Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Велес против две лица и две правни лица поради сомнеж дека намерно предизвикале стечај за да избегнат плаќање на обврските кон доверителите.
Според пријавата, првопријавениот, сопственик и управител на компанија од Валандово, во периодот од 2020 до 2023 година преземал дејствија со кои требало да ја прикаже компанијата како финансиски неспособна и да ја оневозможи наплатата на долговите.
Обврските, според Финансиската полиција, опфаќале 289,6 милиони денари кон странска компанија и 883.283 денари кон Управата за јавни приходи.

Договор за закуп и пенали од 233,7 милиони денари
Во пријавата се наведува дека управителот склучил договор за закуп со друга компанија со која исто така управувал. Според истражните наводи, договорот не бил реално спроведен ниту евидентиран во сметководството.
По неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали од 233,7 милиони денари. Врз таа основа бил запишан товар врз имотот на компанијата.
По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје донел времена мерка со која било запрено извршувањето.
Позајмица од четири милиони денари пред барањето за стечај
Според Финансиската полиција, по неуспешниот обид за отуѓување на недвижниот имот, првопријавениот, со помош на управител на компанија од Дојран, презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај.
Во тој процес биле префрлени четири милиони денари по основ на позајмица. Средствата претходно биле примени од компанија основана од сопругата на првопријавениот, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото.
Наводите се дел од кривичната пријава доставена до обвинителството и не претставуваат правосилно утврдена вина.
…











