Според разузнавачки извори, Саудиска Арабија ја повикуваат администрацијата на Доналд Трамп да ги интензивира нападите врз Иран, додека разгледува и можноста за директно вклучување во конфликтот.
Според извештај на „Њујорк тајмс“, престолонаследникот Мохамед бин Салман го охрабрил Трамп да ја продолжи воената кампања, оценувајќи ја како „историска можност“ за преобликување на Блискиот Исток. Трамп индиректно ја потврди оваа комуникација, наведувајќи дека принцот „се бори со нив“, што ја засили напнатоста околу потенцијалната улога на Ријад во конфликтот.
Иако засега нема официјална одлука за учество на саудиската армија, аналитичарите предупредуваат дека тоа би можело да се случи доколку пропаднат мировните напори, особено оние предводени од Пакистан. Геополитичкиот аналитичар Мохамед Алхамад истакнува дека клучната одлука е на Иран – прифаќање на преговори би можело да ја избегне ескалацијата, додека продолжување на нападите би го надминало прагот за саудиска акција.
Саудиска Арабија веќе беше цел на ирански напади со беспилотни летала, при што еден од нападите го погоди рафинерискиот комплекс во Јанбу. Дополнителна закана претставува можноста за вмешаност на движењето Хути од Јемен, кое располага со значителен ракетен арсенал.
И покрај растечките тензии, Ријад засега одржува внимателна неутралност, но експертите предупредуваат дека секој нов напад врз саудиски цели може да го турне кон директна воена реакција или приклучување кон поширока коалиција. Ривалството меѓу Саудиска Арабија и Иран трае со децении, а дипломатските обиди за намалување на конфликтот, вклучително обновувањето на односите во 2023 година со посредство на Кина, сега се ставени на тест поради тековната војна.












