Македонските купувачи се навикнаа на удобноста да нарачуваат евтини производи од Кина, а мали пратки стигнуваат брзо и директно до нивните домови. Но, сè повеќе се поставува прашањето: дали и нашата земја ќе го следи примерот на Европската унија, која наскоро воведува значајни ограничувања за увозот на евтини пратки?
Во ЕУ веќе е договорено воведување дополнителни такси за сите малопродажни пратки со ниска вредност. Новите правила треба да стапат на сила најдоцна од 1 ноември и ќе се надоврзат на веќе најавената такса од 3 евра за секој артикл со вредност под 150 евра, која почнува да се применува од јули. Целта на овие мерки е да се намали приливот на евтини производи, главно од азиските платформи како Тему, АлиЕкспрес и Шиин, но и да се заштити локалниот пазар од нелојална конкуренција.
Дополнително, европските власти најавуваат строги казни за онлајн платформи кои доставуваат небезбедни или фалсификувани производи, па дури и нивно привремено блокирање. Само минатата година во ЕУ влегле неверојатни 4,6 милијарди мали пратки, од кои над 90% потекнувале од Кина.
Во Македонија, системот за мали пратки се менуваше постепено. До пред неколку години, пратки со вредност до 22 евра беа ослободени од ДДВ и царина, но законските измени го воведоа плаќањето на ДДВ и за најмали порачки, додека царина се наплатува само за повисоки износи. Засега нема конкретни најави за дополнителни давачки како во ЕУ, па останува неизвесно дали нашата земја ќе продолжи по сегашниот модел или ќе воведе построги мерки за увозот на евтини производи.












