Пукнати цевки, влага, нефункционална вентилација, поплавени гаражи и целосен недостиг на звучна изолација – вакви проблеми ги мачат дел од граѓаните и години по вселувањето во новоизградени станови во Скопје, иако квадратниот метар се продава по цена споредлива со европските метрополи.
Скопјанецот Атанас Ј. веќе девет години живее во стан во комплекс згради на улицата „Македонска војска“ во Ѓорче Петров, но проблемите не престануваат. По протекување од станот над него, кујната станала неупотреблива, а гаражата на ниво -1 се поплавува при секој дожд. Дополнително, слабата звучна изолација овозможува разговорите на соседите јасно да се слушаат.
Станот го граделе двајца различни инвеститори, по катови, што довело до нелогични решенија – на пример, купатило над кујна, па при дефект на инсталациите водата завршува во простории каде не ѝ е местото.
Слично искуство има и Моника Младеновиќ од Тафталиџе, која во 2023 година се вселила во нов стан купен по 1.250 евра за квадрат. Само една недела по вселувањето, ѝ се поплавиле кујната и купатилото, а при обид да закачи телевизор открила дека зад гипс-картонот има необработена цигла. Вентилацијата не функционирала, паркингот бил небезбеден, а договорот за купопродажба бил потпишан дури по добивањето на имотниот лист.
Во Ново Лисиче, пак, Марија Најдова по секое туширање собира вода од купатилото бидејќи наместо кон сифонот, таа тече наназад. Проблемот, според неа, е неправилно изведен пад на подот, кој и по интервенции од мајстори останал ист.
Архитектот Никола Велковски, поранешен главен архитект на Скопје, оценува дека ваквите проблеми се правило, а не исклучок. Според него, околу 80 проценти од приватните инвеститори не се градежни фирми, туку луѓе без искуство во секторот, чиј единствен мотив е профитот. Тој вели дека статиката најчесто е сигурна, но сè друго е изведено површно и неквалитетно, без сериозен надзор и со евтини материјали.
Од Организацијата за домување и станари предупредуваат дека станува збор за системски пропусти – од проектирање до изведба. Граѓаните, според нив, често немаат јасни договори, не се доволно информирани за своите права и практично остануваат без ефективна заштита.
Иако законите предвидуваат контрола, во пракса никој не го проверува квалитетот на завршените станови. Општините издаваат дозволи и ги следат роковите, но немаат надлежност да утврдат дали станот е квалитетно изграден. Надзорот го вршат фирми ангажирани од самиот инвеститор, што ја доведува во прашање нивната независност.
Со растот на цените – над 2.500 евра за квадрат во атрактивните делови на Скопје и рекордни над 3.000 евра за метар квадратен во Центар – купувачите плаќаат европски цени, а добиваат станови со сериозни технички и функционални недостатоци. Во отсуство на реална контрола и одговорност, тие најчесто остануваат сами во обидот да ги решат проблемите што се појавуваат веднаш по вселувањето.










