Connect with us

Религија

Ноќта спроти Тодорова сабота пред легнување направете го ова!

Published

on

Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).

Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 1 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова Сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.

Педесет годни по заминувањето на Свети Теодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост особено првата недела по која некои и се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со к*в од жр*вите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со к*в. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неиспоганети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во Црквата и се носи жито.

Според едно предание од Гевгелиско Свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.

Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува празникот Тодорова сабота во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа на една недела по Прочка, поточно првата сабота по овој празник што значи дека тој е на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.

Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје”. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” и тн.

Во записите од Гевгелиско направени на почетокот на овој век од Н.Д. Рачев се вели дека за заштита од магии, но и за иницирање живот и здравје на луѓето и добитокот се правело „мамило”. Тоа се правело од варена пченица и пченка кои се носеле во црквата каде што попот им пеел молитва. Потоа дома на сите и на луѓето и на стоката им се давало да каснат по малку но строго се внимавало ниту едно зрно да не падне на земјата зашто во спротивно ќе се случела голема несреќа и на луѓето и на добитокот.

Интересен обичај во Дебарца спроти празникот изведувале девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале кесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат, а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска кесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени пак што ќе собереле повеќе вакви кесиња на враќање ги фрлале во некоја вода (извор, река, поток и др.) со благослов: „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат”.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и три пати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје”. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот”.

Вакви обичаи забележал и М. Цепенков. „Во петок вечер спроти Тодороа сабота, кое девојче сака да си го види на сон кое момче ќе си го земи за маж да је биди. – еве како ќе напраи: ќе седни да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе го изваи од уста и ќе го чуа за коа ќе си легни да го клаи под перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојде тоа момче што и је наречено за да ја земи. Ако види некое момче што го знаи, него ќе го земи бездруго, а пак ако види некое непознато, непознатото момче ќе го земи”. Сличен на овој обичај М. Цепенков забележал и во Битола: „Во град Битола спроти Тодорица праат мајките на ќерките еден маривет да познаат кое момче ќе и ја земи ќерката. Ќе појди една мајка в црква и ќе земи три зрна пченица, падната што има наземи. Коа ќе седнат да вечераат, ќе и го укради мајката на ќерката првиот залак и коа ќе си легни девојчето да спие, ќе и клаит под перница. Спиејќи девојчето, ќе го сонуала кое момче ќе го земела, убао ќе го видела, очи со очи ќе се виделе и бездруго тоа момче ќе го земела. Утрото со душа ќе ја чекат мајка е да стани од спиење за да ја праша што сон сонуала. Ако е страмежливо некое девојче и неќи да е кажи на мајка си, таа ќе и нагодуа за соно што го видела и за момчето што го видела. Ете од трите зрна пченица и еден залак леб, клаени под перница ќе си го виделе на сон кое момче ќе земи. Ако е вистина ашколсун јас ќе му речам.“

Со празникот Тодорова сабота се поврзани и други обичаи и верувања. Во Гостиварско пченката што ја враќале од црквата утрото на самиот празник ја носеле во полето и ја фрлале по нивите и бавчите велејќи: „Господе, колку зрна, толку тоари, толку дар и бериќет да ни даеш”.

Стефан Верковиќ запишал дека во с. Мачуково, (Долновардарско) „Спроти Сфити Тодур момите раздават на црквата пшеница и пчиничка бркано, и чис леп. В лебут замесуват една глава лук и сус неа го печат; го извртуве сус се леп, ка ќ’ оде на црквата; дупката што ќе се чине на лебут, туруваат пшеница и пчиничка, да напкум сус них зарануват добитоците, а кукешните си апнуваат за здраве”.134

Интересен обичај на празникот Тодорица се изведувал во селото Лазорополе. Тие што тримереле оделе надвор од селото во местото Сливине, носеле со себе варено жито и вода осветена на Свети Трифун. Со таа вода ги прскале ливадите. Од житото што го носеле девојките еден дел им давале на момчињата и роднините за здравје, а потоа оделе кај своите ливади и фрлајќи од житото викале: „Киш, киш, кртови, / на чупоски вртови”. Чуповци, пак, викале: „Киш, киш кртови, / на росочки вртови”! Овие обичаи започнувале околу десет часот претпладне и завршувале околу три или четири часот попладне.

Очигледно е дека иако празникот Тодорова сабота или Тодорица е пред се црковен празник, иако повеќето од обичаите се изведуваат во црквата и се поврзани со споменот на Свети Теодор Тирон, особено житото, сепак, во овој празник се контаминирале и поголем број пагански обичаи поврзани со доаѓањето на пролетта и со разбудувањето на вегетацијата.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк