Скопје, 17.06.2026 година – Во тек е акцијата на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зајакнување на овдешната популација на модроврани преку изработка и поставување куќарки. Сакајќи да им обезбеди сигурен дом на овие прекрасни птици, МЕД ги повикува граѓаните да ја поддржат кампањата со симболична донација на следниот линк: https://mes.org.mk/product/donacija-za-kukjicki-za-modrovranite/
Некогаш широко распространета низ котлините во Македонија, модровраната (Coracias garrulus) денес ја сретнуваме само во Овче Поле, Скопската котлина и низ Повардарието до Демир Капија. Губењето на старите дрвја и на природните дупки за гнездење за оваа птица значи ограничени можности за размножување и поранлива популација.
„Преку теренските истражувања во изминатите години утврдивме дека модровраните кај нас сè потешко наоѓаат места за гнездење. Затоа лани изработивме и поставивме неколку куќарки кои, на наше големо задоволство, се уверивме дека годинава веќе им станале дом на овие птици. За да можеме да обезбедиме уште повеќе куќарки и така да ја зголемиме бројноста на модровраните, потребна ни е поддршка и решивме да ја побараме од граѓаните“, објаснува Славе Накев, проектен координатор во МЕД.
Модровраната е средноголема преселна птица, со должина меѓу 29–32 см и распон на крилјата меѓу 52-58 см. Препознатлива е по азурносината боја на пердувите, кои на крилјата стануваат портокалово-кафеави одгоре и црни оддолу. Се размножува во топли, суви и пространи предели со помалку дрвја, низ Европа и Централна Азија. Секоја година, на патот до Африка, може да помине и до 10 000 километри.
Освен што е прекрасна птица, модровраната им е важен сојузник на земјоделците. Се храни со големи инсекти и мали глодари и така природно ги регулира штетниците. Токму затоа, нејзиното присуство се смета за показател за здрав и добро зачуван земјоделски предел.
Сите љубители на птици и на природата може да се вклучат во акцијата на овој линк. Донаторската акција ќе трае најмалку до крајот на јуни, а изработката и поставувањето на куќарките ќе се спроведе во текот на летото.
…













