Неколку физички напади, приведувања и пронаоѓање лице пријавено за исчезнато се евидентирани во полицискиот билтен за Тетово и тетовско на 30 октомври.
Во 12:45 часот, 40-годишниот Џ.Е. од Требош пријавил дека на улицата „29 Ноември“ бил физички нападнат со тврд предмет од Ш.Д. од Бојане. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Во друг случај, татко од Тетово пријавил дека неговиот малолетен син, по завршување фудбалски тренинг во спортскиот центар АМЦ, каде тренирал за ФК Шкендија, бил следен од две лица на мотоцикл. Според пријавата, тие имале намера да го нападнат, но малолетникот успеал да избега. Случајот се расчистува.

Истиот ден, татко заедно со својот 14-годишен син пријавиле дека момчето било физички нападнато од соученик од тетовско основно училиште. Се преземаат мерки за документирање на настанот.
На улицата „Илинденска“, во 18:45 часот, полицијата лишила од слобода 61-годишен жител на Чајле, по пријава од 48-годишна жена и нејзината 25-годишна ќерка од Горна Бањица. Според пријавеното, мажот, со кого мајката била во блиски односи, ја навредувал ќерката, а потоа физички ја нападнал мајката. Тој е задржан во полициска станица, а по документирањето ќе следува соодветен поднесок.
Во Боговиње, во 21 часот, полициски службеници од Полициското одделение Камењане лишиле од слобода 44-годишен жител на Пирок, кај кого била пронајдена и одземена марихуана.
Врз основа на судска наредба, на улицата „Ѓорче Петров“, во близина на Камениот мост, бил приведен и 63-годишен тетовец. Тој бил предаден во Затвор Тетово за издржување затворска казна.
Полицијата соопшти и дека на улицата „Илинденска“ бил пронајден 27-годишниот Б.И. од Тетово, кого неговиот татко претходниот ден го пријавил дека се оддалечил од домот.
…











