Битола – Шареноликост од бои и современи дизајни налик на крилја од рајски птици наликуваат крилја за сурфање на вода што ги произведува германската фабрика „Брејнчајлд продукција“ во Битола. Во производствената хала сместена во старата индустриска зона во Битола вредно се работи на секој еден детаљ на материјалите од кои се шијат и изработуваат платната за спортови на ветер и нивни аксесоари. Производите на „Брејнчајлд“ произведени во Македонија се препознатливи на светскиот пазар и наградувани за квалитетот.
Успешната приказна на германската фирма се проширува со нова фабрика во ИЗ „Жабени“ крај Битола.
Постојната фабриката од 2021 година работи во објект на поранешна „Битолатекст“, таму затекнавме работна атмосфера со германска дисциплина. Едни ги подготвуваат боите и дезените, други ги печатат платната, трети ги шијат и лепат, други изработуваат неверојатно силни јажиња иако навидум изгледаат како врвки за чевли и се така по ред до финален производ.
Готовите платна за сурфање раскрилени и со димензии и до 12 м2 чекаат да бидат спакувани во ранци од рециклирани материјали и се подготвуваат за извоз за Холандија, Франција, Германија…
Вака накусо може да се опише производството во „Брејнчајлд продукција“ во Битола сопственост на германскиот параглајдерист и кајтсурфер Ралф Гросел. Фабриката во Битола не е единствена на Гросел, тој веќе има основано фабрики во Украина и Шри Ланка, а веќе е подготвен и за новиот проект во ИЗ „Жабени“. Покрај германскиот гигант „Кромберг и Шуберт, оваа фабрика на Гросел ќе биде втора германска инвестиција во индустриската зона на Општина Битола.
Интересна е приказната како Гросел се одлучил да инвестира во Македонија и во Битола, а пред се тоа е неговата пасија за летање со параглајдер што го носи во Крушево, Галичица и на други места во државата.
Сега новост е што германската инвестиција веќе ги отпочнува подготовките за нов производствен капацитет во ИЗ „Жабени“ што ќе значи дека „Брејнчајлд продукција“ отвора нов капацитет со име „Брејнчајлд производство“. Капацитетот во зоната ќе подразбира вложување на нови 8,5 милиони вера од страна на германскиот инвеститор и изградба на производствена хала на површина од околу 3000 квадратни метри. Фабриката во „Жабени“ ќе биде готова на почетокот на 2025 година.
„Новата фабрика во ИЗ ‘Жабени’ ќе биде фокусирана само на производство на крилја за сурфање. Добивме земјиште, ја потврдивме одлуката. Во тек е изработката на проектот, таа ќе биде монтажна и се очекува да биде готова по Нова година. Ние не сакаме да ја затвориме оваа фирма овде –‘Брејнчајлд продукција’, туку ќе остане како истражување и развој, но делот за производство ќе биде во ‘Жабени’. Побарувачката за нашите производи расте и таму во зоната ќе го правиме производството на она што тука ќе го истражиме“, вели Наталија Ристевска, менаџер во германската инвестиција во разговор за „Независен“.
Според неа германскиот инвеститор има позитивни искуства од соработката со државата и Општина Битола.
„Државата и Општина Битола во секој дел од инвестирањето ни излегоа во пресрет и за постојната фирма и за новата што допрва ќе се отвори. Добивме препораки и за земјиштето иако инвестицијата е наша, самостојна. До крајот на овој месец ќе имаме состанок со Владата за да се дефинира инвестицијата во целост. Ние можевме да инвестираме во било која ТИРЗ зона, но тука ни излегуваат во пресрет и ќе имаме одредени поволности“, вели Ристевска.
Досега фирмата брои околу 70 вработени (до Нова година ќе има уште десеттина нови вработувања) додека во ИЗ „Жабени“ ќе бидат нововработени над стотина работници. Ако производството напредува инвеститорот најавува и поголема бројка на нововработени. Ако ги прашате инвеститорите какви плати даваат и ветуваат, дали европски или по македонски стандард велат дека „се нешто помеѓу“.
„Брејнчајлд продукција“ во овој период е насочена кон обезбедување на кадарот за работа пред се на машински техничари и општи работници, шивачи, магационери, се она што го покрива основното производство во една текстилна индустрија.
„Најголем дел од нашите вработени се од поранешни текстилни фабрики во Битола, со стекнато искуство, само што кај нас се бара голема прецизност. Текстилните работници со обуката навистина можат да се пронајдат во оваа средина“, вели Ристевска.
„Брејнчајлд продукција“ се отвори во Битола пред три години, во едно исклучително кризно време за стопанството, во период на корона кризата како потреба од истражување и развој на два типови на крилја за сурфање на вода. За прв пат се воведува дигитално принтање и ултрасонично лепење на материјалите. Тоа значи флексибилно платно за сурферите и прилагодување на вибрациите на ветрот.
„Крилјата се изработуваат комплетно како структура, принт, а бидејќи производот не е лесен и едноставен за работа бара обука на вработените. За таа цел основавме и училиште за да ги обучиме работниците, па кога ќе дојдат тука да имаат предзнаење за работата што ги очекува оти производот е комплициран. Иновативноста на нашиот производ е што досега во светот на крилјата за сурфање не постоело сублимационо принтање, односно дигитално принтање на самиот материјал. Поклопувањето на двата панели на платното треба да биде детално до милиметар. Ако има грешки од милиметар, два се губи целата структура на самото крило“, објаснува Ристевска.
Дали „Сејф Сити“ функционира при густа магла? Експертите за bulevar.mk објаснуваат како работат камерите во лоши временски услови
Деновиве, поттикнати од енормно густата магла која ја зафати земјава и значително ја намали видливоста, граѓаните сè почесто се прашуваат дали системот „Сејф Сити“ на МВР функционира непречено и дали камерите навистина можат да ги регистрираат сообраќајните прекршоци во вакви услови.
Според ИТ и безбедносни експерти кои ги контактираше bulevar.mk, современите системи за видео-надзор не зависат исклучиво од визуелната слика видлива за човечкото око.
Камерите што се користат во рамки на „Сејф Сити“ се опремени со високосензитивни сензори, инфрацрвена поддршка и алгоритми за обработка на слика, кои овозможуваат работа и при намалена видливост. „Густата магла може да ја намали јасноста на класичната слика, но системите за автоматско препознавање регистарски таблички (ANPR) користат инфрацрвен спектар и специјални филтри кои овозможуваат читање на таблиците дури и кога човек тешко гледа“, објаснуваат ИТ-експерти запознаени со вакви технологии.
Тие посочуваат дека маглата има поголемо влијание врз општите камери за мониторинг, но помало врз камерите наменети за детекција на брзина, минување на црвено светло и други прекршоци, бидејќи овие системи се потпираат и на радарски и сензорски податоци, а не само на видео-сликата.
Од аспект на сообраќајната безбедност, експертите нагласуваат дека токму во услови на магла е уште поважно системот да функционира, бидејќи ризикот од сообраќајни незгоди значително се зголемува. „Во вакви услови возачите мора да бидат двојно повнимателни, а автоматските системи имаат превентивна улога – да потсетат дека контролата е постојана“, велат тие.
Сепак, стручњаците укажуваат дека во екстремни услови на многу густа магла или обилни врнежи, можно е дел од снимките да бидат со намален квалитет, поради што секој регистриран прекршок мора дополнително да биде верификуван пред да резултира со казна, согласно законската процедура.
Од МВР досега информираа дека „Сејф Сити“ работи континуирано и дека системот е дизајниран да функционира во различни временски услови, вклучително и магла, дожд и ноќни услови.
Експертите заклучуваат дека, иако технологијата е напредна, најважниот фактор за безбедност останува однесувањето на возачите, особено во услови на намалена видливост, кога секое непочитување на сообраќајните правила може да има сериозни последици.
Познати деталите од трагичниот настан во Србија каде двајца македонски државјани загинаа во тешка сообраќајна несреќа на автопатот Белград–Ниш
Двајца граѓани на Северна Македонија го загубија животот во сериозна сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград–Ниш во Србија, потврдуваат српските медиуми и првичните информации од местото на настанот.
Несреќата се случила кај клучката Умчари, кога возило марка „Сеат“ со германски регистарски ознаки излетало од коловозот, при што силата на ударот била фатална за двајцата патници што седеле на предните седишта. Телата на мажот и жената, за кои е потврдено дека се македонски државјани, биле извлечени од урнатиот автомобил.
Според неофицијалните информации, во возилото имало уште едно лице – патник кој го преживеал ударот, но со тешки повреди бил пренесен во болница на понатамошна медицинска грижа. Причините за несреќата сè уште се истражуваат од српските сообраќајни служби.
Несреќата предизвика загриженост кај јавноста и семејствата на загинатите, а надлежните органи најавија дека ќе продолжат со увид на местото на настанот за да утврдат дали околностите како условите на патот или временските услови влијаеле на случувањата. Овој трагичен инцидент доаѓа во време кога граѓаните кои патуваат меѓу земјите на Балканот често користат автопатот Белград–Ниш како главна сообраќајна артерија, но истовремено ја потсетува јавноста на потребата од зголемена претпазливост на патиштата.
Др. Беќаровски со совет за заштита од PM2.5 и PM10: План за детоксикација во денови со екстремно загадување
Во услови на зголемено аерозагадување и енормно високи концентрации на PM2.5 и PM10 честички, кои деновиве се регистрираат во повеќе градови низ земјава, доктор по медицина сподели едноставен совет и план за намалување на негативното, канцерогено влијание врз организмот.
Според препораката, целта не е целосно да се неутрализира загадувањето – што е невозможно без системски мерки – туку да се минимизира штетата врз респираторниот и имунолошкиот систем преку природна поддршка и хидратација. Во рамки на предложениот дневен план се советува:
Наутро: чај од диво оригано со додатоци за поддршка на имунитетот Пред ручек: зелен чај во комбинација со витамин Д (1000 ИЕ)
Навечер: чај од ѓумбир и куркума или бел слез, повторно со природна имунолошка поддршка Дополнително, се препорачува во текот на денот да се внесуваат најмалку два литра млака вода со лимон, а кај лица без висок крвен притисок – и дополнителна чаша зелен чај.
„Ако загадувањето не може да се спречи, тогаш барем може навремено да се ублажат неговите последици врз здравјето“, се наведува во пораката. Во објавата се посочува и загрижувачки податок дека околу 65% од возрасната популација во Македонија пуши, при што просечно месечно издвојува околу 4.500 денари за цигари, што дополнително го зголемува ризикот од респираторни и канцерогени заболувања во комбинација со загадениот воздух.
Медицинската фела и здравствените експерти постојано апелираат дека во денови со високо присуство на PM честички, граѓаните треба да избегнуваат подолг престој на отворено, да користат заштитни маски кога е потребно и да водат грижа за јакнење на имунитетот.