Сериозен дипломатски инцидент речиси избувнал за време на преговорите меѓу американската и иранската делегација во Пакистан, објави турскиот новинар Четинер Четин.
Според неговите информации, дошло до остра вербална расправија меѓу иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и американскиот претставник Стив Виткоф, која во еден момент била на работ да прерасне во физичка конфронтација.
Причината за ескалацијата, според објавата, била длабокото несогласување околу контролата и безбедноста на Ормускиот теснец – една од најважните точки за глобалниот транспорт на нафта.
„Имаше сериозна тензија која за малку ќе ескалираше“, напиша Четин на социјалните мрежи, додавајќи дека атмосферата била исклучително напната.
Овие информации засега немаат официјална потврда, но доаѓаат во момент кога разговорите меѓу САД и Иран во Исламабад не донесоа конкретен напредок. Главни точки на несогласување остануваат нуклеарната програма на Техеран и безбедносните прашања поврзани со Ормускиот теснец.
Инцидентот, доколку се потврди, дополнително би ги влошил и онака кревките односи меѓу двете земји.











