Со 188 гласа „за“, бугарскиот парламент ја избра д-р Михаела Доцова од „Прогресивна Бугарија“ за нова претседателка на Народното собрание, пренесуваат тамошните медиуми. Со ова гласање, 42-годишната правничка и административен експерт ја презеде една од највлијателните функции во бугарскиот законодавен дом.
Во своето прво обраќање од говорницата, Доцова испрати порака за институционално зајакнување и државна стабилност, нагласувајќи дека Бугарија се наоѓа во момент кога ѝ е неопходно не само ефикасно управување, туку и длабоко обновување на државните темели. Таа порача дека работата на парламентот мора да се води со поглед подалеку од дневно-политичките интереси, кон долгорочната иднина на државата.
„Парламентарците не се тука за да реагираат на моментот, туку да ја носат одговорноста кон иднината на републиката. Историјата памети само она што е суштинско и конструктивно“, истакна новата претседателка.
Таа посебно ја потенцираше важноста на владеењето на правото, повикувајќи на враќање на довербата во институциите и зајакнување на квалитетот на законодавниот процес. Според неа, функцијата што ја презема бара доследно почитување на достоинството на Народното собрание и неговата уставна улога.
Изборот на Доцова, која важи за кадар со богато искуство во јавната администрација, во политичките кругови се толкува како сигнал за враќање кон експертски пристап во работењето на институциите. Нејзината професионална биографија опфаќа ангажмани во извршната власт, како и работа во службите на самото Народно собрание и во регионалната администрација на Софија, што ѝ дава, како што се оценува, длабоко разбирање на државниот систем уште пред да влезе како пратеник.
Политичкиот контекст во кој доаѓа оваа промена е резултат на неодамнешните избори во Бугарија, осми по ред во последните пет години. Коалицијата „Прогресивна Бугарија“, предводена од Румен Радев, освои убедливо најголем дел од гласовите – 44,69 проценти – што ѝ донесе 131 пратеничко место во 240-члениот парламент и апсолутно мнозинство за формирање влада.
Зад неа следуваат ГЕРБ-СДС со 39 мандати, коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ со 37, ДПС со 21 и „Преродба“ со 12 пратеници.
…












