Поништениот гол на Хрватска во драматичната завршница од натпреварот против Португалија и натаму е една од најкоментираните теми во фудбалската јавност. Во центарот на вниманието е технологијата вградена во топката, која според достапните информации регистрирала контакт на Игор Матановиќ со топката, што било клучно за досудениот офсајд и поништувањето на голот на Јошко Гвардиол во 102. минута.
По натпреварот, на социјалните мрежи се појавија снимки кои отворија нова дебата. Дел од навивачите и аналитичарите сметаат дека Матановиќ воопшто не ја допрел топката и дека таа се одбила од португалски фудбалер пред да стигне до Марио Пашалиќ, кој асистираше за погодокот.
На најголемите натпреварувања под капата на ФИФА се користи таканаречената „поврзана топка“, во која е вграден инерцијален сензор што регистрира секој допир дури 500 пати во секунда. Податоците веднаш се испраќаат до VAR-собата и се користат во комбинација со полуавтоматскиот систем за офсајд.
Оваа технологија може да детектира и исклучително слаб контакт што не е видлив ниту на телевизиските снимки, што дополнително ја подгреа дебатата околу спорната ситуација.
ФИФА засега не ги објави техничките податоци од сензорот ниту комуникацијата меѓу судиите во VAR-собата, па прашањето дали навистина имало контакт останува без официјален одговор.
Додека едни веруваат дека технологијата е доволно прецизна за да регистрира и минимален допир, други сметаат дека Хрватска е оштетена и дека ѝ бил поништен регуларен гол кој можел да го однесе натпреварот во продолженија.
Спорната одлука предизвика бројни реакции и повторно ја отвори расправата за улогата на современата технологија во фудбалот и нејзиното влијание врз исходот на најважните натпревари.
…











