Connect with us

Македонија

Младите во Македонија против задолжителниот воен рок

Дефинитивно сѐ почнува од образованието, па затоа се поставува прашањето зошто да нема повеќе обуки, презентации, часови, каде АРМ заедно со ЦУК, редовно ќе информираат, ќе ги учат и ќе ги насочуваат младите во насока колку е важно за колективната безбедност секој да знае и да се вклучува за помош кога има на пример природни катастрофи?, вели познатиот водител Ване Маркоски, а неговите идеи не се далеку од идеите за заживување на работните акции на некогашниот шеф на военото разузнавање, Владимир Пивоваров.

Младите „гугл“ и „јутјуб“ генерации, оние на возраст меѓу 18 и 26 години не се баш заинтересирани да служат војска ако се врати воениот рок, како што неодамна во гостување на ТВ 21 предложи првиот генерал на АРМ, Васко Ѓурчиновски. Ваков е впечатокот што Плусинфо го доби по разговорот со неколкумина млади инфлуенсери и јутјубери, но и постари ТВ-лица. Тие имаат своја идеја за тоа како младите да бидат подисциплинирани, а интересно е што во нивните одговори сегде проникнува зборот „домашно воспитување“ кое, според нив е незаменливо во однос на воениот рок.

Денешните млади, по сѐ изгледа не се против служењето, но се за правото на избор, кое го сметаат за битно во 21 век. Миленијалците изгледаат како поддржувачи на конзервативните вредности, но само на еден модерен начин. Нивниот став е поблизок до оној на врховниот командант на војската, претседателот Стево Пендаровски кој изјави дека професионалната војска ги задоволува потребите на Македонија.

Командантот на Генералштабот пак, вели дека 3 до 4 месеци служба, вклучително и за девојките е „категорично потребно“.

– Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример.

– Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок – предлага Ѓурчиновски.

Идејата на генералот ја поддржаа домашни експерти кај нас. А еве што одговорија некои од влијателните млади.

Војската нема да промени ништо ако немаме домашна култура

Познатиот стилист и мејк-ап артист Даниел Николовски чија шминка на естрадни ѕвезди добива лајкови на Инстаграм не гледа што би се променило со воен рок ако луѓето немаат домашна култура.

– Служењето војска би требало да биде избор и со оглед на тоа дека сме 21 век како што е нагласено погоре мислам дека баш повозрасните генерации треба малку повеќе да се насочат кон разбирање на новите генерации кои и те како во одредени моменти имаат и грешки поради недостатокот на етика и и морал, но тоа е сепак нешто кое го носиме од дома, а дома воспитуваат возрасните…со оглед на оваа констатација не сметам дека војската би променила нешто значително во развојот и дисциплината. Затоа и би требало војската да е избор на сите оние кои имаат таква амбиција да служат војска – вели Николовски.

АРМ и ЦУК да држат кратки часови, наместо задолжителна служба?

Ване Маркоски, водителот на утрински емисии на МРТ е на интересна мисла. Наместо задолжителен рок тој вели дека можат да се организираат разни часови, работилници со кои ќе се популаризира вештината да се брани безбедноста на нашата земја.

– Задолжителен воен рок, ако гледаме од аспект на дисциплина или учење на младите на одговорност на пример, не знам колку би била паметна и применлива работа денес, гледајќи глобално што се случува во оваа нова ера, но и колку е голема разликата во воспитувањето на децата некогаш и денес – вели познатиот шоумен и додава:

– Дефинитивно сѐ почнува од образованието, па затоа се поставува прашањето зошто да нема повеќе обуки, презентации, часови, каде АРМ заедно со ЦУК, редовно ќе информираат, ќе ги учат и ќе ги насочуваат младите во насока колку е важно за колективната безбедност секој да знае и да се вклучува за помош кога има на пример природни катастрофи? Кај нас впечатокот е дека се тоа се прави колку да помине. Со поголема посветеност и посериозен пристап кон ова, ќе им се даде можност на младите сами да одлучат што понатаму– подвлекува Маркоски.

Оваа идеја можеби и не е толку далеку од идејата за младински работни акции Владимир Пивоваров, поранешен шеф на македонското воено разузnавање. Пивоваров претходно за Плусинфо ги врати своите сеќавања на пријателството, тавче-гравчето и на задоволството кои би го кренало моралот на младите луѓе. „За“ идејата е и професорот Борис Мургоски од Факултетот за безбедност.

Доста е со војни, дисциплината се стекнува во училиште

Инфлуенсерот Давид Давидовски препознатлив по екстравагантните модни фотографии на Инстаграм е против војна во 21 век. За него образованието во раните години е клучот со кој подоцна Македонија ќе ја браниме со збор, а не со пушки.

– Јас мислам дека идејата е добронамерна, но сепак за ова време ужасна. Затоа што стекнувањето на дисциплина кај младите треба да се стекне уште во раната училишна возраст. Во време на демократија, во време на „слобода” мислам дека не треба да има воен рок, затоа што нема да се почитува различноста. Треба да градиме иднина како што доликува на една европска земја во 21 век. Доста е со војни! Време е за живот, љубов и радост! Македонија не треба да се брани со пушка, Македонија треба да се брани со збор! – вели Давид Давидовски.

Но, во мислите на првиот генерал Васко Ѓурчиновски, различностите се нешто друго. Првиот човек на АРМ во заедништвото на војската гледа место „каде сите различности ни се спојуваат“. Ѓурчиновски како прва придобивка од служењето не ја става одбраната, туку способноста младите да реагираат во случај на непогоди.

– Би добиле оспособување на кадрите за било какви можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие предмалку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација, едно старешинство, помлад постар, вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека сте служеле воен рок – изјави Ѓурчиновски за ТВ21.

А да ја вратиме довербата во полицијата, судството и да си го средиме образованието?

Марко Новески, долгогодишно ТВ-лице познато ја враќа топката кај институциите како што се полицијата и судството. Истовремено, тој нагласува дека младите вештините можат да ги научат и во образованието.

– Деликатна тема малце на која искрено немам конкретен одговор. Еден дел од мене е за служење задолжително војска и за мажи и за жени, но не гледам како би го направиле тоа со целава финансиска ситуација. Од друга страна пак мислам дека има подобри начини за „воведување ред и дисциплина” кај младите, а тоа е преку подобар образовен систем, стекнување работни навики уште од мал, секојдневно учење на нови вештини и имплементирање на истите во секојдневниот живот, враќање на довербата кај полицијата и судството, отварање на нови работни места за младите и слично – вели тој.

Грижата од родителите, клучна за домашното воспитување 

Влијателниот Стеки, чии уметнички фотографии на Инстаграм тотално се вклопуваат во хипстерскиот ретро и еклектичен вкус на миленијалската генерација зборува за грижата на родителите за децата која како да ја има сѐ помалку во модерното воспитување. Како и останатите, за него служењето треба да е прашање на избор, а не на обврска наметната од државата.

–  Ниту задолжителен воен рок ниту било која друга активност нема да ги направи младите повеќе дисциплинирани ниту ќе ги доведе ,,во ред“ како правилното домашното воспитување и грижа од страна на родителите врз своите деца во нивното детство и најрана возраст како и доброто образование во училиштата, но пред сѐ најмногу доаѓа како фактор самиот карактер на поединецот. Кој има желби и пасија може слободно да оди да служи војска, а за задолжително служење нема никаква потреба – вели инфлуенсерот Стеки.

Дебатата за служење воен рок брзо спласна во Македонија неколку дена по изјавите на Ѓурчиновски. Можеби во една сеопфатна анкета и со поголема вклученост на општествените чинители може да се добие слика на кој ум се младите во однос на ова прашање. Засега, Министерството за одбрана нема планови за враќање на службата која е укината во 2006 година.

Парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок во Македонија започна во 2005 година, а последната класа која служеше војска е од 2006 година. Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Швајцарија, Литванија, Естонија, Русија, Белорусија, Украина, Грција, Турција и Кипар сѐ уште имаат задолжителна воена служба во Европа.

Извор: ПлусИнфо

Македонија

Пресцрт во случајот „Синџир“: „Ѓаволот“ се предаде, затворот заменет со домашен притвор поради загрозена безбедност

Првообвинетиот во мега-аферата за даночно затајување „Синџир“, Љупчо Пецов – познат како Ѓаволот, по долг период во бегство, од вчера е во рацете на правдата, но не зад решетки во Шутка, туку во својот дом.

Во ненадеен пресврт, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се откажа од барањето за затворски притвор. Наместо тоа, обвинителството предложи, а Кривичниот суд прифати на Пецов да му биде одреден куќен притвор под строг 24-часовен полициски надзор.

„Судијата немаше избор – законот не му дозволува да одреди построга мерка од онаа што ја предлага самиот обвинител,“ појаснуваат од Кривичниот суд.

Обвинителството го оправда ваквиот „попуст“ со неколку клучни причини:

  • Влошено здравје: Пецов доставил медицинска документација за претходно болничко лекување и препораки за понатамошна терапија.

  • Безбедносен ризик: Обвинителите процениле дека неговата лична безбедност во истражниот затвор не може да биде гарантирана.

  • Сериозни влијанија: Постојат индиции за притисоци врз постапката и врз самиот обвинет.

  • Доброволно предавање: Пецов сам се појавил пред органите на прогонот и веднаш ги предал своите два пасоша.

Овој случај доби филмски пропорции по неодамнешното апсење на неговиот адвокат, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа „падна“ во полициска заседа под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра (од првично побараните 100.000) за да изврши притисок врз судии во Апелација за укинување на притворот на Пецов. Додека Стафа сега е во затворски притвор, неговиот клиент успеа да издејствува престој дома.

Случајот „Синџир“ е една од најобемните истраги за финансиски криминал во државата. Пецов е првообвинет во група од 26 лица и 28 компании кои, преку шема со фиктивни фактури и лажен ДДВ, се сомничат дека „испумпале“ 8 милиони евра од државниот буџет.

Иако Апелација претходно ја одби неговата милионска гаранција за слобода, неговото доброволно предавање и „кревкото здравје“ ги отворија вратите на неговиот дом, каде под будното око на полицијата ќе го чека продолжението на судскиот процес.

Continue Reading

Македонија

Само 15 од 3.690 автобуси во Македонија се електрични – јавниот транспорт останува далеку од еко-трансформација

Иако македонските патишта се преплавени со автобуси, квантитетот во овој случај не значи и квалитет. Најновите податоци на Евростат откриваат фасцинантен, но загрижувачки парадокс: додека Европа активно оди кон „зелена“ мобилност, македонскиот јавен превоз останува заглавен во облак од дизел чад.

Со 2 автобуси на секои 1.000 жители, Македонија со леснотија го престигнува просекот на Европската Унија (1,6). На хартија, нашата мрежа е погуста од онаа на многу европски метрополи. Сепак, од вкупно 3.690 регистрирани автобуси во 2024 година, дури 97,8% се движат на дизел.

Додека европските градови инвестираат во тивок и чист транспорт, во Македонија само симболични 15 возила (0,4%) се електрични – капка во морето на фосилните горива.

Интересен е податокот дека Македонија го обновува својот возен парк со двојно побрзо темпо од ЕУ. Минатата година биле регистрирани 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2% (наспроти европските 5,1%).

Но, ние купуваме нови возила, но купуваме стари технологии. * Во ЕУ: Речиси секој петти нов автобус (17,8%) е со нулта емисија.

Речиси секој нов автобус е повторно – дизел.

Додека автобуската мрежа е натпросечно застапена, кај патничките автомобили сликата е обратна. Со 319 автомобили на 1.000 жители, Македонија сè уште е далеку под европскиот стандард од 578 возила. Ова сугерира дека граѓаните сепак се потпираат на јавниот превоз, што само ја зголемува итноста тој да биде модерен и еколошки.

Continue Reading

Македонија

Западен Балкан како еден: Муцунски јасно за иднината во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, користејќи ја симболиката на виното како сврзно ткиво на регионот, испрати силна порака до европските партнери. Тој потенцираше дека иако евроинтеграцијата е технички процес, суштината е во регионалната кохезија.

„Ниту една држава не смее да остане изолиран остров. Иако системот е поставен така што не мора сите да влеземе во исто време, нашата крајна цел е таму да бидеме заедно“, дециден е Муцунски.

Тој повлече паралела со македонското грозје, кое често е „тајната состојка“ во регионалните вина, заклучувајќи дека кога работиме заедно, создаваме „вистински европски производ“ со кој сите се гордеат.

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, внесе нова енергија и емоција во дискусијата. Таа упати критички осврт кон бирократизацијата на процесот, нагласувајќи дека премногу се зборува за политика, а премалку за луѓето и културата кои го дефинираат Балканот.

„Понекогаш сакам да им кажам на земјите од регионот: не мора толку да ни се докажувате. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е само формализирање на таа реалност“, порача Кос, ветувајќи дека ќе работи на зголемување на видливоста на Балканот меѓу членките на ЕУ.

Комесарката Кос го заврши своето обраќање со необично ветување кое веднаш стана метафора за нејзиниот мандат: по затворањето на преговорите со секоја земја, таа лично ќе го освои нивниот највисок планински врв. За Македонија – тоа е Кораб.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг