Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, денеска продолжува во судницата во КПУ „Идризово“ со изведување нови докази преку сведочења предложени од Јавното обвинителство.
Во рамки на претходното рочиште беа сослушани двајца сведоци, кои дадоа исцрпни појаснувања за законските обврски и безбедносните стандарди. Маја Тимовска, раководителка на Секторот за превенција, планирање и развој при Дирекцијата за заштита и спасување, нагласи дека сите субјекти вклучени во системот за заштита и спасување имаат обврска да изготват и достават четири клучни документи: елаборат за заштита и спасување, правилник за заштита од пожари, процена на ризици од природни непогоди и други несреќи, како и план за заштита и спасување. Таа потврди дека оваа обврска важела и за управителите на дискотеката.
Своето сведочење го даде и Верица Милевска-Стефановска, технички советник и претседателка на Комората за приватно обезбедување, која се осврна на процедурите за добивање лиценци, договорните обврски во областа на обезбедувањето и овластувањата на обезбедувачите, особено во однос на контрола на влезот и присуството на малолетници. Таа истакна дека употребата на пиротехнички средства во вакви објекти претставува сериозен безбедносен ризик.
Пожарот, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК, однесе 63 човечки животи и остави повеќе од 200 лица повредени, што го прави еден од најтешките настани во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка, при што обвинението го застапува тим составен од 15 јавни обвинители.












