Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток денеска достигна ново ниво, откако Иран изведе серии напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив, само неколку часа откако државната телевизија соопшти дека Моџтаба Хамнеи, син на убиениот врховен лидер Али Хамнеи, е именуван за негов наследник. Како централна фигура во воената стратегија на Иран, помладиот Хамнеи ќе има директна врска со Револуционерната гарда, која е главната паравоена сила на земјата.
Саудиска Арабија реагираше со остро предупредување дека ќе биде „најголемиот губитник“ ако Иран продолжи со агресивните акции. Денешниот напад со дрон врз големото нафтено поле Шајбах следува по претходен напад во кој загинаа двајца државјани на Бангладеш. Противвоздушната одбрана на Саудиска Арабија успеа да пресретне дронови во северниот регион Џавф и во близина на Шајбах, додека во градот Караџ беа убиени двајца Бангладешанци, а 12 лица беа повредени.
Иранската агресија не заобиколи ниту Бахреин, каде сирените повторно се огласија поради доаѓачки проектили. Рафинеријата во Ситра беше зафатена од пожар, а државната нафтена компанија прогласи „виша сила“, ослободувајќи се од договорни обврски поради вонредни околности. Според официјалните извештаи, пожарот предизвикан од иранските напади не резултираше со жртви, но предизвика материјална штета во близината на селото Маамер.
Обединетите Арапски Емирати исто така потврдија дека нивната противвоздушна одбрана втор ден по ред пресретнала дронови и ракети од иранско потекло. Израелската војска, пак, одговори со напади врз ирански цели во градот Исфахан, вклучувајќи команден центар на Револуционерната гарда, волонтерските сили Басиџ и постројки за производство на ракетни мотори.
Иран засега не потврдува дека нападите се извршени и не објави детали за материјалните загуби од почетокот на конфликтот на 28 февруари. Последиците веќе се видливи на глобалните пазари, цените на нафтата нагло се зголемија, што го зајакна стравот од инфлација и намалена потрошувачка во САД, додека азиските берзи, вклучувајќи го референтниот индекс Никеи 225 во Токио, забележаа значителен пад, губејќи до седум проценти во тргувањето.














