Полицаец-приправник пукал со службен пиштол во двор во Прилеп, а куршумите завршиле во соседна куќа. По инцидентот, против него и уште еден полицаец е поднесена кривична пријава.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, пријавата до Основно јавно обвинителство Прилеп ја поднел Одделот за внатрешна контрола. Осомничени се В.Ј. и А.Л. за повеќе кривични дела, меѓу кои „предизвикување општа опасност“ и „попречување на правдата“.
Инцидентот се случил на 8 декември 2025 година околу 23:40 часот. В.Ј., кој бил приправник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Прилеп, во дворот на семејната куќа испукал два куршуми од службен пиштол. Оружјето, како што е наведено, му било дадено од А.Л., полицаец во Полициската станица Прилеп.
Двата проектили завршиле во соба од соседната куќа. Кога на местото пристигнале полициски службеници, приправникот земал еден од куршумите од соседниот дом и го преместил во својот двор, со цел да го отежне утврдувањето на фактите.
Според наводите, двајцата потоа се договориле преку телефонски пораки целосно да го негираат настанот.
Одделот за внатрешна контрола најави и дисциплинска постапка против полициските службеници, како и мерки за нивно отстранување од работното место.












