќите на саканите девојки. Во Банско овој оган се викал Стрелачка и околу него не се играло оро.

Д. В. Македонски забележал кон крајот на 19 век дека во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија децата, исто така, правеле голем куп од дрва, смреки и слама, наречен Ерле и навечер на празникот го палеле со пукање од пушка или пиштол. Ако тоа не успеело, дури тогаш го палеле со оган. Околу него пееле, а потоа запален сноп слама (‘ржаница) носеле дома со верување дека летото нема да има болви. Вакво Ерле правеле децата од секое маало и се натпреварувале чие ќе гори последно.

Во Струга, како што е запишано во зборникот на браќата Миладиновци, се изведувал обичајот наречен Лапрди. „На Поклади вечерта децата играет околу црков со лапрди. Лапрди сет дргови, не толку длги, на врхот расцепени и в цепот накладено сено сврзано. В сеното клавает јаглен, и вртет лапрдата, на десно, на лево, дури да се запалит сеното и да изгаснит. После оставет драговите в црква“.

Во селото Вмбел, Костурско, овој оган го викале л’нго. Имено неколку дена пред празникот собирале суви дрва и гранки, кои ги складирале на едно место во маалото. Заедно со тоа се правело и л’нгото. Долги стебла се составувале со ковење, потоа ги исправале и на врвот ставале маалско знаме. Во време на грчката окупација доаѓала полицијата да види дали тоа не е некое „комитаџиско“ знаме. Секое маало си имало место каде што се подигнувал л’нгот. Откако ќе го исправеле и зацврстеле л’нгот го ределе со суви дрва, прнар, рошки (суви гранки), слама и така правеле пирамида од околу 3-4 метри. Целата оваа направа била наречена Укала. Укалата се палале пред заоѓање на сонцето и околу нив се играло и пеело. Нагорени гламни се користеле за нажежување на некој болен или за подгорување на влакната на добитокот за отстранување на болестите од луѓето и животните.

Во селото Мрзен, Кавадаречко, вечерта пред зајдисонце сите млади невести облечени во невестинска руба, придружени од своите свекрви, золви и јатрви, оделе на чешмата на групно клањање (поклонување). Тука правеле три наклони.

Понеделникот по Прочка се вика Чист понеделник и тогаш започнуваат долгите велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.

Сашко Панајотов за МИА

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк