Околу 168 милиони денари од општинскиот буџет се обезбедени за рехабилитација на улици во градското подрачје и населените места во Прилеп, соопшти градоначалникот Дејан Проданоски во прегледот на реализираните, тековните и планираните инфраструктурни проекти.
Тој најави дека наскоро ќе започне реконструкцијата на улиците „Трајко Николоски“ и „Орде Чопела“, со вкупна вредност од околу 180 милиони денари. Меѓу следните инвестиции ги издвои и изградбата на дел од улицата „Победа“, од крстосницата со „Александар Македонски“ до „Павел Шатев“, како и изградбата на мост на истата улица. Овие два проекта се вредни повеќе од 100 милиони денари и ќе се реализираат преку Министерството за транспорт.
„Подобрата инфраструктура значи побезбеден сообраќај, поуредени јавни простори, подобри услови за стопанството и нови можности за инвестиции и работни места“, истакна Проданоски.

Во отчетот се осврна на реконструкцијата на водоводната инфраструктура на улицата „Кузман Јосифоски“, вредна 5.902.588 денари, со поддршка преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Зафатот опфаќа 300 метри главна водоводна линија и дополнителни 140 метри секундарна мрежа. Рехабилитацијата на улицата, во должина од 300 метри и на површина од околу 3.000 квадратни метри, е реализирана со општински средства.
На пречистителната станица е поставена фотонапонска електроцентрала со капацитет од 540 киловати, инвестиција од 10.137.176 денари реализирана преку Министерството за транспорт. Според Проданоски, производството на сопствена електрична енергија треба да ги намали трошоците на станицата.
Во тек се и проектите за водоводна мрежа во Лениште, вреден 20 милиони денари, и до манастирот „Св. Димитрија“ кај Селце, вреден 9.779.604 денари.
За подобрување на комуналната инфраструктура се предвидени полуподземни контејнери на 21 локација, со околу 18 милиони денари обезбедени преку Министерството за животна средина. За чистење на коритото на градската река се планирани три милиони денари, а постапката за избор на изведувач е во тек.
Проданоски информираше и дека е склучен договор со изведувач за нова училишна спортска сала во Мало Коњари, вредна повеќе од 30 милиони денари. Салата треба да обезбеди услови за настава по физичко образование и спортски активности за учениците и жителите од поширокиот регион.
Меѓу проектите што се подготвуваат се обиколниците Исток и Запад, инфраструктурното уредување на населбата Градина, реконструкцијата на улиците „Александар Македонски“, „Егејска“, „Бистра Планина“, „Осоговска“ и „Зеленгора“, како и нови улици во индустриската зона кај „Комфи Ангел“.
Предвидени се и реконструкција на мостот на улицата „Цане Илиески“ и поставување фотоволтаици на ООУ „Добре Јованоски“ и Гимназијата. Паралелно се одвиваат зафати за јавни тоалети во центарот, на Могилата и кај стадионот со вештачка трева во населбата Типски.
Посебен приоритет, според градоначалникот, е новиот Генерален урбанистички план. Со него се планира проширување на градежниот опфат за дополнителни 310 хектари и создавање услови за нови станбени, деловни и индустриски капацитети.
„Градот во кој сакаме да има причина да се остане, можност да се успее и гордост да се живее“, порача Проданоски, нагласувајќи дека инвестициите треба да остават трајна вредност за Прилеп.
ВИДЕОТО МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
…











