Изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за војната против Иран предизвикаа бурни реакции и длабоки политички поделби во САД, јавуваат светските медиуми.
Трамп порача дека Иран ќе биде „вратен во камено доба“, изјава што веднаш беше осудена од дел од демократите. Конгресменката Јасамин Ансари остро реагираше, оценувајќи дека ваквата реторика е „одвратна, застрашувачка и зла“, потенцирајќи дека станува збор за земја со милиони жители.
Критики упати и сенаторот Крис Ван Холен, кој изјави дека претседателот ја доведува јавноста во заблуда и предупреди дека ваквите политики претставуваат опасност не само за САД, туку и за светот.
Од друга страна, републиканците застанаа во одбрана на претседателот. Министерот за одбрана Пит Хегсет ја поддржа пораката на Трамп со кратка објава на социјалните мрежи, додека лидерот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом Стив Скализ оцени дека аргументите за воената операција се оправдани.
Според него, долгогодишните активности на иранскиот режим биле причина за ваквиот пристап, особено во контекст на спречување на развој на нуклеарно оружје.
Изјавите на Трамп дополнително ја заострија политичката дебата во САД, каде демократите и републиканците остануваат длабоко поделени околу надворешната политика и пристапот кон Иран.
…












