Ако патот ве носи кон Крива Паланка, во кој било ден или доба од годината, неодминлива дестинација за уживање во благодатите на раскошната природа, во пазувите на столетната дабова шума на Осоговската Планина е вековното духовно светилиште, манастирскиот комплекс свети Јоаким Осоговски. Лоциран е на околу два километри од центарот на Крива Паланка, а до него водат два асфалтирани патни правци, едниот постар и не многу стрмен, другиот нов, со блага угорница, но од каде и да тргнете, одмориштата со видиковци од каде ќе ја набљудувате панорамата на градот се попатни станици, а оттука, до манастирот – ќе ве води „звукот на тишината“, кој е еднаков на оној со кој капката утринска роса се слизнува од оросените планински цвеќа во близина.
Историјата на манастирот започнува со доаѓањето на свети Јоаким Осоговски овде, на овие простори, и како што се вели во неговото житие: „Дојде како ѕвезда, многу светла, од запад, кон исток“. Животот го поминал во бдение, пост и молитва, а се упокоил во 1105-та година, а педесет години по неговата смрт, еден свештеник по име Теофан, воден од светиот дух дошол од Овче Поле за да ги извади моштите и ги наоѓа моштите. Тој, воедно, е и градител на малата црква сега посветена на Рождество на Пресвета Богородица, раскажа отец Александар Смиљков, архиерејски намесник на Кривопаланечкото архиерејско намесништво.
Основањето на манастирот
Освен житието на св. Јоаким Осоговски науката не познава други пишани документи и извори за основањето на манастирот. Житието на св. Јоаким е зачувано во преписи од XV век наваму. Преписите се менувани и дополнувани со настани, случки и епизоди од животот на светителот. Најстариот препис на житието се чува во Синодалната библиотека во Софија и датира од XV век. Житието повеќепати е објавувано и тоа според ракописот од XVI – XVII век, од В. И. Ламански во Санкт Петербург во 1864 г. од С. Новаковиќ во Белград во 1867 г., од академик Јордан Иванов во Софија во 1931 г., од Теодосија Леков во 1789 г. во Хиландар и од Д. Маринов во Софија во 1900 година. Последната верзија ја отпечатил архимандритот Кесариј (игумен во манастирот) во 1912 г. во Софија. Според житието, Господ решил да го возобнови и подигне местото на св. Јоаким Сарандопорски во времето на византискиот цар Манојло Кемин.
На Бога му било угодно самиот чин на градба да ја изразува промислата и полнотата на словото. Затоа овоземниот живот на св. Јоаким Осоговски била доволна причина со божја промисла да се оствари словото на лобосот на ова парче света земја, во конкретен облик црква, светилиште, манастир. Промислата сакала манастирот да не биде ничија задужбина, а самиот св. Јоаким да биде ктитор на својот манастир.
Артикулацијата на овој свет градителски чин била предодредена преку свештеникот Теодор од Овчеполско. Тој во сон преку Божјо видение ја примил врз себе светата и кратена цел.
„Господе мој, слушнав за светиот отец наш Јоаким, кој живее во пазувите на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, со неговите свети молитви и со Божјата помош и мене кутриот ми се посака на ова место и со неговите молитви Господ и нашите чекори да ги упати кон исполнувањето на Божјите заповеди“
„Оди чедо, со мир Божји, со благодати“.
„Се разбуди Теодород сонот и разбра какво видание и каков благослов прими, го прослави Бога и светиот и не кажа што виде. И дојде пак во спомнатото место, се насели таму и рече: Овде е покојот мој за цел век, овде ќе се населам бидејќи го засакав ова место“. По малку време откако Теодор се замонашил и го добил името Теофан како прв игумен, со помош на месното население ја изградил првата манастирска црква. Чинот на основањето на Осоговскиот манастир се случил така како што било запишано. Педесет години од упокојувањето на светителот, неговите мошти Теофан ги поставил во саркофаг во внатрешноста покрај западниот дел на црквата, каде што и ден денес ја искажуваат својата исцелителна и лечебна моќ. Така во овој дел од македонската земја се појавил непресушен вруток на духовно јадро околу кое X века пулсира црковниот, духовниот и културниот живот во Кривопаланечко и пошироко со и низ манастирот Свети Јоаким Осоговски.
Некои фрагменти од житието, како оној дека игуменот со калуѓерите ги пеел часовите пред црквата, се искористени од С. Новаковиќ и од некои современи автори за тезата дека првично бил изграден мал храм. Кој е тој мал храм? Од денешните два храма помалиот е посветен на Света Богородица, а не на Свети Јоаким Осоговски. Претпоставка е дека пред изградбата на Големиот храм посветен на св. Јоаким Осоговски (1847/51) год. под темелите се наоѓа во првиот храм на св. Јоаким Осоговски. Археологијата и воопшто науката сè уште ја немаат дефинирано оваа претпоставка. Дали со основањето на манастирот во XII век се изградени два храма и кај е првоизградената? За ова сè уште нема одговор. Како и да е, најстар црковен објект денес во манастирскиот комплекс е црквичката Рождество на Пресвета Богородица која датира од XII век. Манастирот Св. Јоаким Осоговски се наоѓа на неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен во прекрасните падини на Осоговските Планини во месноста Бабин Дол. Првичната локација според житието се вика Манастирски Рид.
Двата храма, едниот посветен на св. Јоаким и другиот на Света Богородица се сместени на пространо и питорескно плато со камбанаријата. Географската диспозиција на двата храма, како и разиграноста на придружниот архитектонски ансамбл, го прават еден од најмонументалните манастири на Балканот. Со основањето, манастирот Св. Јоаким Осоговски станал дел од историските текови на животот, дел од вечната смисла на животот на кривопаланчани и на нивната заветувана света должност на својот патрон и заштитник да му изградат манастир и да му воспеат химна на вечното животворно слово. Вистинскиот храм ги сплотил луѓето низ векови и им дал надеж во допирот со вечноста.
Фреска на св. Јоаким Осоговски во карпа во Осоговскиот манастир
Подоцна, откако се појавила потреба за изградба на поголема манастирска црква, Хаџи-Стефан Белички, богат трговец од Крива Паланка, дошол и започнал со изградба на големата манастирска црква посветена на свети Јоаким. Манастирот е граден во периодот 1847 до 1851 година. Моштите на светецот се зачувани тука, а истите, како што споменавме, ги пронашол монахот Теофан и биле положени во саркофаг, каде и ден денс се наоѓаат, додава отец Смиљков. Бројни верници од сите краишта на Македонија, Балканот, Европа и светот, доаѓаат во посета на манастирскиот комплекс, што е духовен рај, а моштите на светецот Јоаким Осоговски се место каде некои од верниците одлучуваат и по малку да преспијат, верувајќи дека им носи благослов, благодат и мир.
Манастирот во почетокот на XX век
Не ретко, оние што слушнале за чудотворните мошти на светецот, од преданијата, до ден денес, но и сите оние со цврста и силна верба во Бога, доаѓаат во манастирот да донесат дарови, молејќи се за здравје и излекување од болести. Еден од нив е и Дојчин Спасовски, кој случајно го сретнавме при посетата на манастирот. Дојдов пред празникот Успение на Пресвета Богородица, да се помолам за здравје на мојата сопруга, болна е, моите ќерки, пак, се уште немаат пород, па се молам на светиите, носам дарови, за да ми ги услишаат молитвите, вели чичко Дојчин.
А низ целата година, река посетители се слева во манастирот, од Русија, Соединетите Американски Држави, Бразил, Финска, Шведска, Шпанија, Франција, Словенија, Холандија. Некои се восхитуваат на природата и благодатите, други на сакралноста на секој камен вѕидан во конаците, црквите, во портите и капиите, во ѕидините, трети-едноставно го впиваат секој атом кислород на воздухот што има неверојатна, благопријатна свежина на 800 метри надморска височина.
Во кругот на манастирот се наоѓа и хотел „Манастир“, со кој раководи епархијата, а истиот располага со капацитет од 96 легла, распоредени во повеќе едно, две и повеќекреветни соби, различни по големина, но со иста убавина-поглед над манастирот. Посетителите можат покрај природата и духовноста, да уживаат и во вкусните специјалитети и традиционални рецепти, се до десерти и пијалоци до поднебјето на Крива Паланка и Кривопаланечко кои се служат овде, а не ретко, многумина се одлучуваат тука да ги прослават најзначајните моменти од нивниот живот, свадби, крштевки, родендени.
Во екот на празнувањата што претстојат, големиот празник Успение на Пресвета Богородица и 29-ти август, чествување на споменот на Јоаким Осоговски, речиси и да нема слободно место во хотелот. Одговорните велат, така е во текот на целата година, без оглед на годишното време и период, едноставно, постојано се вгостуваат и испраќат туристи. Изминитите десетина месеци бројот на гости што минале во нашито хотел се речиси десет илјади, а сите, едногласно, заминуваат со полно срце и душа, со слики и спомени за раскажување, велат од управата на хотел „Манастир“.
Еден од повпечатливите примери е оној на младиот американски студент Рејмонд Франсоа, кој импресиониран од убавините што ги доживеал во местото, во Крива Паланка, кај домаќинот волонтерот Кајл Бутчер и фамилијата Ристовски, кај гостопримливите соработници од кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ и семејството Белешковски, решил да го истетовира знамето на Република Македонија на својата рака.
Манастирот е особено свечен, во предвечерјето на празнувањата на големите 28-ми и 29-ти август. Се е подготвено за големиот црковно-народен собир на 28-ми вечерта, кога за сите посетители, верници и добронамерници ќе биде отворен и стариот манастирски конак, каде ќе се служат вечера и појадок. По литургијата на 28-ми ќе биде осветена и обновената костурница под камбанаријата во склоп на манастирот. Ова е костурница во која се положени над двесте мошти од монасите од постоењето на манастирот до денес, рече митрополитот кумановско-осоговски, г. Јосиф.
Вели, ова е единствена костирница од ваков тип во Македонија, која има собрано толку многу мошти од монаси, од различни периоди. Моштите се извадени до дупка на длабочина од 7,5 до 10 метри длабочина, есхумирани се и положени во обновената костурница, која е и ново-фрескоживописана. Истите се добро сочувани, бидејќи во дупката беа поместени под карпа, каде земјата беше сува и не биле подложни на атмосферски влијанија. Покрај мошти, пронајдени се и други материјали, разни крстови, богослужбени предмети и друго, кои се делумно сочувани во првобитната форма, додава владиката г.Јосиф.
Рече дека на секоја задушница ќе се служи панихида во костурницата. Инаку, манастирот е единствен во државата кој има и свое противпожарно возило, а го опслужуваат пожарникари од Територијална противпожарна единица, Крива Паланка. Исто така, манастирот располага и со сопствена механизација за одржување на околните локации и патните правци во текот на годината. На денот на патрон-светецот на манастирот, св.Јоаким Осоговски, 29-ти август, со светата Божествена литургија ќе богослужи архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение со митрополитото кумановско-осоговски г.Јосиф, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф и епископот хераклејски Климент.
Ако се уште не сте одлучиле каде ќе го поминете празничниот ден, или каде ќе минете денови за одмор, макар и со викенд патување, не пропуштајте да бидете и вие дел од оние кои не штедат зборови во пренесување на сопственото позитивно искуство поминато овде, во парчето рај на земјата, на македонско, Кривопаланечко тло, на битот од каде се започнува, вербата во Бога и љубовта, кон природата и човештвото.
Се роди во Рим, а во младоста изврши многубројни и тешки гревови. Но кога се отрезни од грешењето и си дојде на себе, трепереше од самата помисла за Судот Божји. Стапи во еден манастир и со пост, бдение и послушание го скроти и го исуши своето тело.
Овде им беше пример на браќата. Ноќе често излегуваше од манастирот и одеше во една блиска пештера на молитва. Бидејќи не знаеше каде оди монахот, игуменот на манастирот една ноќ тајно тргна по него.
И таа ноќ тој го виде Емилијан како стои на молитва со страв и во солзи. Одеднаш целата таа гора ја облеа небесна светлина посилна од сонцето, а најсилна беше во пештерата на Емилијан. А од небото се слушна глас: „Емилијан, ти се простуваат гревовите!“
Игуменот се исполни со ужас и побегна во манастирот. Утредента им објави на браќата за она што го виде и чу минатата ноќ. Емилијан поживеа долго и мирно, во голема почит меѓу браќата, па се упокои во Господ.
Исус не е роден на 25 декември и веројатно воопшто не е роден во декември. Во Библијата се спомнуваат овчари кои ги паселе стадата на полето, што покажува дека во тоа време било топло. Декември во Израел би бил студен, полињата пусти, а овците во колиба. Овчарите би ги чувале овците на полињата најмногу на пролет, пишува Listverse.
Најраните проценки за раѓањето на Исус датираат од времето на Климент Александриски, кога се споменуваат датумите 21 март, 15 април, 21 април или 20 мај. 25 декември се споменува дури во средината на четвртиот век. Популарната теорија шпекулира дека овој датум е „украден“ од Римјаните, односно нивниот древен фестивал на раѓањето на Сонцето, кој се одржал на крајот на декември. Сепак, многу ранохристијански писатели не го спомнуваат овој фестивал, а некои отворено ги исмеваат римските прослави од овој тип, па многумина се сомневаат и во оваа теорија.
Раниот христијански писател Тертулијан пресметал дека Исус е роден на 25 март, но тој датум подоцна бил земен како датум на зачнувањето на Исус. Точно девет месеци од тој датум е 25 декември, така што тој датум се зема за негов датум на раѓање. Така тој датум всушност бил „создаден“ од раната Црква, а не од паганските обичаи. Меѓутоа, многу научници ја отфрлаат теоријата дека Исус е роден во декември.
Во реконструкциите на раѓањето на Исус се спомнуваат и опишуваат тројцата кралеви кои му донеле подароци. Меѓутоа, од Библијата може јасно да се прочита дека тројцата кралеви дошле да го посетат Исус многу подоцна. „Влегувајќи во куќата, го видоа детето со Марија, неговата мајка, и поклонувајќи се, му се поклонија…“, вели Библијата која ни кажува две работи.
Прво, Исус тогаш бил со Марија и Јосиф во куќа, не во штала, и второ – се работело за дете, а не за новороденче. Научниците тврдат дека тројцата цареви дошле да го посетат Исус околу две години по неговото раѓање.
На 24 февруари 1582 година Папата Григориј Тринаесетти прогласил нов календар, наречен по него Грегоријански, со папски декрет (була). Оттогаш, во римокатоличките земји престанал да важи јулијанскиот календар кој бил прогласен од Јулиј Цезар во 45 година п.н.е., со што е утврдено дека новата година започнува на 1 јануари, а не на 1 март како дотогаш.
Протестантскиот свет го прифати Грегоријанскиот календар во 18 век, а православните земји го воведоа во административна употреба дури во втората деценија на 20 век. Српската, руската, ерусалимската, грузиската црква и манастирите на Света Гора останале верни на јулијанскиот календар, бидејќи врз основа на него биле утврдени сите христијански празници на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година.
Според Никејското Александриско правило било утврдено дека годините се бројат од раѓањето на Исус Христос, но подоцна во „христијанскиот Рим“, Римската империја, преминале на мерење на времето од почетокот на светот, што црковните хронолози го пресметале да се случило на 1 септември 5509 година п.н.е.
Во 523 година, папскиот викар Бонифациј му наредил на монахот Дионисиј Помладиот да го одреди начинот на спроведување на Александриското владеење, а тој погрешно пресметал дека Исус е роден 753 години по основањето на Рим, на 25 декември.
Имено, според Новиот завет, Христос се родил за време на владеењето на Ирод Велики, кој умрел 750 години по основањето на Рим, па Дионисиј погрешил најмалку 3 години со датирањето на раѓањето на Исус. Иако набрзо се увидело дека пресметката е погрешна, нејзиниот резултат остана во канонот според кој христијанската ера започнува на 1 јануари 754 година по основањето на Рим. Ова неправилно броење на години продолжи до ден-денес.
Во нашите краеви, сметано на државите од поранешна Југославија, во Кралството СХС, Грегоријанскиот календар официјално е воведен во административна употреба со Законот за изедначување на стариот и новиот календар од 10 јануари 1919 година, со кој е утврдено дека од 15 јануари 1919 година Јулијанскиот календар престанува да се применува и дека Денот на Исусовото раѓање е всушност 28 јануари.
Уште една во низата приказни за чудата на Светиот Василиј Острошки е сведочењето на јеромонахот Исаија, кој го запишал во манастирската тетратка.
Денес оваа приказна се наоѓа помеѓу безброј други во книгата „Новите чуда на Светиот Васил Острошки“ во издание на манастирот Острог и Света Гора.
Јеромонахот Исаија во својата тетратка опишал како Свети Василиј го исфрлил нечистиот дух од 15 – годишна девојка.
Приказната ви ја пренесуваме во целост:
„Една вечер, околу два часот по полноќ, се слушна некоја бучава на манастирската чешма.
Кога погледнавме видовме дека мијат некоја девојка со водата од чешмата, а таа вика и вреска.
Нејзините родители ни кажаа како се вика, дека има 15 години и дека доаѓаат од Хановер. Во неа беше нечистиот дух и ја донеле кај Светецот за да се исцели.
Отецот Јоил дојде да ѝ прочита молитва, бидејќи таа не сакаше да излезе од колата. Кога ја отвори вратата, таа го фати за епитерахелијата и го удри со нога.
По некое време заминав и јас да ѝ прочитам молитва, а отец Јоил ми кажа сѐ однапред, па така што бев подготвен да реагирам. Меѓутоа, овој пат девојката беше помирна.
Некако успеавме низ приказна да ја убедиме да излезе од автомобилот и ја одведеме до патот на Светителот. Кога стигнавме до црквата, таа не сакаше да оди понатаму. Таму и прочитав молитва и таа се врати.
Следното утро, влезе кај Светителот, но не сакаше да го бакне ниту крстот ниту Светецот. Вечерта го направи и тоа.
Секој пат кога доаѓаше кај Светецот ѝ читавме молитви, па така кај неа сѐ одеше на подобро.
Вториот ден вечерта ѝ ставија крст околу вратот и тогаш веќе ѝ беше многу подобро. Таа го зема крстот и го бакнуваше.
И слава на Бог и Светиот Василиј! – Снежана третиот ден се причести во Долниот манастир и здрава се врати во својата кужа, на голема радост на нејзиното семејство!