Змијата која се појави во центарот на Скопје во Ново Маало е жолт смок кој е потполно безопасен за луѓето. Главна храна му се глувци, а појавата во урбана средина е поради високите ноќни температури и наглото затоплување. По објавата на Слободен печат дека во Ценар има змии се огласи и Македонското еколошко друштво и херпетологот Богољуб Стеријовски.
– Од она што можев да го видам на вашата фотографија станува збор за жолт смок кој е најчест вид на смокови кои се појавуваат во нашата земја. Главна храна му се глувци и битно е да се знае дека е безопасен за луѓето- вели Стеријовски.
Влакачот вчера беше извлечен од страна на случајни минувачи, а беше долг околу еден метар.
– Појавата на змии во градска средина не е вообичаена појава, но се случува да ги има. Нивното излегување е поради подготовката за репродукција и тогаш интензивно се хранат. Последните неколку години наглото затоплување е причина за појавата во урбана средина. Се појавуваат кога ноќната температура е над 8 степени- вели Стеријовски.
Според него појавата на змии по градовите е ретка поради тоа што тука нема доволно храна. Најчесто доаѓаат од кејот на Вардар, но не станува збор за наезда од змии туку за инцидентна појава. Високите температури ги измамуваат влекачите на отворено, но многу ретко може да се најдат во градските средини.