Данскиот инвеститор Јенс Киндберг, поврзан со најавата за купување најмалку 1.000 станови во Скопје, е управител на две новорегистрирани градежни друштва во Македонија — „Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“.
Според објавените регистарски податоци, основачи на македонските фирми се истоимени компании од Копенхаген. Данските „Premium Residence ApS“ и „Rubik Tower ApS“ биле регистрирани на 9 септември 2026 година, со Томас Нилсен како директор.
Нивен директен сопственик е „VK Skopje Development ApS“, основана во декември 2023 година. Над неа во сопственичката структура е луксембуршката „Vaekst Holdings S.à r.l.“.

Регистрацијата на двете македонски друштва доаѓа по најавите на инвестициската група „Vaekstkapital“ за проширување на портфолиото на скопскиот пазар на недвижности.
Во февруари годинава беше објавено дека групата веќе купила околу 250 станови во изградба и планира до крајот на 2026 година да достигне најмалку 1.000. Според тогашните информации, становите биле купувани во рана градежна фаза, преку соработка со локални агенции и директно со инвеститори.
Не било прецизирано дали недвижностите ќе бидат понудени за продажба по завршувањето или ќе се задржат за долгорочно издавање. Ниту самото основање на новите фирми не го покажува обемот и роковите на нивните идни градежни проекти.
„Vaekstkapital“ е присутна на бугарскиот пазар од 2014 година. Според корпоративната биографија, Киндберг го презел целосното сопствеништво во 2022 година, а групата се претставува како посредник и управувач со алтернативни инвестициски фондови, насочени кон недвижности, кредитирање и финансиско-технолошки бизниси.
…











