Денес се навршуваат 40 години од трагичната смрт на македонскиот архиепископ г.г. Ангелариј, кој загина во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура, на патот Прилеп – Скопје.
По неполни пет години како поглавар на Македонската православна црква, архиепископот Ангелариј го загуби животот кога службениот „мерцедес“ во кој се наоѓал, под сè уште неразјаснети околности, се судрил со цистерна со српски регистарски таблички. Во несреќата загинал и неговиот возач.
Во јавноста и денес постојат сомнежи околу околностите на трагедијата. Внуката на архиепископот, Татјана Попоска, која патувала со него кобниот ден, смета дека не станувало збор за обичен сообраќаен инцидент. Според неа, причината можеби била неговата беседа на гробот на Гоце Делчев, во која се залагал за обединување на Македонија. Таа посочува дека дополнителни сомнежи предизвикува и фактот што осудените возачи на цистерните отслужиле само мал дел од изречените казни.
„Го држев дедо ми во раце кога ја испушти душата. Загина и неговиот возач. До денес живеам со последиците од таа трагедија“, изјавила Попоска.
Архиепископот Ангелариј, роден како Цветко Крстески на 25 март 1911 година во прилепското село Долнени, потекнувал од свештеничко семејство. Во текот на животот бил учесник во Народноослободителната борба и еден од првите организатори и раководители на Македонската православна црква по ослободувањето.
По повод годишнината, беше споделена и реставрирана фотографија од прославата на Илинден во манастирот Трескавец, направена на 2 август 1982 година. На неа се прикажани митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, архиепископот Ангелариј и дедо Михаил, а во позадина може да се забележи и Свети Гаврил Велички – Светогорец.
Фотографијата претставува значајно сведоштво за духовниот живот на Македонската православна црква и за личностите кои оставиле длабока трага во македонската историја и духовност.
Нека им е вечен споменот на сите упокоени духовни пастири, а нивното дело нека биде инспирација за идните генерации.
…













