Connect with us

Македонија

Манифест на македонските учители, апел до сите европски и домашни политичари: Францускиот предлог е понижувачки за македонскиот народ!

Published

on

Дури 844 угледни академици, универзитетски професори и наставници во средното и основното образование го потпишаа т.н. манифест на македонските учители за францускиот предлог, со кој го искажуваат нивното незадоволство од конкретниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон во кој, како што велат тие, „македонскиот народ е предмет на омаловажување и понижување“.

Во продолжение, ви го пренесуваме нивното соопштение во целост.

„Ние, македонските учители (наставници, професори, научници, лекари, општествени и културни дејци, педагози, уметници, новинари и сите што помагаме во воспитанието и образованието на нашите поколенија), кои целиот свој живот им го посветуваме на уката и науката на нашите деца, на нашиот македонски народ и на неговиот просперитет, повикувајќи се на Повелбата и на Општата декларација на ООН за човековите права и слободи, како и на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, а во духот на крушевскиот манифест и манифестот на АСНОМ, го искажуваме своето незадоволство од Предлогот на францускиот претседател г. Макрон во кој македонскиот народ е предмет на омаловажување и понижување.

Францускиот предлог, во кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострана изјава која нема важност пред институциите на ЕУ. Македонскиот народ ќе биде дрво без корен и ќе нема можност за изразување на својот континуитет во просторот и времето. Со овој предлог уште пред да почне преговарачкиот процес Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ. Предлогот наведува дека ‘ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик’, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека „македонскиот јазик” не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ, бидејќи во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено ‘во согласност со Уставот на Република Македонија’, додека Република Македонија ќе мора да изјави ‘дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата кој е кодифициран во 1945 година.’about:blank

Македонски народе, драги Македонки и Македонци,

Ќе ве потсетиме на зборовите напишани во манифестот на АСНОМ:

‘Во деновите на најголемите световни стресенија, во времето на најкрвавата борба на македонскиот народ, твоето прво народно Собрание израснато од крвта и од животите на најарните свои синови, во твое име излегува пред лицето на цел свет да каже на пријатели и душмани, на сојузници и окупатори, на блиски и далечни, оти македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода.’

Драги наши сограѓани од сите етнички и верски заедници во нашата заедничка татковина Република Македонија, ќе ве потсетиме на зборовите во Крушевскиот манифест:

‘Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотерат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава…

…Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо ‒ а тоа јет голема помошт. Да не се заортачите со душманите…’

Господине Пендаровски, претседател на Република Македонија,

Ваша света должност е да ги браните интересите на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во заедничката татковина Република Македонија. Да ве потсетиме дека дадовте свечена заклетва и дека во моментов Вие ги претставувате сите граѓани на Република Македонија, а не политичката елита, ниту пак која било партија на којашто ѝ должите нешто. Не заборавајте дека народот Ве избра!

Од Вас бараме јасно и гласно да кажете дека не се согласувате со предлогот на г. Макрон, кој всушност ги штити бугарските националистички идеи во кои се препознава идентитетска ликвидација на Македонија и македонската посебност.

Господине Ковачевски, претседател на Владата на Република Македонија,

Господине Османи, министер за надворешни работи, г. Маричиќ и сите министри во Владата на Република Македонија,

Македонија се наоѓа во најтешките моменти од своето постоење. Вашата согласност за Францускиот предлог во кој се промовираат етноцидните политики насочени против Македонија и Македонците, а легитимирани како ‘европски’ и ‘евроатлански интеграции’ никогаш нема да биде заборавена!

Не понижувајте се себеси, а со тоа и нашата заедничка татковина Република Македонија повторно! Не дозволувајте уште еднаш да учествувате во распетието. Дури и на Исус Христос му било многу полесно, зашто имаше само еден Јуда. Не бидете како Понтиј Пилат, миејќи ги рацете од гревот што сакате да го прикриете.

Господине Макрон, претседател на Република Франција,

Жално е за еден претседател на Франција, земја на слободата и демократијата, ‘локомотивата’ на европските вредности, земја во која се родиле великани со космополитски умови како Волтер, Русо, Даламбер, Декарт, како нобеловецот Анатол Франс, кој целиот свој живот се борел против неправдите и кој јавно се залагал за правата на Ерменците и на Македонците во новите констелации на светската геополитика, Вие да го промовирате спротивното.

Потсетете се, ако некогаш сте го прочитале, на делото на Луј Вансен Тома „Антропологија на смртта”, во кое тој пишува што значи идентитетска смрт. Според него, а и според многумина, таа е најстрашна од сите видови на смрт!

Господине Мишел, претседател на Европскиот совет,

Госпоѓо фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија,

Госпоѓо Мецола, претседателка на Европскиот парламент,

Како одговорни политичари треба да знаете дека секое искривување на вистината е грев и неправда. А кога станува збор за објективноста и вистината, ние македонските учители да ве потсетиме дека вистинските заговорници и визионери на Обединета Европа не се Моне, ни Аденаур туку големиот француски поет и хуманист Виктор Иго и просветлениот руски анархист Михаил Бакунин. Затоа не сметајте го македонскиот народ за глупав и неписмен.

Виктор Иго се борел против смртната казна и против апсолутизмот во Франција, надевајќи се на подобри денови преку создавањето на „Републиката” во цела Европа.

Михаил Бакунин, исто така, се борел против руската монархија, надевајќи се дека еден ден сите Словени, Германци, Италијанци, Французи, ќе живеат во обединета Европа. Во изјавата упатена до рускиот цар Николај I Бакунин вели:

‘Го сакате моето признание. Но, мора да знаете дека грешникот не е обврзан да ги открива неделата на другите. Јас ја имам само честа и совеста дека никогаш не сум ги предал оние кои ми веруваат, и ете затоа нема да ви дадам имиња.’

Македонскиот народ во својата вековна историја никогаш не се обидувал да зграби нешто што не е негово и љубоморно да го чува од другите, впрочем за тоа зборува и фактот што св. браќа Кирил и Методиј кај нас се нарекуваат сесловенски просветители, а во црковниот календар се сметаат како патрони на Европа. Јазикот на кој е создадена првата словенска азбука и на кој се напишани првите книги, ние го нарекуваме старословенски, а не како нашиот источен сосед старобугарски.

Неправедно е во 21 век од страна на ЕУ како чувар на европските и светските демократски вредности да се наметнуваат вакви понижувачки услови во еден непристоен предлог од една водечка земја во ЕУ (Република Франција) каде што се врши геноцид кон цел еден народ. Длабоко сме уверени дека ова не се вредностите на ‘најпрогресивната’ заедница на народи и држави за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ и дека овој предлог во кој се наведени сите барања на официјална Софија за промена на историјата, за ограничување на правото на изразување на научната мисла, за негирање на македонскиот јазик како атрибут на македонската нација е неприфатлив и за вас.

Македонскиот народ е мирољубив и чесен, можеби според вашите критериуми е малуброен, но не е народ без достоинство и вредности, не е народ кој сака својата среќа да ја гради врз туѓа несреќа. Властите во Република Македонија се единствените политичари кои потпишале дека нивната држава се оградува од своите национални малцинства во соседството, единствените што се согласуваат на ваков срамен и понижувачки начин да се обезличи македонскиот народ, кој живее на библиска земја споделувајќи ја судбината со сите сограѓани од различна етничка и верска припадност, народ кој „светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите’, а не поле за борба каде што луѓето се виртуелни фигури, без чувства и емоции, без колективна меморија, поле каде место емпатија се вгнездува културна и духовна агресија.

Ако тоа е условот македонскиот народ да влезе во ЕУ, тогаш ние, македонските учители велиме НЕ!

ПРОГРАМСКИ ЦЕЛИ:

1. Обединување на сите прогресивни и демократски сили во Република Македонија во борбата против ретроградните и романтичарските идеи од минатото;

2. Почитување на волјата и сувереноста на македонскиот народ, а не ултиматумите како нелегитимно и недемократско средство;

3. Замрзнување на преговорите за членство во ЕУ, сè додека Република Македонија и македонскиот народ не добијат извинување за повредата на достоинството, суверенитетот, идентитетот и интегритетот;

4. Почитување на принципите на лингвистиката, историјата, географијата, културологијата како објективни науки, вградени во македонските национални дисциплини.

5. Неоткажување од македонскиот историски, културен и јазичен континуум.“

Меѓу потпишаните се и проф. д-р Гоце Цветановски, проф. д-р Веселинка Лаброска, д-р Катица Ќулафкова, проф. д-р Сашо Цветковски, проф. д-р Нада Јурукова, проф. д-р Виолета Ачковска, проф. д-р Митко Панов, проф. д-р Наташа Котлар, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, проф. д-р Елка Јачева-Улчар, проф. д-р Иванка Василевска и проф. д-р Кита Бицевска.

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк