Како што на видливиот небесен свод ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува (1. Кор. 15,41), така и во невидливото духовното небо на нашата света Црква недобројните светии зрачат со богоблескави зраци и ги разгоруваат срцата на верните, соодветно на нивните благодатни дарови, со коишто се осветиле и Го прославиле единствениот свет и вистински Господ. Така, неугасливите зраци на Божествените отци наши Кирил и Методиј, со коишто, преку нивните рамноапостолни дарови, ја осветлите и исполниле со светост целата земја и особено славјанските народи, се за нас, нивните смирени потомци според Словото, нешто најдрагоцено, спасително, богоподобно…
И како што е величествена нивната појава во историјата на човештвото, величествен е и нивниот спомен на земјата. Токму затоа, со полно празнично величие, нашите Свештени Обители Бигорски и Рајчица, со многубројните верници, го прославија светлозарниот празник на Светите рамноапостолни Браќа, во бигорскиот скит во с. Битуше посветен во нивна чест. Божествената Литургија во храмот чиешто велелепие веќе се наѕира, отслужена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и браќата јеромонаси и јероѓакони, во симфонија со прекрасните гласови на псалтите од битолскиот црковен хор „Свети Нектариј Битолски“, за присутните верни беше едно чудесно духовно доживување, но и благодарствено сеќавање за великото дело на Просветителите наши.
„Денес, мили мои, чувме од Светото Евангелие како Господ наш Исус Христос ги советува апостолите, а преку нив и сите нас, велејќи им: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5,16) На што всушност нѐ поучува Спасителот? Он ги повикува Христијаните да творат дела на Божествената светлината и преку тоа да го посведочат на земјата нашиот Отец, Кој е на небесата. Зашто само преку творењето добро, преку делата на светлината, нашиот живот станува проповед за Отецот на љубовта и на светлината. Еден од најчестите определувачки поими за Бога е светлината. Бог е светлина. Во светилниот на утрената од празникот Педесетница пееме: „Светлина е Отецот, светлина е Синот, светлина е и Светиот Дух…“. А ние? Зар би можеле да се наречеме и ние светлина? Се разбира, во никој случај. Меѓутоа, што повеќе се приближуваме до светлината на љубовта Негова, предавајќи Му се целосно Нему и трудејќи се во подвигот на делата на љубовта, тогаш несомнено и ние ќе бидеме озарени од Неговата светлина, ќе можеме да се наречеме ученици, носители на Светлината, коишто ќе ја шират неа во овој потемнат од гревот свет.
Денес го славиме споменот на двајца Рамноапостоли, коишто засветлиле со таа Божествена светлина среде славјанските народи и станале за нас светила незаодни, коишто ќе светат меѓу народите додека трае светот. Тие се достојните двајца ученици на Христос – Светлината и Љубовта – Светите отци наши Кирил и Методиј. Од нивните житија дознаваме прилично многу нешта за нив. Потекнувале од благороден род, нивното воспитание било особено благочестиво – богољубивите им родителите уште од младини ги воспитувале во христијанската вера. Нивното, пак, образование било највисоко за тоа време. Сепак, тие не сакале да градат светска слава, но возљубиле нешто друго, многу повозвишено. Светиот Методиј се одликувал со големо познавање од областа на правото и воените вештини. Бил толку добар правник, што во еден период бил поставен, од страна на византиските власти, за управник на една од словенските области. Но световната власт и можности не го привлекле неговото христокопнежно срце. По извесно време заминал за монах во манастирот Полихрон на планината Олимп во Витинија, каде што подоцна постанал и игумен, одбивајќи го претходно архиерејското достоинство. Брат му Константин, пак, бил човек на словото – философ и библиотекар на големата патријаршиска библиотека во Света Софија. Кога царските големци посакале да го оженат, тој богомудро им одговорил: „Јас веќе се оженив за горната философија, за Премудроста, за Словото Божјо“. И тој подобно на брата си копнеел да стане монах. Оставил сѐ што е земно, не сакал да гради кариера овде на земјата. Едноставно знаел дека сѐ овдешно е минливо, а само Христос е вечен. Затоа и ревнувал да ја усвои Неговата наука, се погрижил за спасението на својата душа и борејќи се за тоа, спасил и спасува многубројни други души. Има една интересна случка од неговото житие, кога тој бил сѐ уште дете. Во тоа време децата на богатите родители се забавувале со лов со соколи. При еден таков лов, по Божја промисла дувнал силен ветер и му го однесол соколот на малиот Константин. Цели два дена детето тагувало и плачело и ништо не јадело. Меѓутоа, воспитано од своите родители во мудроста Христова, тој се замислил над суетата на овој живот и си рекол: „Таков ли е овој живот, та место радост во него има жалост? Од овој ден ќе тргнам по друг пат, подобар од овој, а деновите свои нема да ги трошам во метежот на овој живот“. И така, тој навистина целиот свој живот го поминал во заедништво со Христа. Дури ни во царскиот двор не се осквернил со ништо, туку неговиот поглед бил вперен кон небесната философија. Подоцна, како што сите знаеме, тој и неговиот брат биле испратени од великиот и свет патријарх Фотиј Цариградски и императорот Михаил, како јагниња меѓу волци, помеѓу нашите предци Славјаните, кои во тоа време биле нецивилизирани, диви, неоформени. Бидејќи без науката на Евангелието, без Оној Кој дојде да го пресоздаде светот обезличен од гревот, луѓето навистина се како неоформени, немаат форма, немаат облик на внатрешниот човек. Токму затоа, светите наши Рамноапостоли, овие невечерни Светилници на нашата духовна култура и писменост, науката општо ја нарекле образование. Следствено, образован е оној којшто го има образот на Словото Божјо во себе. И затоа приличело, откако го извршиле макотрпното дело со изнаоѓањето на глаголицата, првите зборови што ги превеле од светото Евангелие да бидат: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1,1). Им покажале на светот и на целото човештво дека вистински образован човек е само оној којшто го прифатил Евангелието за свој живот, којшто го знае и живее за Божјото Откровение. Таквиот човек дејствително претставува образ и подобие Божјо. Да, првите страници од Светото Писмо ни кажуваат дека човекот е создаден според Божјиот образ и подобие (Битие 1,26), но гревот ја нарушил таа првобитна сродност на човекот со Бога. Образот Божји потемнел во човекот, додека неговото богоподобие било сосема нарушено. За да си го вратиме Божественото подобие, потребно е да се образуваме на правилен начин, или како што вели великиот Павле, да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (Ефес. 4,24), онака како што сака нашиот Спасител Христос, Кој дојде да го пресоздаде и спаси човекот.
Погледнете каков мрак е светот без Светлината – Христос! Колку необразован е човекот, па колку и науки од овој свет да стекнал; нека има и десетици академски дипломи, со највисоки оценки – сето тоа ќе е само бакар што ѕвони, или кимвал што ѕвечи (1. Кор. 13,1), доколку, пред сѐ, не Го спознае вистинското Божјо Откровение, единствената богооткриена вера: предвечниот Отец и од Него испратениот совечен Му Син и единосуштниот Свет Дух, Кој од Отецот исходи…
Да се молиме на нашите Првоучители, Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кои во својот живот ја примиле светлината Христова и ја просветлиле со неа речиси цела Европа и пошироко. Биле силни во верата, гиганти на духот! „Кој ли, пак, ќе може да ви искаже достојна похвала?“ – прашува во недоумение нивниот ученик Свети Климент Охридски. „Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет“. Впрочем, сите ние сме повикани да бидеме носители на Божествената светлина. Делото на Светите Браќа не е нешто што се случило и завршило во историјата. Гледајќи го духовното необразование во нас и околу нас, треба и ние, преку молитвата, созерцанието и делата на љубовта, да го продолжиме нивниот подвиг на богообразување на нашите души, а со тоа и на душите на ближните.
Нека Светите Кирил и Методиј ни помагаат да се надградуваме себе си во верата и во Христовото свето Евангелие. Да ни помогнат да го изградиме овој храм и да му испратат небесен благослов на нашите ктитори – благочестивото семејство Џиковски, кои се тука, помеѓу нас. И минатата година, кога ја отслуживме првата Литургија овде, кажав, а и сега ќе повторам: иако овие луѓе не се од богатите и од најбогатите во Македонија, сепак, со голема вера и љубов се трудат да го подигнат овој храм на светите наши Рамноапостоли. Нивното дело нека ни биде пример на сите нас!
Би сакал на крајот да им се заблагодарам и на членовите на хорот „Свети Нектариј Битолски“ од Битола, коишто со својата молитвена псалмодија ни го збогатија ова денешно наше торжество!
Молитвите и благословот на Светите Кирил и Методиј да бидат со сите вас!“
Ден пред големиот христијански празник Богојавление- Водици, на празникот наречен Водокрст секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет.
Празникот е познат под имињата Водокрштение и Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.
Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Празникот е востановен во спомен на некогашните обичаи кои се изведувале на тој ден, кога биле крштевани луѓето кои го примиле христијанството.
Денот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан е денот кога Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го извршува Својот учителски и спасителен подвиг.
Како што дознаваме од Новиот завет, во мигот кога Свети Јован Крстител го крштевал Исуса Христос во реката, во еден миг се појавило Светото Тројство: гласот на Отецот му се јавил на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид – во вид на гулаб на небото, а Синот бил достапен за сетилото за допир.
Kако што е запишано во Евангелијата, за тоа посведочил и Свети Јован Крстител кој рекол: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот”. Откако ги кажал тие зборови, го потопил и го крстил Божјиот Син во Јордан.
Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.
На Василица верниците кои се водат по овој календар кршат и пита со паричка и исто така се верува дека на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.
Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народното верување, ги прогонуваат лошите сили. Сепак како и на секој празник не заборавајте да појдете во црква, да запалите свеќа и да му се помолите на Бог за вас и вашите најблиски.
Инаку, Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина.
Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
Некогаш девојките овој ден го користеле за гатање за да дознаат за кого ќе се омажат. Некогаш домаќинките земале снег и фрлале малку кон децата дома за да бидат здрави.
Се гледа и времето, ако падне снег или биде облачно, годината ќе биде плодна.
Сувото време носи суша.
Обичај кој се задржал и денес е да се помолиме за здравје и среќа.
На тој ден никако не се карајте зошто цела година ќе ве следи баксуз и кавги.
Од 10 јануари до Богојавление, односно 19 јануари, траат „Некрстени денови“, ова е периодот од годината кога Исус Христос сè уште не бил крстен и затоа и денес во ова време земјата е отворена за мртвите кои доаѓаат. надвор, а заедно со нив и ѓаволи и разни други демони.
Станува збор за верување кое е силно и длабоко вткаено во свеста на нашиот народ уште од античко време. Несветите сили владеат од моментот кога ќе се стемни додека не запеат првите петли. Затоа, велат луѓето, не треба да излегувате од дома преку ноќ.
Секој што ќе се осмели да патува по зајдисонце, вели традицијата, нема да помине добро, а ако мора да излезе треба да носи лук, крст или некој остар метален предмет.
Слично, во некои делови дури и денес, внимателно се забележува дека жените не предат, ткаат или перат во Некрстени денови. Ништо бело не е оставено надвор, а особено се внимава да не се остава детска облека надвор, бидејќи злите сили можат да им наштетат на децата преку бајки и магии.
Во некои села, особено во влашките региони, дури и светлината од куќите се крие со ставање завеси на прозорците или спуштање на ролетните. Не пијте вода ноќе, бидејќи традицијата вели дека демоните лазат во контејнери за домаќинството и таму демнат за невнимателните.
Луѓето велат дека деновите на некрстените не се добро време за породување. Се верува дека детето родено помеѓу Божиќ и Водици ќе биде болно и несреќно. За малечките да се „одбранат од магии“, старите луѓе дошле до ова – децата родени во денови на некрстени мора секоја година во тој период да носат со себе посебна кошула, плетена на огништето.
Со цел да се „отфрли мизеријата и да се намали страдањето“ во овој мрачен период, народот излезе со „противмерка“ за Денови на некрстени – маскирани поворки кои претставуваат духови, чудовишта и мртви предци порано поминувале низ селата и градовите. Овие коледари се движеа од куќа до куќа и бараа прилози: сланина, јајца, месо, брашно, млеко, ракија и вино…
Некрстените денови се секогаш дебели, а не се пости ниту во среда и петок. Само Божиќ е ден за пост, а тој паѓа непосредно пред Богојавление.
Се верува дека татнежот, музиката и смеата ќе ги избркаат злите сили. А со храна, пијалок и „чашка муабет“ секој страв и болка полесно се поднесува и грижите си заминуваат.