Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија вкупно 3,5 милиони патници и реализираа 26.500 летови, што претставува зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакнува дека успехот е резултат на стратешки вложувања, модернизација на инфраструктурата, проширување на мрежата на авиолинии и посветеноста на вработените. „Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ рече Курт.
Само во декември 2025, двата аеродрома регистрираа 294.781 патник, што претставува раст од 25% во споредба со декември 2024 година. Бројот на реализирани летови во истиот месец беше 2.019, што е зголемување од 7%.
Дневниот просек на патници во 2025 година покажува стабилен пораст: Скопскиот аеродром дневно опслужувал 8.786 патници (+9%), додека охридскиот аеродром дневно бележел 767 патници (+16,3%). Во текот на целата 2025 година, преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 патници (+8,7%), додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид имал 263.869 патници, со двоцифрен раст од 20%.
Најфреквентна дестинација од Скопје остана Истанбул со 16,6% пазарен удел, а потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%). Најмногу директни летови се остваруваат кон Германија (25,4%), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Скопје летаат 15 авиокомпании до 49 дестинации, додека од Охрид три авиокомпании опслужуваат седум дестинации. Според најавите, од март 2026 година ќе бидат воведени нови авиолинии: Виз ер ќе лета од Скопје до Неапол и повторно до Будимпешта, додека од Охрид ќе започне лет до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ја обнови врската со полските туристи преку летови од Вроцлав и Катовице.









