Connect with us

Македонија

СКАНДАЛ со знамето, непромислен гест на претставничката на Евровизија!

Published

on

Евровизија на која речиси никој во современа Европа не и придава кој знае какво значење третирајќи ја само како „три дена забава за милиони“, за нас како да е проколната. И тоа е така со години наназад, како некој да има фрлено некакво проклетство врз секој наш претставник, а и самата МРТ, како национален сервис кој е носител на овој проект. Нема година нам „најважниот музички настан во годината“ да не ни мине без скандали… И при домашните избори и при учеството на избраните претставници на Евросонг. Колку за пример, на пред неколку години на Лозано и Есма два пати им правеа ново видео,оти првото било скандалозно,  лани Гарванлиев со бугарштината не знаевме дали ја претставува Бугарија или Македонија, годинава одново скандал со знамето…

Но едно е сепак сигурно: За се’ што ни се случува последни вината ја имаат оние што не претставуваат и на кои скандалите „случајно им се случуваат“, зашто се што се случува, ништо не е случајно… Се има свои корени, своја предисторија, своја генеза, која кулминира со идиотски потези, непромислени гестови, сканадлозно однесување, глупави, иритирачки изјави… И сето тоа заради немањето „чувство за осет“  за тоа што е патриотизам, што е национална свест, што е светост која не смее да се урива, која треба да се чува како капка вода на дланка, зашто за неа генерации претходно лиеле реки крв за да ја имаме. А ние, за жал и по 30 и кусур години независност ја немаме, зашто со истата таа светост некои во наше име се „ку*ваа“, ја продаваа за лични интереси, правеа суицидни компромиси, под плаштот дека „така мора“, то го бара светот, Европа, „Калето“… кој и да е.

И потоа по немоќта, на сцена стапува колективната апатијата, најмногу кај младите генерации на кои освен спортистите со своите спортски успеси, никој друг од оние што се најповикани, ниту им кажал, ниту им покажал како се сака татковината, како се „гине“ за државата и нејзините свети симболи: Името, грбот, знамето, химната…? Напротив, истите тие „светоста“ ја распродаваа како на сточен пазар, ги менуваа државните симболи онака како што другите ќе посакаат, оставајќи лузна на голото и ранливо национално ткиво, лузна која тешко, речиси невозможно е да се избрише… И потоа последиците се тука… Катастрофални, трагични, несфатливи… Потоа целата нација станува „инквизиција“ пишувајќи им пресуди на онаа што ги промашила зборовите во химната или на оваа што сега го фрлила македонското знаме на земја… Како и нема, кога не ги научивме дека химната е ода на припадноста, а не само таму некоја си обична песна како и сите други, дека знамето е симбол кој се вее и кога се гине и кога се празнува и кога се пее, а не само таму некој предмет во рацете, крпче со кое може „да се избрише“ подот…!

Фрлањето на знамето на евровизиската претставничка е дефинитивно само последица на тоа што никој во овие триесет години не ги учеше дека треба да си ја сакаме државата, дека татковината ни е втора мајка, дека знамето, грбот, химната се не само обелжја на државата, туку нешто најсвето што може да го има еден народ… Напротив, последниве  години живееме во општество во кое оној кој ќе стави знаменце од државата во автомобилот или пак истетовира симбол поврзан со државата дека е ‘сељак’, дека е националист, дека е срамота да си патриот…“ – као што напишал еден од колегите новинари Васко Спасовски на својот Фејсбук профил, а многумина со истото се согласуваат споделувајќи слични содржини… Но, се чини доцна. Сега можеме да се занимаваме само со последиците. Причините, оддамна „ги пропуштивме“!

Затоа, тоа што Андреа го фрли знамето не е срам само за неа… Можеби дури и најмалку за „кутрото неуко и невоспитано девојче“ кое никој не го научил како треба да се однесува кога ја претставува државата… Ниту домашното воспитание, ниту образовниот систем на училиште, ниту протоколот во јавниот сервис -МРТ, никој… Скандал, срам и пораз е за сите нас, за цела една нација која молчечкум си дозволи децата вака да ни ги воспитуваат разно – разни „шарени министри“ и „политички квислинзи“.

Затоа, пред да ја обвиниме Андреа, која патем имаше доблест да се извини, најпрвин треба да се обвиниме себе си, со прстот на чело прашувајќи се: Како можевме да си дозволиме сите овие години, генерациите да ни ги воспитуваат „партиско-политички кловнови“? Сега за жал, го гледаме само циркузот! Во случајов, евровизиски!

Антонио Димитриевски за Вистина.мк

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк