Соединетите Американски Држави нудат награда до 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма. Понудата е објавена преку програмата „Награди за правда“ на Стејт департментот, а ја пренесе и Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ). За лицата што ќе достават информации е предвидена и можност за преселување.
Вашингтон бара податоци за нуклеарните објекти, опремата и лицата вклучени во програмата, меѓу кои и научници. Понудата опфаќа и информации за преместување на опремата или за движење на персоналот. Во објавата не е прецизирано какви информации би биле доволни за исплата на максималната награда.
Во образложението, Стејт департментот се повикува на наодите на Меѓународната агенција за атомска енергија од 2025 година, според кои Иран збогатувал ураниум до 60 отсто. Американската страна наведува и дека агенцијата веќе не можела непрекинато да ги следи производството и залихите на клучна опрема, меѓу која и центрифугите.
…












