Connect with us

Македонија

Андовска: Огромна грешка е што во Македонија има систематско уништување на патриотизмот

Published

on

Спокој, среденост, функционалност, предвидливост, организираност, задоволни луѓе – тоа на сите ни недостига во Македонија. Би одзела криминал, корупција, неправда, нереализирани и неспособни луѓе на функции, вели Андовска

Познатата македонска композиторка, пијанистка и универзитетска професорка, Дарија Андовска, опоменува дека во земјава има отсуство на визија и долгорочна стратегија…

 Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

–Сонце што знае да пече и гали, мирис на мајчина душица, охридски цреши, зрела лубеница, свеж сочен домат, беровско сирење, тетовско гравче, ресенски јаболка, насмеани непознати луѓе, кои го отвораат својот дом и те честат кафе и слатко од смокви, солидарност, кроткост, љубезност, ајвар во септември, недопрена природа, неистражени археолошки богатства, звук на кавал, песна при радост и при тага, детство, пријатели, соништа, борба и издржливост.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30  години?

–Отсуство на визија и долгорочна стратегија. Ова јасно е видливо и се рефлектира во внатрешните случувања и превривања, како и во надворешната политика, а дозволува учество на корумпирани луѓе во власта и политиката, кои се таму не е поради подобрување на општата состојба и развојот на Македонија, туку поради лични, краткорочни и лукративни интереси.

Систематско уништување на патриотизмот. Омаловажување на чувството на припадност на една нација – македонската нација, систематско поткопување на патриотските чувства, кои не пречат при развојот, туку напротив – ги поттикнуваат луѓето да го дадат најдоброто од себе за својата татковина. Ова особено е наметнато од т.н. интелектуална и урбана елита, која дури и спортската радост ја гледа со презир. Не знам и не разбирам зошто е тоа така, но, според мене тоа е огромна грешка.

Уставот. Принципот на кој е тој првично конципиран и неговиот третман понатаму  дозволи политички партии со етнички предзнак кои доведоа до етнички трибализам, наместо граѓанско општество базирано на меритократија, каде навистина сите би биле еднакви.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

–Не знам што е доволно. Отсекогаш во се’ го давам својот максимум. Колку тоа наишло на соодветен прием во Македонија – веројатно недоволно, оти не може човек на сила да даде, може само да земе. Доколку ми се укаже можност, многу повеќе имам и можам да дадам. До тогаш совесно, ревносно и чесно ќе си ја работам својата работа и достојно ќе ја претставувам Македонија во светот.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

–Со непокорот, врутокот таленти, природниот раскош, богатата и долга историја.

Во каква Македонија сакате да живеете?

–Свесна, совесна и зелена Македонија, со чист воздух, реки, езера, без отпадоци по улици, со хуман третман кон сите живи суштества, Македонија каде има лек за сите болести, Македонија во која селата се живи и активни, земјоделците задоволни, храната здрава, болниците опремени, образованието темелно, инфраструктурата оптимизирана, уметноста, културата, науката и спортот на пиедестал. Македонија која го почитува своето, го чува и го негува. Македонија која се почитува себе. 

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

–Спокој, среденост, функционалност, предвидливост, организираност, задоволни луѓе – тоа на сите ни недостига. Би одзела криминал, корупција, неправда, нереализирани и неспособни луѓе на функции.

МAКЕДОНИЈА ЈА ПРЕТВОРИЈА ВО КОРУПТИВНО МАФИЈАШКО ДУВЛО

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

–Обратно се поставени работите тука, криво се насадени. Власта треба да биде слуга на народот – власта е бирана од народот, платена од парите на народот, треба и мора да работи за доброто на тој народ. Нема што власта да дава на државата, власта ги респределува ресурсите согласно потребите, а народот е државата и суверенот. Власта треба да го слуша народот и мудро да ја води државата. Но тоа е сепак во здрава држава, а не во ова корумпирано мафијашко дувло во кое ја претворија Македонија.

пишува Дарија Андовска за Скопско ехо

Македонија

На празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески

Published

on

Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

–Светол патот, татко мој! – напиша таа на социјалните мрежи. 

Continue Reading

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк