Нафтоводот Солун–Скопје официјално е повторно ставен во функција на последниот ден од минатата година, со што по 13 години прекин повторно се воспоставува директен енергетски коридор меѓу Грција и Северна Македонија. Информацијата ја соопшти извршниот директор на „Helleniq Energy“, Андреас Сиамисис, на настан на компанијата, а ја потврдија и извори од грчката компанија за дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, првата пратка веќе е успешно испорачана, а во наредниот период се очекува и втората, што практично го означува почетокот на редовното функционирање на нафтоводот. Сиамисис истакнал дека нафтоводот претставува клучен вертикален коридор за снабдување со традиционални енергенси, при што главниот производ што ќе се транспортира е дизел горивото, кое има најголема побарувачка во регионот.
Дополнително, нафтоводот не само што ќе го олесни снабдувањето на Северна Македонија, туку ќе овозможи и зголемен извоз кон Косово, јужна Србија и Бугарија, со што се зајакнува и геополитичката улога на Грција во поширокиот регион. Во исто време, со пренасочување на транспортот од цистерни кон нафтовод, значително ќе се намали сообраќајниот метеж и загадувањето во Солун, кое во изминатите години беше зголемено поради камионскиот превоз на гориво.
Премиерот Христијан Мицкоски кон крајот на ноември изјави дека Владата ги презема сите потребни чекори за повторно ставање во функција на продуктоводот, нагласувајќи дека биле завршени испитувањата и дека се подготвуваат или веќе се спроведуваат тестовите за притисок. Тој тогаш најави дека се очекува нафтоводот да почне со работа во текот на оваа година, а ценовникот за негово користење веќе бил усвоен на владина седница.
Мицкоски посочи дека по ставањето во функција, компаниите ќе одлучуваат дали ќе го користат нафтоводот врз основа на економскиот интерес. Според податоците на „Helleniq Energy“, нафтоводот има капацитет годишно да пренесува до 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати, вклучувајќи дизел, керозин и бензин.
Нафтоводот беше неактивен од 2013 година, а од 2020 година започнаа интензивни активности за негово реактивирање, по формирањето на заедничка комисија меѓу засегнатите страни. Со неговото повторно ставање во функција, регионот добива побезбеден, поефикасен и поеколошки начин за снабдување со енергенси.










