Бројот на компании што прогласиле несолвентност во Германија во 2025 година бележи драматичен раст, надминувајќи го нивото од времето на светската финансиска криза во 2009 година. Според податоците на германскиот завод за статистика Destatis, во декември е регистрирано зголемување на започнати стечајни постапки од 15,2 отсто во однос на истиот месец лани, што е значително побрзо темпо во споредба со ноемвриските 5,7 проценти.
Статистичарите нагласуваат дека станува збор за започнати постапки за несолвентност, додека во официјалните годишни бројки се вклучуваат само завршените процедури, кои во просек траат околу три месеци. Затоа конечните податоци за целата година сè уште не се објавени.
Сепак, Институтот за економски истражувања во Хале (IWH) проценува дека во текот на 2025 година пропаднале околу 17.604 компании, што е повеќе од рекордот забележан за време на врвот на глобалната финансиска криза. Според IWH, корените на сегашниот бран на банкроти се во последиците од пандемијата, кои сè уште ја оптоваруваат ликвидноста на фирмите, но и во наглиот раст на каматните стапки и послабите економски перформанси на Германија.
Најпогодени се секторите транспорт, угостителство и градежништво, каде што високите трошоци, послабата побарувачка и скапото финансирање создаваат услови во кои сè поголем број компании не успеваат да опстанат. Овие трендови, според економистите, укажуваат дека германската економија се соочува со сериозен структурен и финансиски притисок кој може да продолжи и во наредниот период.










