Connect with us

Религија

Значењето на Светите Тајни на Црквата за духовното восовршување на човекот

Published

on

Должноста на секој христијанин треба да се состои во правилното разбирање на Христовото спасително дело и, колку што е тоа возможно, во практичната усогласеност со него, за да би успеал да го стекне спасението, што воплотувањето на Божјото Слово ѝ го донесе на човечката природа. Во овие рамки, ќе се осврнеме кон Светите Таинства кои се соборните елементи што го овозможуваат остварувањето на оваа цел.

Возобновувањето на човечката природа преку Христа едноставно не го ослободи човекот само од трулежот и смртта, туку ја надмина состојбата пред падот и го удостои  со обожувањето и „доближувањето“ кон Отецот. Човечката природа, привлечена од Христа, преку благодатта на Светиот Дух стана победник над распаѓањето и смртта и беше воведена во животот на Телото Христово, кое е Црквата. Црквата пак, како Тело Христово, е реално „општество на обожувањето“ кое му се нуди на човекот преку Светите Тајни.

Света Евхаристија

Светите пак, Тајни, се чувствени средства, или канали на божествената благодат. Тоа се случува по Божјата икономија, заради двојната природа на човекот, која го содржи материјалното тело и неговата нематеријална душа. Светите Таинства се носители на благодатта, што потенцијално произлегува од божествената икономија во Христа. Но, за да стане ова поразбирливо и да не се мисли дека станува збор за нешто што дејствува масовно и по принуда, ајде да напомнеме неколку работи во врска со смислата на божествената икономија во Христа.

Господ Христос, преку примањето на нашата природа, ја возобнови и обожи човечката „природа“ а, не „лицата“. Значи, човечката природа во нејзината целост постана причесник на божествената Благодат, така што благодарение на ова општење, човечките „личности“ сега можат, , ако го сакаат тоа и ако живеат живот во Христа, да стигнат до усовршување и обожување. Обожувањето не му се наметнува на човекот, туку се предлага на неговата слобода, којашто Христос не ја укина со Неговото воплотување.

Човекот, создаден слободен, по свој слободен избор се оддалечи од Бога, и повторно, по свој слободен избор и желба се враќа во првобитната состојба на благодатта. Токму овој слободен избор ја содржи предиспозицијата за неговиот влез во животот Христов и за неговото учество во обожувачката благодат на Светиот Дух којашто извира од Светите Тајни на Црквата. Несоздадената и божествена благодат Божја, престојувајќи во човекот, го прави причесник на божествените својства: тој станува „беспочетен“, „бескраен“ и „вечен“ по благодат, според светите Максим Исповедник и Григориј Палама. Секако, основната разлика меѓу човечката и божествената природа останува непроменлива, но учеството по благодат на човечката природа во обожувачката Благодат, го прави човекот Бог – во сѐ „освен во поистоветувањето по суштина“. Токму ова и го вели, помеѓу другото, светиот апостол Јован во неговото Прво послание: ‹‹Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме  каков што е…›› (3,2).

Светите и Божествени Таинства дејствуваат преку обожувачката благодат и, паралелно, преку целата етика и животот на човекот во Христа. Ако оваа врска биде прекината, тогаш така одделено не користат ниту Таинствата ниту етичкиот живот.

Според светите Отци, најважните Тајни за спасението на човекот се овие две: Крштението и Светата Евхаристија. Големиот светилник на нашата Црква, светиот Григориј Палама во неговата 60та омилија поучува: „Бидејќи од овие две (Тајни) зависи нашето спасение; на нив се темели целата богочовечка икономија“. Слично нѐ поучува и божествениот Златоуст во неговата проповед „за прободеното од страна на војникот ребро на нашиот Господ на Крстот“: „Не случајно протекле изворите (на крв и вода), туку затоа што од нив двата постана Црквата и тоа го знаат верните, кои повторно се родиле од водата на Крштението и се хранат со Крвта и Телото Христови. Оттука започнаа Таинствата“.

Посочувајќи ги овие две основни Свети Тајни, не ги потценуваме и останатите. И во оваа прилика би сакал да напомнам дека лошо е тоа што денес велиме дека има седум Свети Тајни во Црквата. Тоа им било туѓо на светите Отци, коишто за ‹‹Таинство›› го сметале секој облик на свештенодејствие што се вршело од страна на законските служители на Црквата, зашто, нели, секое свештенодејствие се прави за осветување и спасение на верните[1].

Крштение Христово

Првата основна Света Тајна со која човекот се вбројува во Црквата и стекнува лично учество во спасението во Христа, е Крштението. Со Крштението човекот се очистува од гревот и се ослободува од власта на смртта. Обете овие, и смртта и гревот, имаат причинска врска меѓу нив. Смртта дојде во светот преку гревот којшто, според божествениот Павле, токму поради тоа и е наречен „центарот“ на смртта (1Кор. 15, 56).

Ослободување на човекот од смртта не е можно, освен со укинување на причината, значи гревот. И штом човекот е под власта на гревот, тој неминовно подлежи на смртта. Но, преку Крштението човекот се соединува со Христа и со Него се издигнува во животот на новиот век. Светата Тајна Крштение ги симболизира смртта и животот, воскресението. Смртта е умирањето за гревот, а  воскресението е општењето, соединувањето со Божествената оживувачка благодат, која му се дава на човекот преку „печат“ од дарот на Светиот Дух.

Всушност, Крштението го разврзува човекот од наследната смртност, која влезе преку гревот. Светите Отци, нѝ нагласуваат дека преку Крштението се уништи остенот на смртта (Свети Кирил Ерусалимски), и дека тоа е причината за возобновувањето и повторното раѓање (Свети Григориј Ниски), додека светиот Григориј Палама истакнува дека Крштението го воведува човекот во надумното и во чувството на ‹‹новиот›› век и го прави учесник во нераспадливоста и негрешноста. Благодатта на Крштението го очистува и прави блескав образот Божји во човекот и повторно му ја дава способноста и можноста да стане сличен на Бога преку обожувањето по благодат, способност што ја имаше загубено после падот. Силата за враќање на она што е „по образ“ му се дава веднаш штом ќе биде крстен; а, пак силата за „и подобие“ ја прима како семе, коешто треба да никне, преминувајќи во духовна зрелост, не само со енергијата на благодатта, туку и  со соработката на самиот човек, преку животот во Христа. Значи, Крштението е ново раѓање, поважно од телесното раѓање; тоа, според Дионисиј Аеропагит, е „чин на раѓање во Бога“. А, штом „роденото од Дух, дух е“, според зборовите на нашиот Господ (Јн. 3, 6), тогаш и оној кој се крстил станува духовен човек.

Старец Јосиф Ватопедски – Бигорски манастир

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк