Connect with us

Здравје

„Јас ќе умрам, се гушам и не можам да дишам“ – ѝ рекол на сестрата од Брза помош, пред да почине од сепса

Published

on

Болката е неискажлива и не може да се опише. Треба да се преземат мерки за да не се гуши и друга фамилија во ваква болка – вели Слаџана Ризинска од Берово за ММС.мк, чиј братучед Јован Димовски (25) почина од сепса откако му била направена интервенција на заб во Клиничката болница во Штип.

Слаџана потенцира дека Јован си дошол дома во страшни болки по лекувањето на забот во Штип, но раната се чистела. Во меѓувреме му паднал дренот и бидејќи било недела (21-ви август) тој отишол во Итната медицинска помош во својот град. Таму му била направена преврска и му било кажано дека треба повторно да оди за Штип.

Слаџана вели дека е изреволтирана бидејќи оваа информација никој јавно не ја споменува, односно ја нема во извештајот од лекарот кој вчера до медиумите го лиферуваа од Болницата.

„Негово другарче го однесе за Штип и таму истиот доктор му направил повторно интервенција и му го ставил дренот наопаку. Уште таму Јован му рекол дека цела страна почнува да го боли и дека голта крв. Докторот му рекол дека имал многу пациенти и дека сите ги боли. Се вратил за Берово во неделата. Кога се вратил дома, Јован се гушел во болка и добил уште поголем оток. Тетка ми вели дека му се фаќало цело тело, не можел да стане од кревет. Почнал да повраќа крв и гној и заминале во амбулантата во Берово каде бил повикан неговиот матичен заболекар и таму констатирале дека тој има дрен наопаку. Не тече крв од раната, туку навнатре и Јован веќе бил затруен“, раскажува Ризинска.

Додека трае голготата на момчето, од Берово го праќаат директно за Скопје. Во возилото сепак, неговата ситуација се влошила, за што посведочила и медицинската сестра која била дел од тимот.

-Вчера зборував со медицинската сестра која била во возилото на Итната медицинска помош и таа рече: „Ќе застанам зад случајот“. Пред Штип, Јован изгубил свест. Ја држел за рака и ѝ рекол: „Јас ќе умрам, се гушам и не можам да дишам“ – додава Слаџана.

Здравје

Исповед на млад скопјанец кој преживеал ГОЛГОТА: Синоќа си ја скршив ногата во оваа СКРШЕНА ДРЖАВА!

Published

on

Млад човек од Скопје многу прецизно и детално преку својот фејсбук статус ја раскажува неговата приказна зошто не сака да живее во оваа држава. Нешто што сме го преживеале сите. Ја искршил ногата, но и покрај централизираната служба 112, многу тешко обезбедил некој да му помогне, а и кога конечно дошол до возило на брза помош, неговата голгота не завршува тука.

Синоќа си ја скршив ногата во оваа скршена држава.

Петок бев на работа до 01:00 сабајле, продолжив кај другарка на кратко и си дојдов дома во 04:00, спиев два саати, станав во 07:00 и отидов на еден целодневен саем. Се вратив дома да одморам и назад на работа пак до 01:00.

Беше некаде околу 01:30 кога се случи инцидентот. Возев тротинет накај дома и додека чекав семафор за да преминам пешачки, забележав едно бездомно куче седнато до мене. Не му обрнав многу внимание па ни тоа мене, барем не додека не светна зелено и тргнав да возам. Како се качив на скутерот и ја минев улицата приметив дека нешто скока по мене и ме брка. Се свртев исплашено и видов дека е кучето. Од страв дека ме напаѓа почнав побргу да возам, надевајќи се дека нема да ја достигне истата брзина како мене (25 км на час), но тоа успеа, а јас изгубив
контрола… Не знам како не паднав на земја и успеав да задржам рамнотежа на нозе, но не без последици.

Откако застанав сфатив дека имам многу лоша болка во десното стапало и веднаш седнав на тротоарот. Со ранец на грб, тротинет од една страна а кучето од друга. Очигледно тоа беше расположено за дружење и внимание но јас веќе не.

Прво, не ја гледам вината во кучето, не мислам дека беше агресивно или дека пак “ме нападна”. Скоро секој ден ја возам истата рута, ги поминувам овие кучиња и скоро една година како се движам на истиот овој потег кај Веро Џамбо, јас барем, не сум имал ниту еден инцидент со уличните кучиња. Ова само може да го сметам како многу жална несреќа за барање внимание и љубов од едно бездомно животно кое почнува да спие надвор на 6 степени, среде септември!

Додека седев си зедов некоја минута да се смирам и да проверам каква е штетата на стапалото. Мене лично не ми изгледаше на скршеница ама не можев да застанам на ногата, не можев воопшто да се движам.

Го зедов телефонот во рака и свртев на 194, телефонот ѕвонеше скоро една минутка и никој не ми крена. Сум имал слични искуства кога сум барал полиција, но искрено поинаку го доживеав чувството кога и клучен сервис што треба да ти го спаси животот и да пружи БРЗА помош, воопшто не е брз сервис. Се сетив на 112 и ѕвонев таму. Ми кренаа веднаш, ја објаснив целата ситуација и мојата состојба, ги споделив сите неопходни информации. Тогаш диспачерката ме префрли да зборувам со некој на друга линија; 112 не можеа да пратат амбулантно возило па мораше да ме стават на линија со некој од брза помош, па од таму бев префрлен да зборувам со трет па и четврт човек. Пак, да имаме предвид, седам на темна улица, среде ноќ, бидејќи градот штеди на улично осветлување. Веќе сум во шок и се тресам, ногата ме боли и почнува сериозно да се воспалува, веќе не можам ни да зборувам од збирот на чувства на загриженост и болката која станува полоша со секоја измината минута.
Три пати морав да ја повторам приказната и да побарам помош, и три пати не беше доволно, мораше целиот вработен персонал во овој јавен сервис да зборува со мене наместо еден да запише и да пренесе на останатите колеги, или не знам, да стигнам па да чуете сите одеднаш што се случило. Така завршив на линија со четвра личност која многу сакам да дознаам како се вика а ми ја претставија како ДОКТОРКАТА.
Откако телефонот го зеде четврто лице и ме праша “ШТО Е РАБОТАТА?”, се изнервирав и почнав да викам, нервозно и гласно, зошто морам да се објаснувам толку многу пати пред да ми пратат амбулантно возило. Не знам дали тоа што си сам во 01:30 по полноќ и не можеш да се движиш не е доволно добра причина да ти пратат возило. Можеби не требаше да ѝ викнам, не е културно, но извинете, мислам дека за ситуацијата, кој и да е на мое место, најмалку од сѐ би бил расположен да на цел болнички персонал на линија им објаснува каков проблем си има за да бара амбулантно возило во недела (1 наутро). Сепак, бев свесен, до одредена мера во шок, немир, со грозница и толерантна болка во ногата. Луѓе кршат ребра, раце, врат, остануваат заробени под возила. Дали секој што ќе се јави за брза помош треба да дава интервју како пред медиуми на прес конференција?

Докторката почна да ми вика и така почнав да се расправам со лицето што рече нема да ме прими бидејќи сум бил безобразен со нејзе, да сум се јавел пак кога ќе сум коректен со нив, и ми спушти на телефонот.

Ми се плачеше бидејќи не можев да поверувам дека тој разговор се случи.

Повторно ѕвонам во 112 и одлучуваат дека ќе ги средат барањето сами без да ме поврзуваат пак од едно на друго место. Конечно, после десетина минути добив информација дека е пратено возило но како никој да не знаеше каде се наоѓам и за колку минути ќе дојде возилото. Амбулантното возило дојде и ме одмина… како да не објаснив до детал каде сум лоциран. Ѕвонам пак на 112 и им кажувам дека возилото не ме виде и продолжи да вози по улицата до мене (пред ЦРМ). После уште некои пет минути доаѓаат назад во рикверц по улицата и ме преземаат конечно.

Завршив во Градска. Ме носат внатре, грч ладен ходник полн со муви. Чекам на ред, па влегувам кај докторот во ординација. Објаснив по не знам кој пат што како се случи. Мислам дека не ми ја ни погледна ногата воопшто, туку најбрзо што можеа ми зедоа податоци, ми извадија упат за на рентген и ме испратија кај колегите.

Чекам во ходник за на рентген и почна да ми се лоши и врти во глава, сепак имав спиено само два саати, на работа имав дупла смена и на крај на журка во градска болница. Уште во амбуланта им побарав вода, немаа. Кај докторот во собата побарав вода, немаше и таму. Чекам во ходник, ми се лоши и ми се стемнува, почнувам да викам “дечки мислам дека ќе се онесвестам, ве молам дадете ми вода”, ми се стемнува сѐ пред очи и гледам како сѐ споро се движи, водата никаде.

Влеговме на рентген и ме паркираа пред чешма да се измијам и да се напијам вода, тука малку се врати сѐ назад во фокус и се стабилизирав.
Завршив со снимање и назад кај нив, чекам пак да дојдам на ред и седам во ходниот, не знам дали беше преладно или јас од болки и шок се тресев. На мувите времето им беше одлично. Седам во количката, ногата боса ја одмарам на ладниот под, крв минимално тече од страна на повредата, а мувите беа спремни за шведска маса.

Еден наутро, во македонска болница, во центарот на метрополата, јас бркам гладни муви од мојата крвава нога.
Влеговме назад кај докторот, ги зеде снимките и тука веќе се изгубив. Многу се надевав дека немам скршеници и дека ова ќе помине со малку завој и гази, а не лангета.

Фрактури на неколку места и период на закрепнување од 3-6 недели, минус дополнителните недели физикална терапија по вадењето на гипсот. Преглед пак никаков, ногата никој не ја погледна.

Дојдоа од полиција додека ми ставаа гипс. Почнаа со записникот и ме прашаа дали кучето ме гризнало. Зачудено ги погледнав и реков не знам, стварно не знаев, не се сетив на тоа дека можеби се случило додека ме бркаше. Можеби ќе знаевме ако докторот ја погледнеше ногата и со свои очи, а не само од снимките.

Ова денес сѐ ми се сумираше и ми влезе во листата “зошто не сакам да живеам повеќе тука”. Здравството е катастрофа, сите сме биле таму и го знаеме тоа, реткост е да се најде добар лекар во нашата држава, но не знаев дека состојбата со 194 и брза помош е иста, па ако не и полоша.
Едно нешто што никогаш нема да го заборавам во мојот живот е таа докторска (не)грижа што (не) ја добив по телефон.

Секој изминат ден тука на мои 26 години го поминувам со влегување од една во друга криза и не гледам причина зошто би сакал да останам тука. Сега можеби имам трпение и енергија, млад сум нели, но исто си велам… зошто си дозволувам вака кога можам подобро? Завчера, пример, добив “отказ” од едно од двете места каде работев бидејќи исто така на 26 години во оваа држава треба младоста, здравјето и сѐ што можеш да си го жртвуваш за да не потонеш, и едноставно сфаќам веќе дека животот тука никогаш нема да биде подобар за просечните смртници, кои, ако не се борат самите за себе, знаат дека нема кој да се бори за нив.

Државата сама себе не се сака и сѐ ни е скршено. На сѐ треба да ставиме гипс, но јас веќе губам сили да сакам да го правам тоа веќе.
Поздрав до врвните институции: Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë Град Скопје Општина Центар

Continue Reading

Здравје

Нема рецепти, нема упати – Од понеделник штрајк на матичните лекари

Published

on

Нема да има издавање на упати и пропишување на рецепти на 5, 6 и на 7 септември, најавија матичните лекари кои со протест на работните места планираат да искажат револт, поради повеќемесечно неисполнување на нивните барања. Ова претставува одлука на Управниот одбор на Здружението на приватни лекари.

Незадоволните лекари уште во февруари побараа зголемување на капитациониот бод и на пациенти на ПЗУ. Тие очекуваат примарното здравство да биде прва точка на владина седница и да се изнајдат конкретни решенија, со што им оставија неколку дена на здравствените власти за повторно да ги разгледаат нивните барања 

Министерот за здравство Беким Сали вчера изјави дека не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5 до 7 септември, бидејќи, според него не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. 

Денеска преку соопштение известија и членовите на Здружението на лекари по семејна медицина дека не го подржуваат и нема да учествуваат на најавениот штрајк на матични лекари поради несогласување со дел од барањата кои биле наведени како причини за штрајкот. 

Continue Reading

Здравје

Важни информации за македонските граѓани: Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт

Published

on

За разлика од КОВИД-19, мајмунските сипаници обично не се шират лесно меѓу луѓето, а за да се случи тоа потребен е близок контакт преку кој вирусот ќе влезе во телото преку исеченица на кожата (дури и кога таа не е видлива), респираторниот тракт или мукозни мембрани (очите, носот или устата), како и преку телесни течности или продолжен контакт со предмети контаминирани од истите (облека, постелнина, пешкири, итн.), вели во изјава за МИА специјалната претставничка на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во Македонија, д-р Ане Јохансен.

Симптомите се најчесто лесни и се во форма на лезии кои можат многу да чешаат или да болат. Се јавува осип со меури на лицето, рацете, стапалата, очите, устата и/или гениталиите (во актуелнава епидемија најмногу се пријавени случаи на генитален и перианален осип), треска, отечени лимфни јазли, главоболки, болки во мускулите и ниско ниво на енергија. Сепак, вели Јохансен, мајмунските сипаници може да бидат тешко заболување, особено за децата, бремените жени и имунокомпромитираните лица.

Американскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека мајмунските сипаници можат да се пренесат на секого кој има близок контакт преку кожа или интимен контакт – орален, анален или вагинален секс или допирање на гениталиите на лице заболено со мајмунски сипаници. Понатаму преку прегрнување, масажа и бакнување, допирање на предмети како облека, пешкири, постелнина на лице заболено од овие сипаници, кои не се дезинфицирани.

Бремените жени можат да го пренесат вирусот на фетусот преку плацентата.

Лице заболено со мајмунски сипаници може да го шири вирусот од моментот додека не се појават симптомите, па се додека осипот не се изгуби. Болеста трае од две до четири недели.

Научниците се уште немаат одговор дали вирусот се шири додека не се појават првите симптоми, како и тоа колку често мајмунските сипаници се шират преку респираторни секрети.

Во земјава вчера до Институтот за јавно здравје беше доставен примерок за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Се работи за пациент од Кичево кој пред неколку дена добил осип на телото, што е еден од симптомите на мајмунски сипаници.

Комисијата за заразни болести препорача изолација во домашни или болнички услови за сомнителните случаи до нивно тестирање, изолација на потврдените случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите и секојдевно епидемиолошко следење на контактите на потврдените случаи за време на трење на инкубацискиот период од 21 ден.

Навремената детекција и изолација клучни за справување со болеста

Претставничката на СЗО во земјава вели дека главните мерки за ставање под контрола на епидемијата на мајмунските сипаници се раната детекција и пронаоѓањето на контактите и нивната изолација. Исто така, според Јохансен, комуникацијата во форма на информирање за ризиците и ангажирањето на заедницата се интервенции од суштинско значење. Државите треба да соработуваат едни со други и со СЗО, обезбедувајќи ја потребната помош преку билатералните, регионални или мултилатерални канали, како и да ги следат упатствата што ги дава СЗО, вели Јохансен.

Таа во изјавата за МИА појаснува дека КОВИД и мајмунските сипаници се два мошне различни вируси и заболувања. Додека пандемијата на КОВИД-19 одзеде над два милиони животи во Европа, првичните пријавени случаи на мајмунски сипаници се главно лесни од аспект на клиничката слика.

– Најголем дел од случаите што во моментов се испитуваат во Европа се лесни. Знаеме дека иако мајмунските сипаници поминуваат сами од себе во повеќето случаи, тие поседуваат потенцијал за предизвикување тешки компликации. Околу осум проценти од досега пријавените случаи завршиле во болница со цел изолација или лекување на заразените, вели Јохансен.

Најчестите причини заради кои заразените се хоспитализираат се добивање помош за справување со болката, секундарни инфекции, а во мал број случаи и заради лекување на животозагрозувачки компликации како на пример воспаление на мозокот.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски не очекува оваа болест да стане проблем како што е коронавирусот.

– Проширувањето не оди така брзо како што на почетокот се плашевме, веројатно изгорени од короната. Се одвива пренесување во одредени групи. Вакцините во цел свет се препорачуваат за тие ризичните групи, со ризични контакти. Не се предвидува во моментов никаде масовна имунизација, посочува Петличковски.

Ризик за зголемување на бројот на заразени од мајмунски сипаници во летниот период

Проценките на СЗО се дека ризикот од мајмунски сипаници на светско ниво и во сите региони на СЗО е среден, со исклучок на европскиот регион на СЗО каде истиот го оценуваат како висок.

– На европскиот регион на СЗО отпаѓаат отприлика 55 проценти од потврдените случаи на мајмунски сипаници во светот изминатиов месец, при што четири земји (Шпанија, Обединетото Кралство, Германија и Франција) пријавиле 76 отсто од случаите, посочува Јохансен.

Од средината на мај заклучно со 9 август, пријавени се повеќе од 17.800 потврдени или веројатни случаи на мајмунски сипаници во 40 земји, а пријавени се и два смртни случаи во Шпанија.

Со континуираното ширење на мајмунските сипаници во Европа, како што вели Јохансен, очекуваат поголем број на тешки и смртни случаи од ова заболување.

– Нашата цел мора да биде брзо прекинување на ширењето на ова заболување во Европа и намалување на бројот на случаи со помош на низа мерки што во моментов ни стојат на располагање, додаде таа.

Претставничка на регионалниот директор на СЗО за Европа во Северна Македонија вели дека Светската здравствена организација препорачува да се избегнува контакт кожа со кожа или лице со лице со секој кој има симптоми и контакт со алишта или постелнина користени од страна на заразено лице. Се препорачува безбеден секс и редовно миење на рацете, особено пред и по контакт со лице кое има симптоми или со предмети што се во негова сопственост.

Вакцинација за превенција од мајмунските сипаници

Европската агенција за лекови ја одобри вакцината за превенција на мајмунските сипаници, а според податоците на СЗО и традиционалната вакцина против големи сипаници (лат. variola vera) обезбедува заштита, но овие вакцини не се нашироко достапни.

– СЗО во моментов не препорачува масовно вакцинирање против мајмунски сипаници, имајќи го предвид и фактот дека во најголемиот број случаи мајмунските сипаници поминуваат сами од себе, односно симптомите исчезнуваат за две до три седмици, вели Јохансен.

Препораката од СЗО е целна вакцинација за лицата изложени на заболени од мајмунски сипаници и за оние под висок ризик од изложеност, каде спаѓаат здравствените работници, одредени профили на вработени во лаборатории и лицата со поголем број сексуални партнери.

– Одлуката дали некој ќе се вакцинира треба заеднички да ја донесат лицето кое може да се најде под ризик и неговиот или нејзиниот лекар, врз основа на проценка на ризиците и користа од примањето вакцина која треба да се направи посебно за секој посебен случај, додава таа.

Министерот за здравство Беким Сали во изјава за медиумите неодамна посочи дека има доволно тестови за евентуална појава на сипаници.

– За вакцините, од националниот координатор за имунизација имам потврда дека во државата имаме на располагање вакцини доколку се појави случај, изјави Сали.

Светската здравствена организација посочува дека вакцинацијата против сипаниците не обезбедува моментална заштита од зараза или заболување бидејќи за тоа може да бидат потребни и неколку седмици.

– Ова значи дека и лицата кои се вакцинирале треба да продолжат со почитување на мерките за заштита така што ќе избегнуваат блиски контакти, вклучително и секс, со други лица кои заболеле или се под ризик да заболат од мајмунски сипаници, порачува претставничка на регионалниот директор на СЗО за Европа во Северна Македонија, д-р Ане Јохансен.

Препораки од СЗО за справување со состојбата со мајмунските сипаници

– Дури и во земјите кои сè уште немаат пријавено случаи на мајмунски сипаници, важно е органите задолжени за јавното здравје брзо и значително да ги зајакнат националните капацитети за надзор, испитување, дијагностика и пронаоѓање на контактите, сè со цел да се идентификува и следи секој евентуален случај, апелира Ане Јохансен и додава дека голема е веројатноста дека голем број случаи остануваат неоткриени, што дополнително ја разгорува епидемијата.

Јохансен препорачува секој кој ќе забележи на себе невообичаен осип да се обрати кај својот матичен лекар. Што се однесува до лекарите, таа порачува дека секој пациент со суспектни мајмунски сипаници треба да биде испитан и изолиран за време на претпоставениот инфективен период на болеста (од моментот на првите симптоми), односно познатиот инфективен период (појавата на осип).

Хигиената на рацете и респираторната хигиена, заедно со личната заштитна опрема и соодветната изолација на суспектни и потврдени случаи, се исто така од суштинска важност за намалување на пренесувањето на болеста во самите здравствени установи. Овде станува збор за истите мерки што беа препорачани и се применуваат за КОВИД-19.

– Соочени со неизвесност околу тоа што носи иднината, државите мора да соработуваат и споделуваат информации, искористувајќи ја до максимум секоја можност за предвидување, контрола и запирање на ширењето на овој вирус за кој допрва имаме уште многу да учиме, порачува Јохансен во изјава за МИА. (МИА)

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк