По подолг период без директни визуелни докази, балканскиот рис (Lynx Balcanicus) повторно е регистриран во дивината, овојпат во рамки на Националниот парк „Шебеник”, каде што вработените од албанската служба за заштитени подрачја во Елбасан успеале да го документираат неговото присуство со помош на фотокапани.
Снимките не дошле случајно. Тие се резултат на подолгорочен и внимателно организиран мониторинг, кој вклучува поставување камери во тешко пристапни шумски предели, теренски следења на траги и континуирана работа на стручни тимови кои ја следат состојбата на дивиот свет во регионот. Дополнително, на терен се идентификувани и индиректни докази за движењето на ова ретко животно.
Од Националната агенција за заштитени подрачја истакнуваат дека ова повторно појавување е значаен индикатор за стабилноста на популацијата и за успешноста на мерките за заштита. Според нив, присуството на видот во овој дел од Албанија укажува дека тој постепено ги проширува своите природни живеалишта.
Планината Јабланица, кој се протега кон регионот на Струга, е дел од поширокиот планински систем во кој природно се движи овој редок предатор. Паркот, пак, е основан во 2008 година и географски се поврзува со подрачја како Голо Брдо и административната единица Стеблево, што дополнително ја нагласува неговата важност како коридор за дивиот свет низ регионот.












