Досега сме пишувале многу позитивни приказни, но денеска мора да признаеме дека нашиот тим е особено горд на приказната за гевгеличаните кои се вистински херои и промотори на локалниот туризам во село Серменин.
Фразата дека не сите херои носаат наметки, ја потврдуваат Ратка и нејзиниот сопруг Венци кои по потекло се од Гевгелија, но животната приказна ги поттикнала да се преселат во селото Серменин, каде одлучиле да изградат своја куќа во која ќе го поминат остатокот од животот.
Село Серменин се наоѓа во подножјето на Кожуф. Во седумдесетитте години оваа село започнало да умира, а младите да се иселуваат. Денеска на неговата територија растат многу нови живеалишта, викендици, а има и ресторани и приватни сместувања во кои може да ја дегустирате локалната храна. Селото Серменин е природна воздушна бања. Доколку прошетате по неговите улички ќе забележите дека во селото има многу дрвца ореви, за кои мештаните велаат дека е уникатен феномен. Исто така, интересен факт е дека во селото има 7 гробишта, секое маало има своја гробишта, а има две цркви од кои едната е на сред село, а другата е на околу 4 километри во живописна природа.
Низ селото поминува реката Белица, која поради својата бигорност создава сливни базени по течението. Во непосредна близина на реката, неодамна бил изграден новиот дом на Ратка и нејзиниот сопруг. За кој како што вели Ратка, одлучиле да биде овде, поради здравствените проблеми со кои се соочило нивното семејство.
Нашиот тим разговараше со Ратка која ни ја раскажа приказната за водопадот Вера и уникатната урбанизација која ја создаваат со свои раце и свои финансиски средства. Она кое ни остави најголем впечаток како информација е фактот дека дрвената патека, скалилата, оградата и осветлената патека до водопадот е во должина од 80 метри, што им биле потребни цели два месеци заедно со мајсторите Тоше и Борче ја остварат замислената идеја.
Проектот го започнале со неутрална изведба на скали и мост до водопадот, а потоа следувало бојадисување и уредување на просторот со клупи и масички.
Она кое мора да го напоменеме е фактот дека пред да се урбанизира оваа место, дел од месните жители го користеле како дива депонија и поради овие причини на Ратка и Венци им биле потребни месец дена да го исчистат од отпадоци.
На прашањето поради кои причини одлучиле да го урбанизираат местото, Ратка вели дека тоа го направиле со желба да остават белег во природата. Уредено катче, со сопствен труд, без никаква финансиска помош и со љубов кон природата е пример за тоа како треба самите да се грижиме за нашите природни убавини.
Ратка вели дека по струка не се архитекти, но со љубов секоја идеја е остварлива.
Денеска, како што создале пристап до водопадот, така и самите се грижат за чистење на неговата околина. Тие се среќни што им овозможиле на локалните жители уште една атракција и место каде ќе може да појде секој и да ужива слушајќи го звукот од водопадот.
Тимот на Кајак.мк мора да потенцира дека Ратка и Венци беа контактирани од наша страна, без тие да изразат желба за публицитет. Ние како еко платформа и платформа која има цел да ги промоцира локалните херои кои прават мали нешта од огромно значење за туризмот можеме само да кажеме пофални зборови за ваквата иницијатива.
Порај пофалбите, мораме да апелираме до сите патувачи и авантуристи кои ќе се одлучат да го посетат водопадот Вера, да внимаваат на своите деца, да не се качуваат на мостото повеќе лица во исто време и најважно од се е отпадокот да го ВРАТАТ ВО ГРАДСКИТЕ КАНТИ ЗА ОТПАДОЦИ, оти отпадокот нема нозе да се врати каде што му е местото!
Стабилно време со магла до понеделник, дожд од вторник
До понеделник се очекува стабилно и претежно тивко време низ земјава, со појава на магла во утринските часови и зголемена облачност на некои места.
Утре, 18 декември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека претпладне на одредени места ќе се појави магла. Ветарот ќе биде слаб и променлив.
Во Скопје се очекува слично време, со претежно тивко време и појава на магла во котлинските делови претпладне.
Стабилното време ќе се задржи до понеделник, а од вторник се најавуваат локални врнежи од дожд.
Над 40 државни институции преминаа на електронско управување со документи
Повеќе од 40 институции во државата веќе го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), што овозможува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во изјава за медиумите.
Според него, поврзувањето на институциите и општините преку единствен дигитален систем претставува суштинска реформа во функционирањето на државната администрација, со фокус на поедноставени и подостапни јавни услуги.
Андоновски информираше дека за само четири месеци е двојно зголемен бројот на институции кои користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Дополнително, преку државната платформа за интероперабилност, само во ноември биле реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значителен раст во однос на просекот во текот на 2024 година.
Министерот посочи и дека за 20 проценти е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно придонесува за намалување на административните процедури и потребата граѓаните да доставуваат документи од една до друга институција.
„Овие резултати значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја третираме како ИТ-проект, туку како реформа во корист на граѓаните, со јасни и фер процедури“, истакна Андоновски.
Тој додаде дека целта е институциите да функционираат брзо, разбирливо и еднакво за сите, а Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард во работењето на државата преку конкретни и мерливи резултати.
Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“
Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.
Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.
Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.
Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.