15 000 зелени работни места, 30 oтсто пониски сметки за струја и инвестиции од над 1 милијарда евра, очекува Македонија до 2030 година – нови можности за соработка и со германски компании. Министерката Божиновска се обрати на конференцијата за инфраструктура на обновливи извори на енергија, организирана од АХК Северна Македонија.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, денес се обрати на отворањето на стручната конференција посветена на проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во регионот, организирана од АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори. Настанот претставува дел од делегациската посета на шест германски компании специјализирани за иновативни решенија во енергетскиот сектор.
Во своето обраќање, министерката Божиновска ги претстави тековните и планираните активности на Владата во насока на забрзување на енергетската транзиција, вклучувајќи го и новиот Закон за енергетика кој стапува на сила во 2025 година. Таа нагласи дека Македонија бележи пораст на инвестициите во обновливи извори на енергија, со посебен акцент на развојот на соларните и ветерните капацитети, како и на проектите за складирање енергија.
„ Македонија е подготвена да го искористи својот потенцијал за обновливи извори на енергија и да прерасне во регионален лидер во зелената транзиција.Трансформацијата ќе генерира повеќе од 15 000 зелени работни места до 2030 година, во сектори како што се изградба, одржување и менаџирање на обновливите капацитети и во наредната деценија се очекуваат инвестиции од над 1 милијарда евра што ќе го поттикнат локалниот економски раст. Ќе се намалат трошоците за електрична енергија преку зголеменото домашно производство и намалена зависност од увоз, домаќинствата и бизнисите ќе имаат до 30% пониски сметки за електрична енергија до 2030 година. Со реализирање на планираните проекти, Македонија ќе стане нето извозник на електрична енергија, со потенцијал да генерира повеќе од 300 милиони евра годишно од извоз на обновлива енергија.“ истакна министерката Божиновска.
Конференцијата, на која присуствуваа повеќе од 80 претставници од македонски и германски компании, понуди можност за директни деловни средби и размена на искуства. Големиот интерес за настанот, укажува на растечката важност на зелената енергија како фактор за привлекување на странски инвестиции и регионална соработка.
„Германските инвеститори сè повеќе гледаат на зелениот енергетски потенцијал како клучен елемент при донесувањето на одлуки за инвестирање. Нашата цел е Северна Македонија да ја позиционираме како атрактивна и одржлива дестинација за ваков тип инвестиции.“ додаде Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.
Настанот претставува важен чекор кон зајакнување на партнерствата помеѓу компаниите од Северна Македонија и Германија, создавајќи основа за понатамошна размена на знаења и технологија во областа на обновливите извори на енергија.
Директорот на А.Д. МЕПСО, Бурим Латифи, заедно со министерката за енергетика, Сања Божиновска, промовираа значаен чекор за стабилноста на електроенергетската мрежа во југозападниот дел на Македонија. Овој проект, кој ги опфаќа градовите Битола, Ресен, Струга, Охрид и Прилеп, обезбедува стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните од овој регион, додека новиот трансформатор веќе е во целосна функција.
На средбата, Латифи го истакна изградбата на интерконекторот Битола-Елбасан како клучен приоритет за новиот менаџмент на А.Д. МЕПСО. Тој нагласи дека раскинувањето на договорот со претходниот изведувач, Енергоинвест, го отвори патот за реализација на овој стратешки проект.
„Интензивно работиме на процедурите за јавна набавка и целта ни е овој значаен проект за енергетско поврзување помеѓу Северна Македонија и Република Албанија да се заврши во најбрз можен рок,“ изјави Латифи.
Според него, овој проект ќе ја зајакне стабилноста на снабдувањето со електрична енергија и регионалното поврзување, придонесувајќи кон посилна и поодржлива мрежа.
Цените на угостителските услуги во декември 2024 година, во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени за 6,1 %. Во споредба со ноември 2024, пак, цените пораснале за 0,6 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари – декември 2024 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 5,6 проценти, додека во однос на декември 2023 година, е забележан раст од 3,5 отсто.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во придружба на директорот на АД МЕПСО, Бурим Латифи, ја посети трансформаторската станица (ТС) Битола 2 по повод пуштање во употреба на новиот 400/110 kV трансформатор.
Оваа инвестиција,како што објавија од министерството, претставува пресвртница и клучен чекор во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападниот регион на земјата и целиот електроенергетски систем.
„Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради двата изгорени трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем.. Новиот трансформатор ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето со електрична енергија во градовите Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, обезбедувајќи стабилно снабдување за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци. Дополнително, ќе овозможи непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола, кој е клучен снабдувач на електрична енергија во државата.“, изјави Божиновска.
За транспорт на трансформаторот беа потребни дозволи за транзит низ неколку земји.