Полска прогласи два дена национална жалост по вооружениот напад во историскиот центар на Краков, во кој во саботата беа убиени најмалку шест лица, а повеќе луѓе беа повредени. Полскиот министер за одбрана Владислав Кошињак-Камиш изјави дека земјата се соочува со терористички чин.
Осомничениот, 24-годишен полски државјанин чие име не е објавено, бил ранет во размена на оган со полицијата во близина на главниот плоштад и бил пренесен во болница. Надлежните ги истражуваат мотивите и околностите на нападот.
Министерот за внатрешни работи Марчин Кјервињски изјави дека првичните сознанија укажуваат оти осомничениот најверојатно бил фасциниран од идеологијата на крајната десница. Тој нагласи дека станува збор за сознанија што се дел од истрагата.
Според информациите на полските власти, напаѓачот со автомобил влегол на главниот плоштад во Краков, во историскиот Стар град, по што отворил оган кон, како што се претпоставува, случајно избрани лица.
Полицијата соопшти дека во нападот биле убиени четири жени и двајца мажи. Меѓу жртвите има и британска државјанка. Според полициските информации, повредени биле 11 полски и пет странски државјани, а меѓу повредените се и двајца полицајци.
Кјервињски изјави дека осомничениот имал дозвола за огнено оружје. Според министерот, во неговиот автомобил биле пронајдени голема количина муниција и друго огнено оружје.
На снимка направена од очевидец, која ја емитуваше телевизијата ТВН24, се гледа осомничениот како лежи на тротоар облечен во воена опрема и панцир. Полскиот министер за одбрана изјави дека тој немал врски со полската армија.
Три тела пронајдени во домот на осомничениот
Полскиот премиер Доналд Туск доцна во саботата соопшти дека во домот на осомничениот биле пронајдени уште три безживотни тела. Според првичните информации што ги изнесе премиерот, најверојатно станува збор за членови на неговото семејство.
Надлежните продолжуваат да ги утврдуваат идентитетот на пронајдените лица и околностите под кои настапила нивната смрт.
Претседателот на Полска, Карол Навроцки, прогласи национална жалост за 8 и 9 ноември во знак на почит кон жртвите на нападот.
Краков, вториот по големина град во Полска, е една од најпосетуваните туристички дестинации во земјата. Неговиот историски центар, познат по средновековната архитектура и главниот плоштад, се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО.
…











