Connect with us

Инфо +

Прв извештај од Цвеќарата на Алан Форд

Published

on

После едно 12-13.000 напишани текстови и прилози по весници, радио, телевизии и портали, редно е да ја претставам екипата со која работам во потрагата по информации, документи, и создавањето анализи, синтези и заклучоци. И книги, како книгата КОС и Удба од 2008 година, 320 страни спремани 10 години.

Значи, ова ми е тимот: Од Алан Форд и Сер Оливер, па се Боб Рок и Број Један:

Одиме со последните настани и извештај од тајниот штаб, од “Цвеќарата“.

По видео снимката од Дубаи која ја добив од мојот соработник Сер Оливер, на која сегашниот шеф на СДСМ Венко Филипче и претходниот Зоран Заев дивеат со сомнителни државни пари во новата престолнината на светскиот лоповлук, Дубаи, објавивме дека Венко Филипче и фамилијата на Зоран Заев треба да одговорат од каде им е кешот и дали е точно дека имаат скапи златни бизнис визи за живот во Дубаи. За тие златни визи треба да си инвеститор со милиони евра… Прашањето е кои и од каде се милионите евра за златните визи во Арапските Емирати.

На тоа прашање за златните арапски визи и милионите евра на македонските политичари за да се добијат јавноста немаше ни прашања па ни одговор. Сеир нацијата ја потроши темата на Сер Оливер на оговарање дека мора да си сељак ако одиш до Дубаи да го слушаш Харис Џиновиќ. И толку. Сељак или не, ако не ти е битно што твоите пари завршиле кај сељаците, и во Дубаи, размисли кој е поголем сељак: сеирџијата или лоповите што имаат натоварено толку многу твои државни пари на своите сметки што Харис Џиновиќ во Дубаи им е од кусурот.

Деновиве нова “сељачко сеирџиска“ тема. Бившиот шеф на државната безбедност, УБК, Сашо Мијалков снимен пред ресторанот Луј Петнаесетти со Ферари во Монте Карло. Според деталите објавени на Фејсбук заедницата Ферарито кошта околу 700.000 евра.

Сер Оливер ми тврди дека ручек или вечера во тој ресторан оди само со закажување, за двајца, цената е 1.000 евра па нагоре. Проверив, да, точно било.

Кога некој висок државен службеник, особено шеф на тајната полиција, за кој патем се терани серија истраги за корупција во Македонија кои завршија така што Вашингтон го стави ликот на црна листа за корупцијата и на обвинителско-судскиот систем, кога ликот е формално во затвор на предвремен отпуст… Кога таков лик ќе се појави со Ферари и во ресторан во кој ручек за двајца е над 1.000 евра, јавноста во нормално општество експлодира и бара одговори од обвинителите и судиите на СДСМ и ДУИ кои, божем, го работеле истрагите и судењата. Ги работеле како што кажува Црната листа од Вашингтон.

Кај нашата јавност главна тема беше која е жената со него во колата, и дека Сашо е сељак што искача од Ферари со распарталена кошула пола внатре, пола надвор, и дека од авион се гледало дека не е ниво за Монте Карло. И толку. Бидна сеирот. Ни за Дубаи, ни за Монте Карло јавноста не праша за парите и одговорноста на обвинителите и судиите. Како ни за 4,5 милиони евра украдени од СЈО, од кои еден милион поделиле обвинителите меѓу себе. Е па, гледајте и понатаму сеир, а плаќајте лечење на деца од донации со телефонски повици. После зошто ни е вака во државава? Па затоа што они знаат дека сеирот ни е храна а оговарањето сон.

Што би рекол мојот Боб Рок: „Подобро да живееш 100 години како милионер отколку 7 дена во мизерија“. Заев, Филипче и Мијалков мислат исто. Затоа и така брзо се најдоа и соработуваат додека не хранеа со сеири и телефонски разговори.

И покрај се, да се вратиме на темата. Значи, имаме два лика со ист профил, Зоран Заев и Сашо Мијалков, кои соработуваат и го контролираат обвинителството и судството. Еден од поголемите заеднички проекти им беше пуч во опозициската ВМРО ДПМНЕ и преземање на власта во партијата. Но, го испушија. 

И двајцата, плус Венко Филипче, масовно посочувани за тешка корупција и сомнителни огромни државни пари на нивните сметки мочаат врз сите нас од керамиди од Дубаи и Монте Карло, престолнини на лоповлукот.

Зоран Заев, според негови изјави, пред да стане градоначалник бил сиромашен, гола вода што би рекле скопјани. Сега е милијардер. Граѓанин на Дубаи.

Сашо Мијалков оди со спротивен пристап, дека и пред да стане шеф на тајната полиција бил богат што не е точно. Тоа се бајки во кои веруваат тие што сака да ги импресионира, тие околу него со дебелите вратови и со тетоважи. Полусвет.

Пред функција во УБК нешто има муљано во министерството за одбрана кај Кљусев па доби отказ. Во Чешка се спомнува постојано во меѓународни анализи за организиран криминал со лица од Босна и Република Српска, битанги од од кои најголем дел се по затвори како неговите партнери браќата Спаравало или Ријад Изиќ, Бошко Недиќ, Андрија Драшковиќ… Лица во меѓународните извештаи се оценети како извршители на криминал во градежништво, казина, трговија со дрога. Ако е тоа некому друштво и бизнис за импресионирање, мене не ми е.

Во извештај за организиран криминал на балканци во Чешка, “Транснационална хоботница“ објавен од Global Initiative во 2020 година се потврдува сево ова, и се додава дека имотот на Сашо Мијалков во Чешка вреди “само“ 2 милиони евра. Ако се земе во обзир неговиот стан на Витлеемска, нема со што да се фали од таму. Значи, парите со кои сега се курчи и располага се стекнати – со функцијата.

Анализата за организиран криминал во која се спомнува Мијалков е од 2020-та, значи Зоран Заев знаел со кого соработува. И препознал сродна душа.

Затоа, на место се сомневањата дека парите се од државата Македонија, заработени во полициското време. Од она што јавно се знае, Мијалков само во Скопје има над 25 стана кои му ги запленија во судска постапка. Просто, ако се знае имотот, треба да се видат датумите кога е стекнат и – тоа е тоа. 

Сер Оливер и Алан Форд истражувале и известуваат дека не е само Ферари курчот на Сашо Мијалков во Монте Карло. Има таму и Мајбах и Бентли. Мијалков има и стан во Монте Карло, во истата зграда е комшија со Леонардо Ди Каприо и модниот дизајнер Филип Плејн. Прилично скапа локација, таму нема стан под неколку милиони евра. За да влезе во џет сетот Леонардо Ди Каприо на комшијата му понудил да плати 500-600.000 евра во неговата фондација… 

Функцијата шеф на тајната полиција е користена за сопствен ќар, до балчак. Алан Форд изнесува податоци дека во тие ќарови има тесни соработки со другите тајни полиции, па не запознава дека за замижување на некои бизнис комбинации во и со Србија Мијалков на безбедњакот Д.М. му ветил дека ќе им ја даде сликата на Лубарда, Косовски бој, од нашиот Музеј на современа уметност. Го заебал и, за среќа, сликата е се уште тука. Проверив, но не знам да ли е тоа оригиналот.

Не е време, а и нема место во една колумна, да се објаснат релациите и соработката со Влада Грк. Србин со грчки но, и македонски пасош издаден од Зоран Заев на 10.09.2021 година, исфрлен одамна од секторот на дипломатијата и разузнавањето, но продолжува државните тајни и документи да ги користи за кеш.

Тоа е тоа, засега. Мојот тим работи и понатаму. 

Една мала дигресија, а поврзана со наведеното. Сега скоро Никола Груевски напишал нова книга, “Будимпештански записи“. Книгата воглавно потсетува што се Груевски има изградено и реформирано, што е неспорно и ќе влезе во македонската историја. Но, тоа веќе го знаеме, и не мораше нова книга да пишува. Во меѓувреме се случуваа нови настани, и нови прашања за кои Груевски – молчи.

Дали Груевски знаел дека Сашо Мијалков, за време на мандатот шеф на тајната полиција, се стекнал со најмалку 25 стана во Скопје? Дали знаел за имотите во Монте Карло? Тешко дека се изненадил откако тоа беше објавено.

Барем еден стан во елитната населба Прага Шест во Чешка е доказ дека знаел.

Дали знаел за прислушувањата на министри од тогашната влада, на новинари, на бизнисмени, на адвокати и судии… и зошто Заев објавуваше се и сешто за секого, само не телефонски разговори помеѓу Мијалков и Груевски, како ни помеѓу Зоран Заев со Мијалков и Груевски, а ги има повеќе од дваесет. 

Дали знаел дека со Зоран Заев финансираат пуч во ВМРО ДПМНЕ и смена на Мицкоски и Александар Николоски со поставување на Ивица Коневски и Никола Тодоров за лидери во партијата? Не видовме негов став кога тоа се тераше.

Очекувавме, во новата книга, Груевски да ни објасни и како се случи создавање на СЈО од 120 луѓе иако тоа не беше договорено во Пржино, и со гласањето за такво СЈО Груевски пушти низ вода стотици луѓе кои немаат никаква врска со корупција во државата, придонеле за власта на ВМРО секој на свој начин без да имаат појма за 25 станови на Мијалков, за Монте Карло…, неинформираните ги судат или лежат по затвори, како Ѓоко Поповски од МВР, на пример. И не само тој.

Очекував, сега барем од безбедна дистанца во Будимпешта, да објасни зошто се случи насилство во Собранието кога тоа му оди во корист само на СДСМ? За целиот настан знаеле сите во партијата, само Груевски и Мијалков не знаеле?! А во првите редови и логистиката на насилството стоеле луѓе од полиција, од УБК.

При толку пари стекнати од власт, едниот во Будимпешта а другиот во Монте Карло, стотина луѓе и фамилии страдаат заради нивните одлуки, и нивните пари. Тие луѓе не носеле одлуки, ниту имале удел во нивните пари, а морале да страдаат за тоа, да продаваат станови за да платат адвокати, по судски одлуки имаат запленети лични имоти создадени од свои пари, да трпат болести, притисок од околината, лежат по затвори со децениски казни. 

На нивни грб се гради статистика за борба против корупција, додека парите од корупција се кај други, и надвор. 

Дали некој од нив се јавил до фамилиите на луѓето кои заради туѓа корупција трпат тешки лични и семејни последици? Дали издвоиле 1% од капиталот да им помогнат жртвите барем во судските трошоци, да ги праша дали се избркани од работа, дали им се блокирани фирмите, дали се развеле а децата им се на улица невработени додека се множат фирмите на Фамилијата… Дали се јавиле кај Владанка Авировиќ да ја утешат затоа што заради нивните интереси таа беше уценета со затвор за својот син за да гласа за Северна, и ја снема. Дали знаат што и како им е на фамилијата на Коста Крпач што се самоуби по прогонот од СЈО, а работел по налог на Сашо Мијалков, а не знаел за Монте Карло… Дали? 

Да го видиме тоа во книгата, да ја читаме, па еден нека пцуе друг нека поверуе.

Мојот соработник Алан Форд вели: “Bolje izdati knjigu nego prijatelja.” А ете, некогаш и двете.

Драган П. Латас

(11.01.2025)

Европа

Растат кириите, 900.000 луѓе се без дом – како ЕУ ќе ја реши станбената криза?

Published

on

Недостигот на станови претставува сериозен проблем во Европската унија, а ЕК подготвува стратегија за справување со кризата.

  • Речиси 900.000 луѓе во Европа во моментов се без дом. Секоја вечер, населението на еден Марсеј или Торино нема покрив над главата“, изјави европскиот комесар за енергетика и домување, Дан Јоргенсен, на првиот состанок на Специјалниот одбор за станбена криза во Европскиот парламент.

Според него, 10% од жителите на ЕУ трошат 40% или повеќе од своите приходи на домување и поврзани трошоци. Во последните 15 години, кириите во ЕУ се зголемиле за околу 25%, а цените на недвижностите – за 50%.

Данскиот комесар ги претстави своите планови да ѝ помогне на ЕУ да го реши еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјите членки – станбената криза. Градоначалниците на 12 европски градови, Рим, Болоња, Амстердам, Атина, Барселона, Будимпешта, Париз, Варшава, Лисабон, Лион, Гент и Лајпциг се здружија за да повикаат на итен план за решавање на станбената криза најдоцна до 2027 година.

Градоначалниците сакаат финансиите за домување да бидат изземени од европските фискални правила кои ги ограничуваат државните трошоци. Во Ирска, цените на куќите минатата година се зголемија за речиси двојно повеќе отколку во 2023 година, а бројот на слободни станбени единици падна на историски најниско ниво во јануари 2025 година. Просечната месечна кирија во Даблин се движеше од 2.294 до 2.704 евра, а националниот просек е 1.995 евра, набројува Н1 Хрватска.

Нов европски план за пристапни станови

Јоргенсен најави дека Европската комисија ќе објави прв „Европски план за пристапно домување“. Планот ќе обезбеди техничка помош за градовите и земјите-членки, ќе се фокусира на инвестиции и ќе предложи стратегии за зголемување на бројот на достапни станови.

Покрај тоа, ЕК ќе поддржи формирање паневропска инвестициска платформа за пристапно и одржливо домување, ќе анализира како шпекулациите со недвижностите влијаат врз кризата и ќе ги поттикне земјите да ги зголемат инвестициите во пристапно домување во рамките на кохезиската политика.

Дополнително, планирани се мерки за регулирање на краткорочното изнајмување, користењето на празни станови и ревидирање на правилата за државна помош за поддршка на социјалното домување и енергетската ефикасност. Оваа иницијатива, која доаѓа во пресрет на европските избори, ќе има ефект и врз Хрватска, каде високите цени на недвижностите и кириите се главна причина за иселувањето на младите.

Continue Reading

Европа

Зеленски: Уште една руска манипулација

Published

on

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи по последното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин.

Зеленски ги опиша изјавите на Путин како „многу предвидливи“ и „манипулативни“, нагласувајќи дека рускиот лидер се подготвува да го отфрли предлогот за прекин на огнот.

„Путин, се разбира, се плаши да му каже на претседателот Трамп дека сака да продолжи со војната и да убива Украинци“, изјави Зеленски, додавајќи дека Москва во моментов работи на создавање на идеја за молчење, со цел да се избегнат какви било конкретни дејствија или да се одложат колку што е можно подолго.

Тој ги оцени зборовите на Путин како „уште една руска манипулација“.

Continue Reading

Свет

Поранешниот советник на Путин: Русија стравува од едно сценарио во прекинот на огнот

Published

on

Владимир Путин веројатно ќе одговори на предлогот за прекин на огнот со свое барање, изјави поранешниот советник на рускиот претседател, Сергеј Марков.

Во интервју за SkyNews, Марков изјави: „Русија се плаши дека периодот на прекин на огнот може да се искористи за целосна милитаризација на украинското општество од страна на НАТО“.

Затоа, како што тврди, Путин најверојатно ќе побара ембарго за испорака на оружје за украинската армија од други земји.

Кога новинар го прашал за можноста за испраќање мировници од европските земји, Марков се насмеал и одговорил: „Британските и француските трупи се дел од војната“. Тој додал дека мировниците обично доаѓаат од неутрални земји.

„Сите војници од европските земји ќе бидат сметани за окупатори, а руските војници ќе ги убиваат сите бидејќи дошле да ја ослободат Украина“, рече Марков.

Тензиите се зголемија кога беше прашан дали Русија ќе ги смета британските мировници за непријатели и учесници во војната.

„Да, затоа што Британија е учесник во војната“, одговори Марков, имајќи ја во предвид воената помош што Обединетото Кралство ја дава на Украина.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк