Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) го советувала претседателот Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора поради, како што наведува, „висок безбедносен ризик“ поврзан со активности на странски служби и криминални групи.
Според БИА, оперативни сознанија укажуваат дека во Црна Гора се наоѓа Радоје Звицер, за кој се тврди дека е еден од водачите на „кавачкиот клан“. Црногорските власти засега не го коментираа ова тврдење.
И покрај препораката, претседателот на српскиот парламент Ана Брнабиќ изјави дека Вучиќ планира да присуствува на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, каде се очекуваат европски лидери.
Во меѓувреме, 87 лица кои пристигнале од Белград со чартер-лет биле вратени од Црна Гора, откако им бил забранет влез по безбедносна проценка. Црногорското МНР соопшти дека ќе обезбеди безбедно одржување на самитот и гостопримство за сите учесници.
…











