Островите во Егејско Море ова лето се соочуваат со сериозен притисок од масовниот туризам, кој покрај економските придобивки носи и бројни негативни последици. Најпогодени се Миконос и Санторини, кои важат за едни од најатрактивните туристички дестинации во Грција.
Според анализите, овие острови се преплавени со туристи, што доведува до недостиг на вода, натрупување отпад и драстично зголемување на цените. Дополнително, се води жестока трка за последните слободни градежни парцели, со цел изградба на нови луксузни хотели.
Локалното население сè погласно реагира. Жител на Санторини сведочи дека островот е целосно изграден и дека се губи неговиот автентичен изглед. Во меѓувреме, туристите, особено младите, масовно се собираат на познатите локации за фотографирање, што дополнително ја зголемува пренатрупаноста.
Истражувањата укажуваат и на посериозни проблеми. Во Атина, геометар од Миконос бил убиен во инцидент кој се поврзува со т.н. градежна мафија, за која обвинителството тврди дека има значително влијание врз урбанизацијата на островот. Дел од градежните активности се оценуваат како нелегални, додека институциите се соочуваат со критики за недоволна реакција.
Незадоволството расте и на Наксос, каде што веќе се организираат протести против прекумерниот туризам.
Во исто време, како можен модел за излез од кризата се посочува Астипалеа, остров кој се ориентира кон одржлив туризам, со цел да се зачува природната средина и квалитетот на живот на локалното население.
…












