Дивите таксисти повторно задоа замав во Скопје поради тоа што нема редовни инспекциски контроли на овој превоз. Во периодот кога беше драстично скратен превозот со градските автобуси, граѓаните често се решавале за превоз со такси, а некои од нив доживеале мошне непријатни искуства кои скапо ги чинеле.
Скопјанецот Мартин. Ј. одлучил да се качи во такси од трговскиот центар „Ист гејт“ бидејќи брзал за да стаса на работа. Иако бил свесен дека таксистите што стојат на оваа локација се нелегални, на крајот бил непријатно изненаден од сумата што ја платил, пренесе Плусинфо.
Тој укажува и на тоа дека дивите таксисти повеќе не користат таксиметар туку апликација која симулира таксиметар и му наплатиле 400 денари.
Тој истакнува дека вакви инциденти се чести и дека дивите таксисти стојат на различни локации во градот, вклучувајќи ги и популарните места како што се спроти „Холидеј ин“ и „Ла делишс“ во Буњаковец.
Проблемот со дивите таксисти не се одразува само врз џебот на патниците, туку и врз приходите на легалните такси компаниии и приливите од даноци во државната каса.
Претседателот на Групацијата на авто-такси превозници, Сашо Рајчановски за Плусинфо истакнува дека бројот на нелегални такси возила во Скопје е во пораст, што ја прави ситуацијата алармантна.
Според него, основната причина за зголемената активност на дивите таксисти е големата побарувачка за транспортни услуги, особено поради проблемите со градскиот автобуски превоз, но и недостигот на контрола и санкции од градските власти.
Од Групацијата на авто-такси превозници истакнуваат дека и граѓаните треба да бидат повнимателни при изборот на такси превозник.
За подемот на дивите таксисти во Скопје, такси-превозниците ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска, зашто не спроведува инспекциски надзор.
– Градот Скопје е најголем виновник за колапсот на такси превозот. Никој не контролира, и нормално е дека сè повеќе колеги ги напуштаат компаниите каде имаат давачки и си возат на диво. Дури 80 отсто од таксистите се диви. За една година нема да остане ниту една такси-компанија, ќе нема граѓаните каде да бараат такси, ќе има само диви таксисти. Не е нормално за три години мандат градоначалничката Данела Арсовска да нема ниту една средба со нас. Со претходните градоначалници сме имале средби во Градот еднаш месечно – коментира Рајчановски.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека не се надлежни да вршат надзор врз дивите таксисти.