Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, порача дека Украина треба да ги исполни истите критериуми за членство во Европската Унија како и земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде фер и еднаков за сите кандидати.
На неформалниот Самит на Европската Унија, кој се одржува на Кипар, Бабиш истакна дека поголемиот број европски лидери се залагаат за примена на исти стандарди за сите земји кои се стремат кон членство.
„Ако земјите од Западен Балкан мора да исполнат одредени услови за влез, тогаш истото мора да важи и за Украина. Бараме исти критериуми за сите нови членки“, изјави Бабиш.
Тој додаде дека во наредниот период се очекуваат тешки преговори околу новиот буџет на Европската Унија за периодот 2028–2035 година, при што изрази незадоволство од предлогот на Европската комисија за намалување на средствата наменети за Чешка.
Според неговите изјави, станува збор за околу 20 проценти помалку средства, односно приближно 9 милијарди евра помалку во однос на претходниот буџетски период.
„Тврдат дека Чешка е побогата, но не е јасно врз основа на што е донесен тој заклучок. Ова е неприфатливо“, нагласи Бабиш.
Тој порача дека приоритет на неговата влада ќе биде зачувување на досегашното ниво на европски средства за земјата во следната седумгодишна финансиска рамка.












